Издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ донира учебници и едукативни материјали за децата од основните училишта во Општина Пустец, Мала Преспа во Р. Албанија. Тие деновиве им беа доделени на учениците од прво до четврто одделение во две училишта во оваа област: ОУ „Отпорот на Горичени“ во Долна Горица и „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“ во Пустец.
Донацијата на „Арс Ламина – публикации“ од Скопје содржи повеќе од 860 изданија: меѓу кои се учебници и работни тетратки по математика и природни науки, едукативни помагала за во училница, картички и постери, во вкупна вредност од 341.160,00 денари.
Со ова, учениците од Општина Пустец ќе добијат можност полесно да ги следат и да ги совладаат лекциите на часовите по математика и по природни науки – предметите за кои е предвидено наставата да се одржува на македонски јазик. Според законската регулатива во Албанија, образовниот процес во оваа област во Мала Преспа, каде што живее признато македонско малцинство, 60% од наставата треба да се одвива на македонски јазик.
– Се надеваме дека со оваа донација ќе биде надминат проблемот со кој се соочуваа училиштата во Општина Пустец, кои имаа недостаток од учебници по математика и по природни науки на македонски наставен јазик. Едукацијата, посетата на наставата и пристап до соодветни образовни помагала и книги е универзално право на сите деца. Учебниците се неопходни како основни наставни средства и извор на знаење за остварување на воспитно-образовните цели. Тие помагаат во описменувањето и во оспособување на младите за во иднина. Затоа е важно децата да учат на јазик што го разбираат. Драго ни е што новата учебна 2018/19 година учениците од училиштата во Мала Преспа ќе ги следат овие предмети од нови учебници – вели Бранка Бугариска, директорката на издаваштво на „Арс Ламина“.
На почетокот на новата учебна 2018/19 година издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ презема активности со кои ќе ги направи подостапни училишните материјали до најранливите социјални групи, донирајќи книги, учебници и дидактички помагала. Неодамна „Арс Ламина – публикации“ донира училишна опрема за деца во социјален ризик, во рамките на добротворната акција „Среќна школска година“ на Здружението за хуманоопштествен развој „Проект Среќа“. Пред неколку недели, пак, подари и библиотека на Дневниот центар за психосоцијална поддршка на децата заболени од малигни болести, „Собата на Жозеф“ во Детската клиника – Скопје, опремена по иницијатива на Здружението за борба против рак, „БОРКА – За секој нов ден“.