Точно три декади по првата објава на една од најомилените книги за деца, „Матилда“, од славниот британски авторот Роалд Дал, илустраторот Квентин Блејк ја нацрта главната хероина како би изгледала денес, јавува реномираниот „Гардијан“. Во книгата, првпат објавена на први октомври 1988 година, Матилда е опишана како млада бунтовничка, што ги крши сите правила за тоа како треба да бидат претставени добрите девојчиња во детската литература. Таа храбро им се спротивставува на насилниците во име на правдата – смеејќи се во исто време.

Илустрација на Матилда како би изгледала денеска, 30 години по објавата на книгата од Роалд Дал, фото: Penguin Random House
Во новото специјално издание наменето за колекционерите, Квентин Блејк, долгогодишниот соработник на Роалд Дал, преку осум цртежи ја претстави Матилда како би изгледала на 30 години. Во неговата визија таа е светски патник, успешна астрофизичарка, истражувачка и пасионирана читателка на книги. Три од новите скици ќе се појават следниот месец, а на нив Матилда се јавува во улога на астрофизичарка, светска патничка и како директорка на Британската библиотека.
Во својот предговор за новите изданија, 85-годишниот Блејк открива дека уживал замислувајќи ја Матилда во денешно време, што би можела да прави сега, веќе порасната.
„Со оглед на тоа што имаше повеќе таленти како дете, не беше многу тешко да ја замислам Матилда како возрасна. Со секоја од верзиите на нашата возрасна Матилда, еден од нејзините извонредни таленти и достигнувања ќе излезе на прв план и ќе ѝ ја покаже улогата во животот. Сигурен сум дека некој што прочитал толку многу книги кога бил мал, лесно може да стане директор на Британската библиотека, или, пак, ако некој што е исклучително надарен за ментална аритметика – веројатно би бил успешен во астрофизиката. И ако сте отпатувале во толку многу земји преку книгите, што би можело да биде поприродно отколку да одите и да ги видите сите тие места сами.“

Квентин Блејк ја илустрира Матилда како светски патник, 30 години подоцна. Фото: Penguin Random House
„Матилда“ е еден од бестселерите за деца напишана од омилениот британски автор Роалд Дал и објавена во 1988 година, со 17 милиони копии продадени во светот. Нејзината продажба особено порасна во изминативе две години и ги надмина другите дела на Дал.
Кармен Мекалоу, уредничка во „Пафин“, кој е издавач на книгата „Матилда“, смета дека ова е одраз на поширокиот тренд во детската фикција:
– Во последно време, сведоци сме на вистинско доживување кон повеќе феминистичко издаваштво. Родителите сѐ повеќе сакаат на своите деца да им читаат книги за аспиративни женски ликови – и тоа е она што ѝ помага на Матилда да се истакне, бидејќи таа е прекрасен пример на храбро девојче. Таа има таква верба во себе и е релевантна и инспиративна за децата и возрасните, денес, онолку колку што беше и пред 30 години – вели таа за „Гардијан“.

Според визијата на Квентин Блејк Матилда најверојатно би била директорка на Британската библиотека, Фото: Penguin Random House
Британската авторка Лорен Чајлд вели: „Како Џо од ’Малите женички‘ и Пипи Долгиот Чорап, Матилда е навистина модерен лик. Можете да се идентификувате со неа. Таа не седи мирна, не ги прифаќа ударите седејќи мирна, туку возвраќа. Таа се бори за правда“.
Во книгите за деца продолжуваат да доминираат машки ликови, бидејќи издавачите погрешно мислат дека момчињата не сакаат да читаат книги за хероини, вели таа додава дека ликот на Матилда е свеж и релевантен. „Ние сме изненадени од Матилда, бидејќи нема многу модерни женски ликови како неа. Не би требало да бидеме, но, ете, сѐ уште сме, зашто времињата не се доволно променети.“

Судено според афинитетите во оригиналната книга од Роалд Дал, Матилда би можела денеска да биде и астрофизичарка
Книгите од Роалд Дал се достапни за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.
Извор: The Guardian