Во носталгична атмосфера во центарот на автентичната скопска населба Ново маало, вчеравечер беше претставена збирката раскази „Динга стоп“ од Владимир Плавевски. Авторот оствари средба со своите новомаалци, со кои се потсети на животот и на луѓето од старо Скопје и некогашно Ново маало. Книгата „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ ќе биде претставена и денеска во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на улица „Македонија“. Промотор ќе биде Мојсо Мојсовски, новинар и долгогодишен уредник на Дневникот во Македонското радио, a извадоци од расказите ќе чита актерката Снежана Конеска-Руси. Со овој настан во книжарницата ќе биде одбележана 55-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес.
Во оваа збирка ќе ги прочитате носталгичните и емотивни сеќавања за едно одамна минато време и за едно невино детство изгубено во маалскиот амбиент.
За жал, или за среќа, ќе рече авторот, Ново маало сè уште постои и е речиси исто и непроменето како и пред 60-70 години – времето кога расказите содржани во оваа книга биле реалност. Ново маало своевремено било центар на светот за новомаалците, микрокосмос од кој почнува и завршува сè. Таму се зборувал локален, маалски јазик и имал свое наречје, различно од тоа на соседните маала, поради што неретко луѓето не се разбирале меѓусебно. Маалската гордост ја чувале маалските банди, секогаш закрвени со тие отспротива. И покрај скудниот начин на живот, маалските улици ечеле од детскиот џагор и нивните необични игри.
– Овие носталгични реминисценции би ги опишувал до бескрај… Морам да кажам дека расказите во кои ќе се втурнете се веристички, некои соѕидани од неколку личности, а само расказот за дервишите е од времето кога, како возрасен, лекар, работев во поликлиниката на Бит-пазар и е апсолутно реален. Овие раскази се пишувани во подолг временски период, некои како почеток на моето белетристичко пишување. Повеќето од нив добија награди на анонимните конкурси за краток расказ. Денес би ги пишувал во сосема друг стил, но ги оставив така како што сум ги напишал пред повеќе години, согорен од желбата да ја истресам од мене лепливата носталгија по одлетаното детство – вели Плавевски.
Ви претставуваме дел од атмосферата од вчерашната промоција во Ново маало.