Славната африканска ѕвезда, нигерискиот музичар и борец за човекови права, Феми Кути гостуваше во „Астрорум“, еден ден после големиот концерт со Македонската филхармонија. Тој, на 7 јуни, на сцената на отворено во скопскиот Градски парк, направи вистински музички спектакл што ќе се памети уште долго. И дружбата со фановите во книжарницата Литература.мк беше исклучително инспиративна и содржајна.
Феми Кути е втор пат во Скопје со неговиот бенд „Позитив форс“, атракцијата која во 2004 година, во рамките на тогашното издание на „Скопскиот џез фестивал“ се претстави со врвен концерт. Овој пат, тие настапија со Македонската филхармонија во аранжмани за симфониски оркестар и под диригентски водство на Емин Џијан, куриозитет за светската сцена, воопшто.
Олуфела Олуфеми Аникулапо (Феми) Кути е роден на 16 јуни 1961 година во Лондон. Тој е најстариот син на пионерот на афробитот и борец за слобода и човекови права, славниот Фела Кути. Израснал во Лагос, а професионалната кариера ја почнал во бендот на својот татко „ЕГИПТ 80“. Во 1986 година го формирал составот „Позитив форс“ и почнал да го развива и својот автентичен музички израз, диференцирајќи го своето творештво и одвојувајќи го од татковото наследство. Во 1995 година, тој го објавува својот деби албум и се искачува на големите концертни сцени. Следуваат албумите Shoki, Shoki (1998), Fight to Win (2001), Day By Day ( 2008) и Africa for Africa (2010), албум за кој беше номиниран два пати за наградата „Греми“. После овој клучен албум, тој ги издава и албумите No Place For My Dream (2013) и актуелниот One People One Dream (2018), чија едномесечна светска промоција завршува со скопскиот концерт.
Музиката на Феми Кути е своевидна фузија од традиционални африкански ритми, џез, фанк и реге, а сите композиции носат и силна порака и силен општествен ангажман, начин на кој Кути го крева гласот против политиката, режимите, сиромаштијата, корупцијата, лошиот живот во Нигерија, а се залага за социјалната правда и подобрување на животните услови во Африка. Тој е вистински наследник на мисијата која ја имаше неговиот татко Фела Кути.