Легендарниот музичар Пол Макартни напиша нова книга за деца, „Hey Grandude!“, која ќе се најде во продажба во септември следната година преку „Рендомхаус кидс“. Иако насловот на сликовницата потсетува на еден од најголемите хитови на „Битлси“ – Hey Jude, во видеонајавата Макартни открива дека инспирацијата за името доаѓа од еден од неговите осум внуци. Тој еден ден му викнал „Hey, grandude“ (Еј, деденце). Набрзо тоа станало негов прекар меѓу децата. На „битлсот“ тоа му звучело интересно и го употребил зборот како наслов за својата книга.
Во оваа илустрирана книга главниот лик е еден дедо кој заминува во интересни авантури со своите внучиња со помош на магични разгледници. Илустрациите се на канадската уметница Кетрин Дорст. Макартни книгата ја посветува на сите дедовци во светот и на нивните внучиња.
Ова не е прва книга за деца од Пол Макартни. Во 2005 година ја објави „Високо во облаците“ (High in the Clouds), по која е снимен и филм.
Извор: Rollingstone.com