Детска литература: Топ осум (не)задолжителни лектири за на плажа


Во паузите од пливање и игрите на плажа, ќе се согласите дека книгите се најдобрата забава и релаксација на годишниот одмор. Покрај задолжителните лектири, ви предлагаме листа со осум (не)задолжителни романи, што можете да ги прочитате за време на распустот. Ова се поучни и забавни приказни, не само за децата туку и за родителите. Книги во кои ќе ужива целото семејство.

 

1. „ТКЦП: Канџа во мракот“ – Билјана Црвенковска и Здравко Гиров
Романот „Канџа во мракот“ од писателката за деца Билјана Црвенковска и стрип-авторот Здравко Гиров е прв од новиот серијал за најмладите – ТКЦП. Изданието, што доби две награди за најдобар роман за деца и млади во 2018 година, е книжевен спој помеѓу роман и графички роман, што е интерактивен затоа што „бара“ и учество на детето со боење, доцртување, дополнување и допишување. ТКЦП, што е кратенка за „Тајниот клуб: Црно прасе“ е нов забавен серијал за деца, што ќе вбројува илустрирани изданија, романи и книги со активности. Приказната се движи околу Лео и неговата дружина со херои ТКЦП. Тие се борат против своите најголеми непријатели – Смрдливците… Во првата книга од серијалот именувана како „Канџа во мракот“ се појавува таинствен „смрдливец“ во сенка. Во разрешување на мистеријата можат да се вклучат самите читатели со добојување, доцртување, допишување и дополнување на авантура додека читаат. Подгответе се за многу возбуда, акција и смеење. Покрај Лео, во дружината членуваат и Рокси, Ава, Симон, Тина и Тони. Тие се деца-суперхерои, кои, покрај тоа што имаат одредени супермоќи, сите имаат и по некој проблем или недостаток што им попречува да вршат нешто во секојдневниот живот.
Книгата „ТКЦП: Канџа во мракот“ е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

 

2. „Загадочни приказни“ ‒ Урош Петровиќ

„Загадочни приказни“ е книга за деца кои сакаат предизвици и загатки! Тие што сакаат приказни, ќе уживаат во нив, но секоја поставува не баш лесна задача – решавање на логичка загатка врзана за случките од една необична траперска населба. Неретко ќе биде потребна помош од постарите, бидејќи оваа книга, најблаго кажано, не ги потценува децата… Авторот на „Загадочни приказни“ е задолжен за тестирањата на „Менса“ во Србија и е еден од најуспешните решавачи на Ај-Кју X-тестот во светот.
Книгата „Загадочни приказни“ е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

 

3. „Кралот Светкошорц и Злиот цар“ – Енди Рајли

Приказните за Едвин Светкошорц се пресмешни. Едвин не е обично момче. Тој е крал, со престол и сопствен оклоп и замок со тајни премини и уште што не. А да, и најужасниот човек во универзумот му е сосед. Ова никако не би можело да доведе до возбудлива авантура со акција, чоколада и крокодили гризачи… Така? „Кралот Светкошорц и Злиот цар“ е првата од серијалот на Енди Рајли. Следуваат „Кралот Светкошорц и чудовиштето од Кронг“ и „Кралот Светкошорц и играчките на ужасот“.
Книгата „Кралот Светкошорц и Злиот цар“ е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

 

4. „Аги и Ема“ – Игор Коларов

Романот „Аги и Ема“ на Игор Коларов е најдобриот современ српски роман за деца. Ова е нежна приказна за пријателството помеѓу осаменото деветгодишно момче Аги и необичната старица Ема и нивниот заеднички бунт против суровиот и отуѓен свет. Романот „Аги и Ема“ е добитник на наградата на „Политикин забавник“ за најдобра детска книга.
Книгата „Аги и Ема“ е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

 

