Цртеж сличен на „Малиот принц“ на кој „принцот“ седи на глобусот, што го красеше љубовното писмо на Антоан Сент-Егзипери, е продаден на аукција во Париз за 240.500 евра.
Аукциската куќа „Арткуријал“ (Artcurial) соопшти дека акварелот е направен околу 1942 година, една година пред да биде објавен „Малиот принц“ во Њујорк.
Сент-Егзипери, кој воедно бил и пилот, напишал љубовно писмо од единаесет страници на една жена и се претпоставува дека тоа е неговата последна преписка пред неговото исчезнување во 1944 година, во тек на мисијата за време на Втората светска војна.
Книгата „Малиот принц“ е преведена на 250 јазици и е продадена во 145 милиони примероци, со што е најпродаваната книга во светот.
Во 1974 година според неа е снимен американско-британскиот игран филм, а четири години подоцна и јапонската ТВ-серија. „Малиот принц“ и денес е инспирација за многу музичко-сценски дела низ светот.