Со желба на едно место да се соберат позитивните вљубеници во книгата од различен профил, кои ќе споделуваат што читаат и ќе препорачуваат интересни наслови, неодамна блогерката Ана Томова, позната како Ана Том, ја основа групата на „Фејсбук“ – „Чувари на книгата“. За само неколку недели клубот брои речиси 700 членови од цела Македонија. Викендов тие ја остварија својата прва средба во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Оваа весела дружба беше збогатена со размена на познанства, искуства и подароци, а „чуварите“ добија и клуб-картичка од „Литература.мк“ и „Арс Ламина“. Оваа средба беше повод да разговараме со админстраторката на „Чувари на книгата“, Ана Томова:
– На 23 јуни го одржавме првиот собир на „Чувари на книгата“ и беше ФЕНОМЕНАЛНО. Толку многу позитивни и насмеани луѓе на едно место. Бевме собрани во, според мене, најубавата книжарница во Скопје, па така, во пријатен и најсоодветен амбиент „паднаа“ многу нови пријателства. Одушевена сум од одѕивот и од тоа колку „чувари“ дојдоа од сите страни на Македонија. Наши драги „чувари“ од Струмица, Крива Паланка, Гостивар… Навистина, огромна чест и за мене како основачка и администраторка на групата, но и меѓусебно се испочитуваа, токму како што тоа го прават онлајн секој ден од почетокот. Мене ми беше срцето полно што во една преубава и опуштена атмосфера другарувавме три часа, се запознававме подобро, се смеевме, зборувавме за книгите, се изгушкавме како да се знаеме со години, си дадовме подароци… Тоа што се случи во саботата не се опишува со зборови. Фантастична енергија и синергија… едноставно како да се знаеме со години и да сме една голема фамилија. Веќе размислувам за втора средба веднаш по одморот, бидејќи многумина не можеа да стигнат за средбата, па ете… нема да се смирам додека секој член/другар не го запознам. 🙂

На средбата во „Литература.мк“ дојдоа „чувари на книгата“ од цела Македонија.
* Членовите добија клуб-картичка од „Литература.мк“ и „Арс Ламина“. Какви се привилегиите на картичката и како може да се дојде до неа, како се добива право да се поседува ваква картичка?
– Тимот на „Литература.мк“ и „Арс Ламина“ максимално ни излегоа во пресрет и нè испочитуваа како читатели. Не само што ни го обезбедија најубавиот простор за средба и највкусното, книжевно кафе туку и направија специјални картички за попуст за сите членови на „Чувари на книгата“. Секој „чувар“ – член на нашата група доби 10% попуст на СИТЕ книги што ги има во книжарниците „Литература.мк“ (на ул. „Македонија“, во ТЦ „Рамстор“ и наскоро во Skopje City Mall). Во која било од овие три книжарници на „Литература.мк“, во секое време од годината членовите на групата имаат попуст на сите изданија. Навистина благороден гест и огромна привилегија. И јас, но и сите „чувари“ сме ѝ бескрајно благодарни на (нашата Bookish fairy’) Бранка Бугариска и на целиот тим од „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ и за оваа привилегија, но и затоа што навистина се грижат за читателите. Голем респект од сите нас.
* Кога и со каква идеја е основана групата „Чувари на книгата“?
– „Чувари на книгата“ се случи многу спонтано пред само неколку недели, поточно на 30 мај. Јас сум огромен љубител на книги, но и мошне спонтана личност. 🙂 Основната идеја беше да создадам катче за сите љубители на книгата во која мирно и опуштено ќе можат да комуницираат, да се дружат и со книгата, но и меѓу себе. Да се биде во групата е… како да пиете кафе со пријатели и разговарате за својата страст, книгите. Чуварот сака, чуварот се грижи, чуварот негува… и книгите, но и ближниот чувар свој.

На групата се споделуваат препораки за книги, но и нови пријателства.
* Како се станува член на групата, дали има некои предуслови?
Предусловите за членство/другарување во групата се многу едноставни. Да се биде читател и да не се биде „мрчатор“. 🙂 „Чувари на книгата“ е позитивна група и клуб на читатели во која секој, без разлика на профилот, возраста, образованието – може да се чувствува „свој меѓу своите“, да споделува за книгите што ги чита, да дава препораки и да знае дека никогаш нема да биде осуден ниту нападнат заради жанрот што го чита ниту заради правописот/граматиката/дијалектот. Во „Чуварите“ го почитуваме секој член без оглед на разликите. Во едно време кога сме бомбардирани со стрес од сите страни, најмалку се потребни уште негативности по социјалните мрежи.
* Колкаво е досегашното членство и кој профил на читатели најчесто пристапува на групата?
– За ова морав да проверам оти бројките ми се најмалку важни. Но, еве… речиси 700 „чувари“ до овој момент. Седумстотини феноменални и позитивни луѓе и, пред сè, огромни љубители на книгата.
* Како функционира групата, што најчесто споделуваат? Од кој жанр книги „чуварите на книгата“ читаат најмногу?
– Секојдневно споделуваме што читаме „во моментот“, ако некоја книга нè одушевила веднаш пишуваме препорака за другите членови. Многу често едни на други си помагаме во изборот која книга следна да ја читаме или, пак, да ја набавиме. Сè што е поврзано со книгите е од наш интерес, како информации за саеми, попусти, нови изданија – па дури и забавни игри како книжевен каладонт (за разонода и интересни цитати/слики за љубители на книги just for fun). Често имаме дарувања на книги со кои на наш начин покажуваме колку уживаме во групата. Размена нема, ниту, пак, ќе има, бидејќи тоа не е мојата визија, ниту целта на постоење на „Чувари на книгата“. Веќе постојат неколку квалитетни групи за размена во која можат да се разменуваат книги. Ние сме весело, ама и мешано друштво. Имаме различни вкусови за книги. А богами нè има такви и кои сакаме да „шараме“, на пример јас. Од модерна психологија и езотерија, па ќе помешаме и некој трилер помеѓу. Затоа и има интересни објави за сечиј вкус за книги.

