„Лекторските приказни“ ќе ги разрешуваат правописните и граматичките дилеми

Со цел да ги решат правописните и граматичките дилеми со кои секојдневно се соочуваат, група лектори по македонски јазик на 1 октомври (понеделник) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ ќе го почнат серијалот средби под наслов „Лекторски приказни“. На состаноците, кои ќе се одржуваат секој прв понеделник во месецот, ќе ги отворат сите прашања и теми со кои се среќаваат прегледувајќи текстови во медиумите или издавачките куќи. Еден од иницијаторите на овие собири, Дејан Василевски, вели дека идејата за „Лекторските приказни“ настанала сосема спонтано.
– Секогаш кога случајно ќе се сретнеме неколку лектори, нашите разговори никогаш не прекинуваат. Па, така, решивме нашите лекторски „приказни“ да ги правиме барем еднаш месечно и да пробаме да си ги решиме лекторските маки. Целта на средбите е да си помогнеме самите на себеси. Сакаме да разговараме за секојдневните проблематики со кои се соочуваат лекторите. Имаме недостиг од речиси сè, а оставени сме да се снаоѓаме. Иронијата е што имаме стари речници што можат лесно да се набават во книжарниците и нови речници на кои им е исцрпен тиражот. Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ работи пребавно, Советот за македонски јазик при Министерството за култура не функционира веќе подолго време – објаснува Василевски, кој е долгогодишен лектор во познати медиуми, сајтови, магазини и во издавачката куќа „Арс Ламина“.
Неговата колешка Викторија Мирческа, која се приклучи на иницијативата, вели дека покрај разрешување на правописните и граматичките дилеми, ќе разговараат и за најчестите прашања што ги поставуваат луѓето секојдневно.
– Во фокусот ќе бидат и јазичните проблеми во општата комуникација или на социјалните мрежи. Можеби конечно ќе ги поразговараме отворено и јавно, и ќе најдеме заеднички решенија за она што немаме, да слушнеме мислења, да размислуваме и малку надвор од границите и да ја кренеме свеста за важноста и употребата на нашиот јазик. Најчест проблем се застарените речници, нередовното обновување на фондот на зборови, недоволно стручни термини, само преземена стручна литература без подлабока анализа на јазичниот израз. Чести несоодветни преводи со реченични конструкции во англиски стил. Непочитување на граматичките правила, недоволно отворена и конкретна соработка со Институтот за македонски јазик и ред други проблеми кои најчесто останува сами да ги решаваме најдобро што можеме, соодветно на ситуацијата во која ќе се најдеме. Предизвик е да се биде лектор по македонски јазик, воопшто, во денешно време. Почнувајќи од недоволната практична законска заштита на јазикот, не само на хартија, продолжувајќи со влијанието на сите медиуми, супкултури, модерни изрази и појави, па завршувајќи со книгите кои можеби некогаш биле недопирливо најчистата јазична форма. Сега е сѐ поинаку и мора да го бараме балансот и компромисот помеѓу нормата, модата и желбата или стилот на авторот – вели таа.

Нагласуваат дека, за жал, постојано се прават отстапки од македонскиот правопис.
– Според моето мислење и премногу се отстапува од стандардниот македонски јазик. Најголем проблем во моментов е што имаме експанзија на преводи на странска литература со нестандарден јазик, односно современата европска белетристика, што преку разни книжевни фондови доаѓа кај нас, најчесто е пишувана на сленг или на дијалект – вели Василевски.
На ова Мирческа додава:
– Правописот, Правописниот речник и Толковниот речник се „трите свети книги“ во нашата професија, па иако не би сакале, често сме принудени да правиме отстапки, особено ако немаме баш најјасно образложение на прашањата и дилемите во некоја од овие книги. Се случуваат отстапки зависно од намената на текстот, дали е поважно да биде поблиска до одредена целна група, па јазикот мора да се приспособи или доколку за еден ист проблем забележиме недоволно јасни или непрецизни и различни објаснувања во „трите свети книги“.
На прашањето колку издавачите, уредниците и авторите имаат одговорност кон зачувување на македонскиот јазик, Василевски вели дека „тоа се три различни ставки и секоја варира и кај издавачите и кај уредниците и кај авторите или преведувачите. Но, можам да издвојам дека зачувувањето на македонскиот јазик варира во однос на целите на издавачката куќа, искуството на уредникот и начитаноста на авторот или на преведувачот“.
– Нивната одговорност е најголема. Од нив почнува и завршува сѐ. Тие ги одбираат авторите и книгите, како содржински, тематски, така и стилски, јазично. Тие ги поставуваат границите до каде ќе бидат нештата дозволени и дали ќе се слуша повеќе гласот на лекторот или на авторот. Со тоа ја преземаат и одговорноста да застанат целосно зад делото кое може тематски да биде маестрално, но јазично катастрофално. Колку повеќе се дозволува жаргонскиот начин на изразување кај авторите, и се печатат таквите дела, толку повеќе се поддржуваат и се нудат на читателите, што лично сметам дека е поразително на долг рок – додава Мирческа.