6. „Сакам дома!“ – Јасминка Петровиќ
„Сакам дома!“ од авторката Јасминка Петровиќ е поучна книга и за родителите и за децата. Приказната се движи околу малиот Никола, кој одлучува да замине во потрага по нови родители. Но, нема смислено каде да ги најде. Во соседството? Во некоја соседна држава? Во Европа? Африка? Австралија? На Северниот Пол? Во огласите? На „Фејсбук“?… За едно толку симпатично и умно момче, каков што е Никола, родителите можат да се најдат само на некоја друга планета. Деца, појдете со Никола во потрага по совршените родители. Ве очекуваат комични, всушност, космички авантури, преполни со мали чуда, џиновски солзи, смешни зборови и опасни игри.
Книгата „Сакам дома!“ е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

6. „За мачките, за нотите и за бубачките“ – Јасминка Петровиќ

Една од најпоучните книги за проблемите на децата во модерното општество и инклузија на децата со посебни потреби. Ако ѕирнеш низ трите прозорци, ќе дознаеш зошто Маја е тажна, на што се радува Ѕвезда и од што се плаши Милан. Пред тебе ќе се отвори нова галаксија и Стара планина. Ќе откриеш како звучи еден бибер-акорд и зошто во некои соби секогаш е мрак. Ќе се зборува за мачките, нотите, бубачките и радосните моменти. Дали некогаш сте помислиле дека животинчето на соседите или, пак, бабичката од првиот кат дека е вонземјанин? Не сте единствени. И Маја се чувствува така. Ете, веќе толку време се труди да се објасни со мајка си дека баба Цена и нејзината мачка се вонземјани. Ама навистина, па која обична мачка има зелена боја?! На ѕвезденото девојче Ѕвезда најголема радост ѝ е деноноќната дружба со клавирот. Мајка ѝ ја убедува да се одмори, да оди надвор и да си поигра со другите деца, но на Ѕвезда воопшто не ѝ е товар посветеноста на музиката. Но, набрзо се случува пресврт, кога во соседната зграда се вселуваат две интересни сестрички – новите другарки.
Милан многу се плашеше од бубачките, но го надмина тој страв. Тој со задоволство би играл видеоигри до бескрај, ама немој да сте му споменале планинарење и слично. За разлика од него, пак, татко му е обземен од природата и во секоја можна пригода го води својот син на екскурзија. На Милан не му е по волја, но не се буни премногу. Арно ама, една партија Магаре и сите стравови магично исчезнуваат и планината изгледа попривлечна…
Книгата „За мачките, за нотите и за бубачките“ е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

7.„Кучешки приказни од Тафталиџе 1“ – Јасмина Кантарџиева Димков
Ова е приказна „од наше маало“ со која ќе се идентификува секое дете, но и возрасен. Дикси, Тајсон, Изи, Леа, Макс, Ситни, Буцко, Бели, Буч и Брзи се десет неразделни пријатели, десет мили и весели кучиња од една мошне позната населба – Тафталиџе 1. Ја знаете, нели? Животот во Тафталиџе 1 тече мирно и безгрижно… Кучињата секојдневно се дружат и шетаат по познатите улици „Виенска“, „Букурешка“, „Париска“, „Прашка“, „Лондонска“, „Варшавска“, „Хелсинки“, а маалото е полно весели кучешки лаежи. И сѐ би било совршено да не е тука Страшилото и неговите миленици, бандата мачки…
Книгата „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“ е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

 

8.„Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ – Оливера Ќорвезироска
Одлични реизданија на познатите романи за деца на авторката Оливера Ќорвезироска со илустрации од Александра Филипоска.
…Ако едната страна од гајтанот божемски ја вклучам во мојот кревет (всушност ќе ја пикнам под јоги-душекот!), а втората ја вклучам во креветот на Мирна (ќе ја ставам под нејзината перница), двата кревета ќе бидат поврзани и најверојатно и таа и јас следната ноќ ќе сонуваме ист сон.

Книгата „Кифличката Мирна“ е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

Изданието „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ е достапно за нарачка на следниот линк.

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.