Рајнхард Јиргл е современ германски писател, кој за романот „Тишината“ ја добива Бихнеровата награда за 2010 година. Станува збор за роман-експеримент, што е и една од главните карактеристики на постмодерниот роман.
„Тишината“ е замислен како семеен фотоалбум на две семејства во периодот на двете светски војни, а при проследувањето на фотографиите, се стекнува впечаток на нивно проектирање на филмска лента. Инаку, тематски, приказната е мачна и тешка, какво што треба да биде и читањето на романот – со безброј пречки во линеарното раскажување.
Она што најпрвин може да го „збуни“ просечниот читател, навикнат на „чист“ текст, е постапката на авторот во поглед на употребата на интерпункциските знаци. Така, со цел намерно, значенско обременување на текстот, среде реченица се среќаваат прашалници, извичници, знак за еднаквост итн. Манир на авторот е и употребата на различни фонтови, а сето тоа е во функција на замислената повеќеслојност на делото, што значи дека од читателот се бара отворен ум и извесни предзнаења за модерните и постмодерните наратолошки постапки. Сето ова го издвојува романот „Тишината“ како посебен ентитет, како нешто што во исто време треба и да раскаже приказна и да го надмине веќе познатиот начин на раскажување приказни, со што се добива едно ново, оригинално книжевно дело, достојно за Бихнерова награда.
Во продолжение се извадоци од книгата, на германски и на македонски јазик, како визуелен приказ на овој експериментален пристап на пишување на Рајнхард Јиргл.