Кравичката Роска е маскота на групата.
* Симбол на групата е симпатична кравичка со очила што чита книга. Како се одлучивте за оваа маскота?
– Кравата Роска е ХИТ! 🙂 Веќе кажав (а „чуварите“ кои ќе го читаат ова најубаво знаат) дека ние сме спонтано и многу весело друштво. Па, така, во една пригода ми се роди идејата да направиме химна за групата, но заеднички. Секој член можеше да напише по еден стих, па да продолжи друг, а притоа да има рима и да биде забавно, пред сè. И така, за да се снајдам со римата, но и заради смеење, токму мене ми се погоди да римувам по стих со зборот ПРАВА. Во мојот несериозно сериозен стил, изримував со КРАВА. И voila, кравата си ја зачувавме и засакавме. И ја крстивме Роска. А еве ја таа прва строфа од нашата заедничка песна каде што спонтано си ја најдовме маскотата (или таа не најде нас?!) „Чувар да се биде, привилегија е права. Книгите си ги негуваме, како селанец крава.“ 🙂 Е, така е кај нас, секогаш забавно и наоѓаме инспирација во сè. 🙂
* Водењето на оваа ФБ-група не ти е прво вакво искуство. Колку членувањата во вакви клубови помага во подигнување на читачката култура. Каков е досегашниот фидбек од оваа и од ваквиот вид групи на социјалните мрежи?
– Да, членувам во повеќе вакви групи читатели (и од подрачјето на нашата држава и во поголеми, од поранешните ју-простори, па и во оние од англиското говорно подрачје). Во моментов, покрај администрирањето во „Чувари на книгата“, модератор сум и во „Клуб магичних књига“ – група читатели од поранешните ју-простори. Групите ни овозможуваат да комуницираме со некој што ја дели истата пасија кон книгите. Многумина немаат во својот вистински (невиртуелен) живот страсни љубители на книги околу себе, па преку ФБ-клубовите на читатели добиваат можност да споделат мислење за книгите и едноставно – да бидат меѓу други ентузијасти за книги, да добијат многу информации што се корисни за нив, од цени до тоа каде да ја набават книгата, до рецензии и др. Навистина, корисно и дефинитивно влијае врз читачката култура во позитивна насока. Како администратор и модератор секојдневно добивам пораки од членови на овие групи што ми кажуваат дека токму заради членувањето во овие групи и целата дружба таму ја пронашле или повторно ѝ се вратиле на љубовта кон книгите. И дека токму заради тие групи читаат сè повеќе и повеќе, откриваат нови книги и ги прошируваат своите видици. Или многу често, едноставно, уживаат и се поопуштени. Во книгите наоѓаат верни пријатели со кои се релаксираат по напорниот ден или дури и сила да надминат некои свои животни предизвици.

