Извадок од: „Ноќта“ на Ели Визел

Никогаш нема да ја заборавам таа ноќ, првата ноќ во логорот, што животот ми го претвори во една долга, седум пати заклучена ноќ.
Никогаш нема да го заборавам тој чад.
Никогаш нема да ги заборавам лиценцата на децата чиишто тела видов како се трансформираат во чад под тивкото сино небо.54 Ели Визел

Никогаш нема да го заборавам тој пламен што засекогаш ми ја одзеде вербата.
Никогаш нема да ја заборавам ноќната тишина што засекогаш ми ја одзеде желбата за живот.
Никогаш нема да ги заборавам тие моменти што го убија мојот Бог и мојата душа и моите соништа, што добија лик на пустина.
Никогаш нема да го заборавам тоа, дури и да сум осуден да живеам долго колку и самиот Бог. Никогаш.
Бараката во која нè однесоа беше многу долга. На покри¬вот, неколку сини прозорци. Сигурно вака изгледа прет¬собјето на пеколот. Толку полудени луѓе, толку викање, толку животинска бруталност.

Нè пречекаа десетици затвореници со палка во раката, удирајќи каде било, по кој било, без никаква причина. Наредби: „Соблекувајте се голи! Брзо! Раус13! Зачувајте ги само ременот и чевлите…“
Нашата облека ја фрлија на подот во задниот дел на бараката. Таму веќе имаше цел еден куп. Нови костуми, некои стари, искинати палта, партали. За нас тоа значеше вистинска еднаквост: со голотија. Се тресевме на ладното.
Неколку есесовци шетаа низ собата, барајќи силни мажи.

Ако толку се ценеше силината, можеби требаше да се потрудиме да изгледаме силно? Татко ми го мислеше спротивното. Подобро беше да не се истакнуваме. Судбината на другите ќе беше наша. (Подоцна дознавме дека сме имале право. Оние што тој ден беа избрани беа приклучени во Зондеркомандата14, работната група што работеше во крематориумите. Бела Кац, синот на еден голем трговец во мојот град, во „Биркенау“ стигнал со првиот транспорт, една недела пред нас. Кога дозна дека сме стигнале, ни прати порака во која кажуваше дека избран поради својата цврстина, самиот тој го ставил телото на неговиот татко во крематориумот.)
Ударите продолжија да паѓаат врз нас:
„На бербер!“

Со ременот и чевлите во рака, се одвлечкав до кај берберите. Нивните ножички ни ја кинеа косата, го бричеа секое влакно од нашите тела. Во мојата глава постојано брмчеше истата мисла: да не се оддалечам од татко ми.
Ослободени од рацете на берберите, почнавме да скитаме во толпата, среќавајќи пријатели, познати лица. Средбите нè полнеа со радост – да, радост: „Фала му на Бога! Уште си жив!“
Но, други плачеа. Ја користеа онаа сила што им остана за да плачат. Зошто дозволиле да бидат донесени тука? Зошто не умреле на својот кревет? Липањето им ги прекинуваше зборовите.
Наеднаш, некој ми се фрли околу врат и ме гушна: Јехиел, братот на рабинот од Сигет. Плачеше како мало дете. Ми¬слев дека плаче од радост што уште е жив.
„Не плачи, Јехиел“, му реков. „Штета за тоа што им се слу¬чи на другите…“
„Да не плачам? На работ на смртта сме. Наскоро и ние ќе бидеме внатре… Разбираш ли? Внатре. Како да не плачам?“
Преку сините покривни прозорци, гледав како малку по малку, ноќта се губи. Престанав да се плашам. А потоа ме об¬зеде незамислив замор.

Веќе не мислевме на тие што не беа со нас. Уште збору¬вавме за нив – „којзнае што станало со нив?“ – но не се грижевме за нивната судбина. Не бевме способни да мислиме на што било. Сетилата ни беа блокирани, сè се губеше во магла. Веќе ништо не нè врзуваше. Инстинктот за преживување, за самоодбрана, самопочитта – сè побегна од нас. Во еден краен момент на луцидност, ми изгледаше како да сме проколнати души што скитаат во светот на ништовното, души осуде¬56 Ели Визел
ни да скитаат низ просторот до крајот на времето, барајќи спасение, барајќи заборав – без надеж дека нешто ќе најдат.
Околу пет часот наутро, нè избркаа од бараката. Каповци¬те15 повторно нè тепаа, но веќе не ја чувствував болката од ударите. Нè обвиваше студен ветер. Бевме голи, со чевлите и ременот во рака. Наредба: „Трчајте!“ И трчавме. По неколку минути трчање, нова барака.
Буре нафта на вратата. Дезинфекција. Сите нè пикнаа внатре. Потоа топол туш. Сето тоа многу брзо. Штом изле¬говме од водата, нè избркаа надвор. Уште трчање. Уште една барака: магацин. Многу долги маси. Планини облека за за¬творениците. Трчавме. Додека поминувавме, ни фрлаа пан¬талони, палто, кошула и чорапи.
За неколку секунди, престанавме да бидеме луѓе. Да не беше ситуацијата трагична, можевме да прсневме од смеење. Како само бевме облечени! Меир Кац, еден џин, доби детски панталони, а Стерн, едно ситно човече, палто во кое се даве¬ше. Веднаш почнавме да се менуваме.

Погледнав кон татко ми. Колку се имаше сменето! Очите му беа смрачени. Сакав да му кажам нешто, но не знаев што.
Ноќта целосно помина. На небото светеше утринската ѕвезда. И јас станав сосема различен човек. Ученикот на Тал¬мудот и детето кое бев се изгубија во пламенот. Остана само некоја форма што личеше на мене. Во мојата душа влезе црн пламен и ја проголта.
Толку многу работи се случија за неколку часови, што сосема изгубив осет за време. Кога си заминавме од дома? А од гетото? А од возот? Само една недела? Една ноќ – една единствена ноќ?
Колку долго така стоевме на студениот ветер? Еден час? Еден едноставен час? Шеесет минути?
Сигурно сè беше само сон.

Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.