Извадок од: „Роналдо: опсесија за совршенство“ на Лука Кајоли

ХИСТЕРИЈА НА „БЕРНАБЕУ“

Има ли некаков натпревар вечерва?

„Добро вечер и добре дојдовте на стадионот ’Сантјаго Бернабеу‘. Ви благодариме што сте со нас! Вие кои вечерва сте овде ја прет­ставувате душата на Реал – страста на навивачите, акционерите и фановите од целиот свет. Вие сте најважниот дел од она што го прави овој клуб толку почитуван и достоен за восхит.“ Претседателот на Реал Мадрид во улога на водител. Се качува по скалите на монтаж­ната бина на јужниот дел од стадионот, во придружба на „сината стрела“, Алфредо ди Стефано, почесниот претседател на клубот. Публиката ги поздравува при излегувањето на бината. Сега е 21 часот. Перез ù мавта на публиката и му покажува на Алфредо да седне. Во службената облека и со сина вратоврска, се сместува зад масата и микрофонот за да го почне протоколот, третпат откако почна неговиот втор мандат.

Вечерва сè му е посветено на тимот „Флорен“, група од играчи кои повторно го освоија светот, му ја грабнаа круната на вечниот ривал, Барселона. Тие се машина, подготвена за спектакуларни акции, освојување титули и правење пари. Барем сите се наде­ваат на тоа. А очекувањата се големи кога се знае дека дојдене­цот Роналдо е присутен вечерва: Кристијано Роналдо, најскапиот играч во историјата на фудбалот.

Таа вечер, шести јули 2009 година, е топло, како што знае да биде во Мадрид во ова време на годината. Многу навивачи цел ден стоеја во ред пред стадионот за вечерва да бидат овде. Вратите се отворени во 19 часот, а се затворија еден час подоцна. Тие ќе го следат преносот од дочекот на КР7 на екранот што е поставен во последен момент на кулата Б. Внатре, празен е само еден блок, оној што се поправа. Остатокот го наполнија 80.000 луѓе, многу повеќе од оние 40.000 кои дојдоа на „Сан Сиро“ да го видат доаѓањето на Роналдињо од Барселона во Милан или од оние 50.000 кои го опсед­наа „Бернабеу“ на 30 јуни за да го дочекаат Бразилецот Рикардо Изексон дос Сантос Леите – Кака, за пријателите – кој се прости од црвено-црниот дрес на Милан и му се придружи на Реал за скромна сума од 65 милиони евра. А навивачите на Роналдо го надминаа дури и претходниот рекорд поставен на петти јули 1984 година: 65.000 неаполски навивачи со часови чекаа на жешкото сонце пред стадионот „Сао Паоло“ за да бидат сведоци на доаѓањето на Диего Армандо Марадона.

Ова е навистина за првпат во историјата на фудбалот. Следниот ден ќе биде на насловните страници насекаде, од Португалија („Мадрид е под неговите нозе… Лудило по Роналдо на Бернабеу… Кристијано е претставен среде делириумот на 80.000 навивачи…“ – „Рекорд“) преку Англија („Кристијано е претставен како нов играч на Реал Мадрид среде хистеријата на ’Бернабеу‘…“ – „Дејли телеграф“), Франција („Осумдесет илјади за К. Роналдо… Во новиот клуб ќе го носи дресот со број 9…“ – „Л’Екип“), до Италија („Роналдо го надмина Кака со 80.000 навивачи на ’Бернабеу‘…“ – „Ла газета дело спорт“), па дури и до Бразил („Португалскиот феномен… претставувањето на Роналдо ги урива рекордите што ги постави Кака…“ – „Глобоспорте“)…

***

„Ве молам, поздравете го Кристијано Роналдо!“

Моментот стигна. Тргнува низ тунелот кон теренот, се качува по скалите што водат кон зелената патека што ја направија и тргнува кон директорите, ВИП-личностите, новинарите, видеокамерите и фотографите. Ги прегрнува Флорентино, Еузебио и Ди Стефано, се свртува в место, ракоплеска и се смешка.

„Si, si, si… Cristiano ya esta aqui“ се слуша пеењето од 80.000 грла, во рима што го слави неговото доаѓање. Претседателот му се обраќа: „Мој драг Кристијано, од денеска ова се твоите нави­вачи. Истите навивачи кои, низ историјата, му помогнаа на Реал да ги достигне височините на фудбалскиот свет“. Сликите на најблескавите моменти на Кристијано минуваат на огромниот екран, како игра во својот дрес за Манчестер јунајтед, како се смее, како го крева трофејот на Лигата на шампионите, како ја бакнува „Златната топка“.

 

****

Книгата „Роналдо – опсесија за совршенство“ – Лука Кајоли е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

 

 

 

 

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.