Владимир Плавевски е роден на 11 декември 1948 година во Скопје. Со аматерска фотографија почнал да се занимава од својата рана младешка возраст, а со интензивно излагање фотографии на бројни групни изложби e активен во периодот од 1973 до 1990 година. Во седумдесеттите години бил член, а потоа и претседател на Фото клубот „Вардар“ од Скопје (1978 ̶̶ 1990) како и претседател на Фото сојузот на Македонија (1982 ̶ 1986). Член е на ДЛУПУМ од 1983 година и бил предавач по предметот „Фотографија“ на Факултетот за драмска уметност во 1993/94 година. Учествувал на голем број групни изложби во земјата и во странство и е добитник на поголем број награди и признанија. Плавевски по професија е доктор, специјалист оториноларинголог, а ја има и титулата примариус. Автор е на повеќе драмски текстови, сценарија за телевизиски серии, ТВ филмови и радиодрами. Во 2013 година ја добива наградата Роман на годината на „Утрински весник“ за романот „Јадица“.
Од 2000 година е член и на Друштвото на писателите на Македонија.
Поводот за неговото гостување во циклусот емисии „Астрорум“ беше неодамнешната објава на збирката раскази „Динга стоп“ за издавачката куќа Арс Ламина, но тој со нашиот уредник Бранка Костиќ-Марковиќ разговараше и на други интересни теми, што за раскажувач како Плавевски беше дополнителен мотив за споделување на многу спомени од неговото детство, младост и живот, воопшто.