Ана Томова, која стои зад книжевниот блог thischickreads.com, е администраторка на ФБ- групата „Чувари на книгата“.
* Позната си како една од најактивните наши книжевни блогерки, која стои зад http://thischickreads.com. За него доби и признание на годинашните награди на МАИ – второ место за промотор на читачката култура. Како функционира блогот, колку време му посветуваш, зошто се одлучи да простираш на англиски јазик?
– Речиси деценија пишувам рецензии, т.е. осврти на книгите што ги читам. Почнав на порталот „Сакам книги“, потоа се зачленив на светскиот сајт „Goodreads“ (каде што има навистина многу членови од сите краеви на светот). Сакајќи моето мислење за книгите да допре до колку што е можно повеќе луѓе (бидејќи тоа е светски сајт), но и да имам колку што е можно повеќе конструктивна и, генерално, комуникација за книги со други читатели од цел свет, одлучив да пишувам на англиски. И така, полека се иницирав во блогер пред некои седум години. „This Chick Reads“ е моето бебе (без разлика колку и да е стар и секогаш ќе биде), извор на многу радост и енергија. Слободно можам да кажам дека одлуката да отворам книжевен блог е една од најдобрите одлуки што сум ги донела во мојот живот, бидејќи е навистина феноменално искуство и авантура. Има многу „работа“, во смисла на одржување, креирање содржина, читање, пишување, многу, многу читање и пишување, споделување по социјалните мрежи и создавање на коректни и квалитетни односи со издавачи низ целиот цвет, автори, публицисти, читатели и генерално – многу коресподенција. Се чини комплицирано и за некој можеби е, но лично за мене е огромно уживање, па токму затоа и „работа“ го ставив во наводници. Кога се прави она што искрено се сака и со цело срце – всушност, тоа и не е никаква работа, ниту обврска. Тоа е само уживање и мој начин да бидам она што сум. На овие простори навистина нѐ има помалку книжевни блогери, но се забележува тенденцијата (токму заради ФБ-групите на читатели за кои зборував претходно) на сѐ поголем и поголем број луѓе кои се чувствуваат инспирирани да станат блогери, отвораат свои страници и ова е феноменална вест. Љубовта кон книгата треба да се шири, а блогерите (како бесплатен „сервис“) навистина тоа пожртвувано и искрено го прават. Благодарение на блогот остварив фантастична комуникација со многу автори (и од светот и регионот) за што сум бескрајно благодарна (бидејќи авторите се мои Rock stars 🙂 ), но она поради што постои блогот се токму моите читатели и желбата, како велам јас, да му служам на народот преку делење на моето искрено мислење. Сто отсто искрено и без никаква задршка. 🙂 Иако доаѓам од една мала и за многумина непозната земја, јас и мојот блог, „This Chick Reads“ бевме феноменално прифатени и сме и ден-денес и помеѓу другите блогери и читатели кои читаат на англиски јазик, па и луѓето од издавачката индустрија надвор. Блогот и пишувањето навистина ми го променија животот и ме поврзаа со многу ентузијасти за книги со кои секојдневно комуницирам. Едноставно, веќе тоа ми е во крвта (да не речам 24/7)… да се биде на фреквенција на книгата.
* Каква е твојата приватна и професионална конекција со книгите?
– На шега велам дека сум „Џекил и Хајд“ тип (но не алудирам на никаква темна и светла страна, туку едноставно контраст според многумина). Професионално сум доктор по технички науки и доцент на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, а по хоби – книжевен блогер и голем љубител на книги. 🙂 Можеби е несекојдневна појава, барем по изненадувањето на луѓето кога ќе го чујат ова (вообичаено мислат дека сум студирала книжевност)… но ете, и тоа се може. Своевиден „хибрид“ на наука и креативно изразување. 🙂 Но, тоа сум јас и ете, драго ми е ако сум скршила некои заблуди и стереотипи. И иако се чини дека интересите се дијаметрално спротивни, сепак мене ми се природни и не ми се воопшто чудни. Мајка сум на две феноменални деца (иако на моменти многу своеглави, тоа им е сигурно од мама), Никола и Лука, 12 и 5 години (да ми се живи и здрави 🙂 ) и еве во јули славам 14-годишнина од брак. Благословена сум со феноменален сопруг, кој, иако не е страстен читател, ниту, пак, се интересира за наука, безусловно ме поддржува и сака и е мој најголем фан. (Мики, те сакам до небото! 🙂 ) Покрај науката и книгите, обожавам јазици. Мешанец сум, по мајка – Македонка, по татко – Србинка и судбината сакаше да бидам ран билингвален говорник. Потоа учев и англиски, германски и шпански. Најмногу ме фасцинира човечката креативност, а единствено што ме фрла на колена е човечката добрина. Се сметам за мошне едноставен тип на човек, ама сум голем емотивец. А кога сме веќе кај емотивноста, бидејќи ова е последното прашање, морам да се заблагодарам на интервјуто и да искористам можност вака јавно и по друг канал (вашиот блог) да кажам… ЧУВАРИ НА КНИГАТА – ВЕ САКАМ! ДО НЕБОТО И НАЗАД. СЕКОЈ ОД ВАС. ❤

Блогерката Ана Томова (десно) и Бранка Бугариска од „Арс Ламина“ (лево) на средбата во „Литература.мк“
Разговараше: Ана Несторовска – Саздовска
Убаво и креативно. Малку сум задоцнил ама ќе Ве побарам.
Браво! Секоја чест на идејата и на сите позитивни нешта што се случувале. 🙂
Како колешка по хоби можам да кажам дека ова е одлично и многу ми е драго што не сум единствена со страст кон читањето и пишувањето литературен блог.
Мојот е основан исто така 2013г и опстојува до денес.
За некоја идеја за соработка, слободно контактирајте ме по мејл.
Еве и линк: https://krajbrezjenadvasprotivnisveta.com/%D0%BA%D0%BE%D0%BD%D1%82%D0%B0%D0%BA%D1%82/