Се согласуваат дека лекторската битка за јазикот е донкихотска во медиумите. Уредниците, новинарите и сопствениците на медиумите немаат секогаш слух за правилата и потребата од следење на прописите за користење на јазикот.
– За оваа наша битка е пишувано многу, а ништо не е направено. Сепак, во целата приказна јас би го додал пиарот. Од моето лекторско искуство, досега најголемите маки со писменоста доаѓаат од пиар-текстовите, кои полека, но сигурно стануваат главните „убијци“ на македонскиот јазик – вели Дејан.
– Веројатно оние кои имале можност некогаш да соработуваат со лектори, оние кои имале искуство со строги правила и начин на изговор, дикција, точност, во секоја смисла, и кои успеале да го постигнат тоа, знаат колку вреди и како некогаш можело да звучи. Денес медиумите се машинерија со сериско производство, што некогаш се чини дека е пуштена како авион без пилот, во единствената трка „кој прв ќе каже“, без разлика како. Потоа следат критики, забелешки, но секое чудо за три дена, повеќе го гледаат тоа како публицитет, отколку како прекор. Затоа што продолжуваме да ги следиме истите медиуми, не ги бојкотираме, не ги казнуваме. Зошто би се загрижувале тогаш? – се надоврзува Викторија.
Проблеми настануваат и со големиот прилив на странцизми, што полека се одомаќинуваат во секојдневниот говор и во пишувањето. Некои од нив веќе се дел од академската и од медиумската комуникација. Лекторите велат дека некои од нив ги прифаќаат, а некои ги заменуваат со соодветен збор од фондот на Правописниот речник. Нагласуваат дека многумина би се зачудиле колку многу зборови од литературниот јазик може да се употребат при објаснување на некои странцизми.
– Од позиција на лектори наше е да ги коригираме и да наоѓаме соодветни замени, но тоа треба и некој да го побара или да сака да го примени, подобри. Проблемот и решението се во училишните клупи, образованието и домашното воспитување. За тоа не можеме да се бориме сами. Всушност, не би требало да се бориме, воопшто. Треба да соработуваме – кажуваат тие.

Социјалните мрежи и новите медиуми исто така многу ја менуваат ситуацијата. Дали таа битка е изгубена?
– Не сум оптимист, со оглед на тоа што се случува сега, но можеби ќе се смени во иднина. Социјалните мрежи и новите медиуми во моментов не можат да се контролираат ни законски, а камоли јазично, па така, ќе мораме да почекаме и да видиме како ќе се развива сето тоа – вели Василевски.
Според Мирческа „битката е завршена од моментот кога не се презеде ништо за да се исконтролира напливот на сите „модерни“ зборови, масовната употреба на интернетот“.
– Доцна се преведоа поставките на „Фејсбук“. Сега, веројатно само оние кои не разбираат англиски го користат на македонски. Битката е завршена зашто никој не ги коригира младите кога во говорот употребуваат: шерна, постна, лајкна… уште повеќе кога и возрасните, и речиси 99 % од луѓето што користат интернет ги употребуваат истите. Потешко е да се искоренува нешто што веќе навлегло во комуникацијата, отколку навреме да се спречи и ограничи. Социјалните медиуми и уличната комуникација нема да ги промениме, може само да се подобри начинот на изразување доколку се промени читачката навика кај децата и возрасните. Отсекогаш било и останало непишаното правило дека само книгите можат да те направат и пописмен и покултурен. Фондот на зборови и изрази не се зголемува со социјални медиуми, туку единствено со прочитани книги. Само што денес и тие треба внимателно да се одбираат.
По одржување на секоја од „Лекторските приказни“ тие очекуваат дел од дилемите да се разјаснат и да најдат заеднички решенија за она што немаат досега.
– Очекувам вистински интерес за јазични решенија и почитување на јазикот. Интерес кој нема да биде поттикнат од тоа некој да ни докаже дека немаме доволно зборови или дека јазикот е сиромашен или дека досега учеле едно, често погрешно, но не прифаќаат ново. Малку пошироки гледишта од сите страни и зголемена грижа и одговорност за употребата на мајчиниот јазик – вели Мирческа.
– Од „Лекторскиве приказни“ немаме очекувања. Сакаме да почнеме и да ги одржиме средбиве. Да не замре веднаш, како што се случува најчесто со иницијатививе и со здруженијава. Првенствено, сакаме да си помогнеме себеси. Доколку се развијат и други позитивни работи од тоа, дотолку подобро. Следен чекор е нашите решенија да ги примениме во практиката. И се разбира, колку повеќе лектори ни се придружат, толку подобро вели Василевски на крај.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.