Книгата за деца „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ од нашата позната авторка за деца и млади, Билјана С. Црвенковска, набрзо ќе биде објавена на српски јазик. Книгата, која на српски јазик ќе излезе под наслов „Шест чаробних колачића“, ќе ја објави престижната белградска издавачка куќа „Лагуна“ под детскиот импринт „Мала Лагуна“. На својата интернет-страница издавачот најавува дека книгата ќе се најде во продажба во октомври.
„Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ е сосема неверојатна приказна за едно неверојатно девојче кое не сака да си го открие името, за една исто толку неверојатна бела мачка, за еден парк по име Зеленпарк што крие мнооогу мистерии, за еден дух од таванот, за еден мистериозно исчезнат поет и уште многу други чудни нешта. Плус, ова е прирачник за женските што сакаат да станат супервештерки и тест „Каква вештерка си?“ Суперкреативни вештерски дневник и вештерска чкртанка-цртанка само за ТЕБЕ!
Илустрациите на „Супервештерката…“ се на Здравко Гиров, а преводот на српски е на Зоран Пеневски.
Книгата на македонски јазик во издание на „Либи“, импринт на „Арс Ламина“, е достапна во книжарниците „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, ТЦ „Рамстор“ и „Скопје сити мол“, како и во повеќе книжарници во Скопје и низ Македонија, а може и да се нарача на следниот линк.