Американското книжевно списание „Стенд“ (The Stand Magazine) издаде досега необјавена кратка приказна од славниот писател Ернест Хемингвеј. Станува збор за расказот со наслов „A Room On The Garden Side“ (Соба со поглед кон градината), што Хемингвеј го напишал во 1956 година.
Ракописот ги има сите елементи што читателите ги сакаат во делата на Хемингвеј. Приказната во прво лице ја раскажува писателот-војник Роберт, познат под називот Тато. Дејството се одвива во 1944 година, набрзо откако војниците на Алијансата го ослободуваат Париз од нацистите. Сценографијата од расказот е всушност соба од хотелот „Риц“ во Париз, што гледа накај плоштадот „Вендом“ (Place Vendôme), за кој Хемингвеј сакал да се фали дека го ослободил во војната.
Приказната зборува за војниците кои, изморени од битките, сонуваат за иднина во која ќе можат да најдат надеж. Тие пијат вино, го цитираат Бодлер и раскажуваат за валканата трговија за време на војната – теми што Хемингвеј многупати маестрално ги обработува во своите романи. Познато е дека во 1956 година, кога е непишана оваа приказна Хемингвеј му кажал на издавачот Чарлс Скрибнер Помладиот дека има уште четири приказни: „Indian Country and the White Army“, „The Bubble Reputation“, „The Monument“ и „Black Ass And The Crossroads“, од кои е објавена само последната.
Иако досега не е објавен, „A Room On The Garden Side“ од Хемингвеј не е целосно непознат. Името, расказот напишан на 15 страници со молив со декади беше поставен во трајната изложба на Хемингвеј во Претседателската библиотека Џон Ф. Кенеди и Музејот во Бостон. Студентите по книжевност, кои специјализираат на делата на Хемингвеј, со декади имаат можност да го читаат и да го проучуваат ова дело не толку познато за јавноста.
Извор: www.nytimes.com