Извадок од: „Приказна за мустаќот“ – Тахсин Јуџел

Веднаш штом Џумали мина низ вратата, Бедрие-абла прсна во силна смеа; кога виде незамисливо огромен и блескав мустаќ насред неговото лице, нејасна насмевка на неговите усни и како оди газејќи како на јајца, како тукушто сунетисаните деца, почна уште посилно да се смее. Но кога сосема се доближи и сакаше да ù ги обвие рацете околу половината, одеднаш в миг ја прекина смеата. Ги пружи своите каносани раце кон мустаќот на Џумали, кој беше пораснал колку што еден мустаќ можеше да порасне, гo допре со врвовите од своите прсти и веднаш си ги повлече, како да допрела опасно животно. „Боже, Боже! Огромен мустаќ!“, промрморе. „Ич не изгледа како да е вистински, но мустаќот е огромен!“ Некое време, вчудовидена, без да каже ништо, гледаше во лицето на мажот ù. Го фати за рака и го однесе пред прозорецот, кратко време му го испитуваше лицето, и таму, на жолтата светлина од сонцето што заоѓаше и додека го испитуваше, се полнеше со чудна потиштеност: Џумали беше убав како и порано, беше силен веројатно како и порано, но ако се почнеше да се гледа во неговото лице од мустаќот, изгледаше како некој туѓинец што оддалеку потсетуваше на Џумали, а од сосема одблиску, на пример, кога се посматраше од вилицата кон мустаќот, убавото лице во човека будеше чувство како да е поделено на два дела.
„Џумали, што ти станало тебе вака? Многу си се изменил!“, рече.
Џумали, и покрај својот огромен мустаќ, побледе како виновно дете.
„И мене така ми дојде“, рече, „и косата и мустаќот ми се променија, па тоа е така веројатно поради тоа.“
„Веројатно“, потврди Бедрие-абла. „Но, си станал сосема друг човек; и кога се смееш, чудно се смееш.“
Џумали инстинктивно ја приближи раката кон својата уста, а потоа се обиде и да се насмее.
„Па добро, а нели сум станал позгоден?“, праша. „Сите кај Зија Берберот рекоа така… “
„Зија Берберот, Зија Берберот, Зија Берберот… “, рече Бедрие-абла, и потоа и таа се обиде да се насмее, и ги стави рацете на колената на својот сопруг и добро го погледна одблиску, „Точно, си станал позгоден од порано, но, како да се каже, како да си остарел, а и, како да кажам, како да не си оттука“, рече и отиде во кујната без да даде никакво објаснение.
Бедрие-абла таа вечер работеше во кујната повеќе од обично; и кога излезе, наместо да ја исполни околината со своето ѕвонливо смеење, се однесуваше претпазливо, како да направила некаква непростлива грешка која како да се плашеше да ја спомене. Кога нејзиниот сопруг се смееше или се насмевнуваше, веднаш си ја вртеше главата на друга страна, „Многу чудно, неговото смеење го плаши човека“, си помислуваше секојпат. Како и во креветот да исполнуваше должност што мораше да ја исполни, во која влегуваше со чувство како секоја вечер да го прави тоа за прв и последен пат, и почна безволно, како да се раководи само по навика, и така и заврши. Не знаеше зошто, но ќе претпочиташе Џумали воопшто да не отидеше кај тој човек што го нарекуваа Зија Берберот. Немаше ништо лошо во тоа што мустаќот на Џумали несомнено беше поголем од мустаќите на другите, па, дури, според тоа што со тој мустаќ на неговото лице дојде и неопислива убавина, можеше да се мисли и дека тоа е нешто убаво; но, од некаква необјаснива причина, душата ù се исполни со некое непријатно чувство, како во куќата да дошла нова душа која ќе зафати важно место во нејзиниот живот, од кое, колку и да се мачеше, не можеше да се откачи. Никако не можеше да заспие, постојано се вртеше ту на едната ту на другата страна. Кога запеаја петлите, забележа дека и Џумали не спие. Но тој цело време лежеше на грб, и само повремено внимателно ја креваше раката и ја пружаше кон мустаќот, а потоа пак внимателно ја враќаше назад.
„И ти ли не можеше да заспиеш?“, праша.
Џумали тогаш можеби првпат прибегна кон лага на едно прашање на Бедрие-абла: рече дека само што се беше разбудил; а кога таа го праша дали си го увртел мустаќот в глава, на првата лага ù додаде уште една.
„Не, зошто би си го увртел мустаќот в глава?“, рече со уморен глас.
Дури и гласот го издаваше дека лаже. За да може да спие, требаше да си го избие тој мустаќ од умот, а, пак, мустаќот беше незаборавливо голем. Сепак, мора да се признае дека за сонот да му избега на човека, не беше неопходно во прашање да биде лично неговото лице: ете, и Бедрие не можеше да заспие. А кога заврши со појадокот и излезе низ вратата, виде дека таа вечер сон не ја беше фатил речиси целата касаба: и покрај голомразицата остра како нож, народот се беше истурил по улиците.

Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.