Со два промотивни настани книгата „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски деновиве ќе биде претставена во Ново маало и во книжарницата „Литература.мк“.
На 25 јули (среда) со почеток во 19 часот збирката раскази ќе биде претставена во центарот на автентичната скопска населба Ново маало – која е во фокусот на авторот Плавевски. Тој ќе оствари средба со своите новомаалци со кои ќе се потсетат на животот и луѓето од старо Скопје и некогашно Ново маало. Следниот ден, на 26 јули, во 19 часот, „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде претставена и во книжарницата „Литература.мк“ на улица „Македонија“. Промотор ќе биде Мојсо Мојсовски, новинар и долгогодишен уредник на Дневникот во Македонското радио, a извадоци од расказите ќе чита актерката Снежана Конеска-Руси. Со овој настан во книжарницата ќе биде одбележана 55-годишнината од скопскиот земјотрес. Пред настаните поразговаравме со Плавевски.
*Една од промоциите е во Ново маало – кое е во срцевината на вашите раскази од книгата, а втората е на 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје. Какви емоции будат Ново маало и 26 јули кај вас, како стар скопјанец?
– Секогаш, 26 јули, терминот на стравотниот катастрофален земјотрес што го погоди Скопје со 1068 жртви и над 3000 тешко повредени, во мене буди бурни спомени бидејќи и јас го доживеав земјотресот со сите негови тешки импликации кои ги наметна. Педесет и пет години се голем временски период, но мене сè уште земјотресот емотивно ме тресе, посебно на годишнините. И, од земјотресот Скопје и скопјаните воскреснаа како феникс, за да станат ова што сме денес. А Ново маало ми е трајна краста на душата – неизбришлива носталгија од најромантичниот дел на мојот живот – детството.
*Скопје драстично го смени својот изглед, не само со земјотресот, туку и со новите градби. Колку е различно (променето) Ново маало сега, од она од пред 60-70 години, какво што го паметите и опишувате во романите?
– Скопје стана велеград со сите урбани обележја. Не знам како би изгледал да не се случеше земјотресот. Но, Ново маало живее и опстојува во временска капсула – истиот е како пред педесет години, во скоро строгиот центар на Скопје.

Владимит Плавевски (средина) со уредничката на книгата, Бисера Бендевска, и промоторот на „Динга стоп“, Мојсо Мојсовски
*Иако се имате преселено од Ново маало уште во раната младост, сепак сè уште постојано му се навраќате, особено во своите романи. Што ве врзува толку за него и дали имате сè уште нераскажани приказни за ова маало?
– Имам сè уште и необјавени раскази и роман кои како сценографија го имаат Ново маало и неговиот менталитет. И имам интенција да продолжам со пишување за него бидејќи идеите сами ми се наметнуваат. Мислам дека неповторливото детство и колективното живеење во Ново маало се врежаа како генетски код во мене. Подоцна живеев на повеќе локации во Скопје, но никаде не ја имав таа непосредност и блискост во односите со соседите и луѓето како во Ново маало.
*Покрај прошетката по уличките и посетата на значајните места, на промоцијата на 25 јули ќе се видите со новомаалци. Дел од нив се луѓето со кои сте растеле. Колку времето го промени вашето пријателство и кои се најдрагите спомени со нив?
– Голем дел од денешните новомаалци веќе не ги знам оти мојата генерација или се отселила или починале. Но, останале неколку мои маалци со кои и ден денес одржувам пријателски контакти. Како доктор сум ги лекувал, ми доаѓаат на изложбите на фотографии, на промоциите на книги… И постојано редиме спомени и кој сè уште е жив и здрав…

Плавевски на 25 јули ќе ја претстави „Динга стоп“ пред своите новомаалци, во срцето на Ново маало
*Колку им раскажувате на своите деца и внуци за динга стоп, фанта, мавање со чатал… Знаат ли новите генерации да ги играат овие игри?
– За жал, или среќа, младиве генерации ниту слушнале за овие типични и оригинални маалски игри, ниту ги практикуваат. Комарџиската игра фанта ја споредуваат со пијалакот „фанта“, динга стоп им е некоја таинствена игра, играњето челик го знае понекое дете, мавањето со чатал им е опасна игра. За денешниве деца е настан ако излезат надвор од дома. Дигиталната технологија комплетно ги апсорбира, а и родителите, за да не им пречат, веднаш им подаваат мобилен телефон со игра. Родителите ги носат и ги земаат од училиште, нешто што за нашата генерација беше омаловажувачко – ние сами одевме и се враќавме од училиште, а ако нè земаше или носеше родител в училиште – бевме исмевани! Ако денес децата се степаат во училиште, се крева аларм од највисоко ниво, се ангажираат педагози, социолози, психолози, полиција, социјални служби. Во наше време се тепавме и уште утредента сè беше по старо… За шеесетина години работите се сменети до непрепознатливост. Минатото тлее во нашите носталгии, а денешницата нè меле. Еве, текстов го пишувам на – компјутер.
Разговараше: Ана Несторовска – Саздовска