Владимир Блажевски, човекот-подвижна филмска енциклопедија и режисер којшто снима вредни филмови на панкерски начин

Режисерот Владимир Блажевски е роден во Скопје, во 1955 година. Дипломира филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Белград и досега се јавува како автор на долгометражните играни филмови: „Хај-Фај“ (1987, Вардар филм), „Булевар револуције“ (1992, Синема Дизајн Белград), „Панкот не е мртов“ (2011, Панк филм Скопје).

Блажевски има реализирано и седум документарни, десетина комерцијални (документарни) филмови, околу 250 телевизиски емисии, ТВ филмови, репортажи, образовни и научни серии, и рекламни спотови. Тој е професор по Филмска режија и Историја и теорија на филм на ФДУ Скопје, ФДУ Белград, Висока филмска школа „Дунав филм“ Белград и Факултетот за уметност и дизајн „Мегатренд“ Белград.

Блажевски ги има добиено наградите „Сребрен медал Београд“ на Фестивалот на југословенски краткометражен филм 1978 година во Белград за документарниот филм „Среќна Нова година“ (производство „Вардар филм“, Скопје, 1978), Прва награда на ТВ Белград во категорија документарен филм, за филмот „Ко ради не боји се глади“ (производство „Арт филм“, Белград) на истиот фестивал, во 1983 година, „Златна Арена“ за режија на ФЈИФ во Пула 1987 година за играниот филм „Хај-Фај“. Неговиот игран филм „Булевар Револуције“ награден е со Златен медал на Интернационалниот филмски фестивал во Салерно, Италија, 1993.

This slideshow requires JavaScript.

Најновиот негов филм „Панкот не е мртов“, во 2011 година е награден со првата награда „Кристален глобус“ на Интернационалниот филмски фестивал во Карлови Вари, и со уште 11 меѓународни награди. Блажевски е и сценарист на играниот филм „Џипси Меџик“ (производство „Вардар филм“, Скопје), кој е награден со „Гранд При“ на Фестивалот на медитеранскиот филм во Монпелие, Франција, во 1997 година. Во текот на 2000 година го реализирал и долгометражниот документарен филм „Кинески пазар“, за германско-француска ТВ станица АРТЕ, кој е добитник на Прва награда на Фестивалот на документарни филмови во Дуисбург, Германија, во 2001 година.

 

Advertisements