Извадок од: „Сестрата“ на Луиз Џенсен

„Каде беше сношти?“ Масата за појадок е исполнета со премолчувања и обвинувања. Ден отвора тегла мармалад, го втурнува внатре ножот. Се обидувам да не коментирам додека путерот се впива во портокаловото желе. Со чиста лажичка земам од мармаладот од јагоди и го ставам на страна на мојата чинија.

„Излегов кратко на пијалак со момците.“

„До полноќ?“ Не сакам расправија пред работата, но имам неиздржлива главоболка и очите ми се закрвавени од замор. Лежев на креветот, со напнати мускули, широко отворени очи, сè додека не го слушнав гребењето на клучевите на Ден во бравата на влезната врата, неговите нестабилни чекори додека се искачуваше по скалите. Се соблече со претерана бавност и, кога се испружи на креветот, се свртев подалеку од мирисот на алкохол, сакајќи да избегнам ноќна караница. Бев свесна дека Ана спие во соседната соба.

„Бев загрижена, тоа е сè – требаше да ми оставиш порака.“

„Не мислев дека ќе забележиш.“

„Што би требало тоа да значи?“

„Обично си со Ана, над некој фотоалбум. Ако поминува исто толку време на барање работа, колку што поминува на испрашувања за Чарли, досега ќе си заминеше.“

„Сакаш да ја исфрлам?“

„Требаше да биде само за неколку денови. Поминаа три недели. Речиси е март.“

„Знам.“ Земам мала голтка чај. Стоеше премногу долго и сега е темен и непривлечен.

„Само мислев дека ќе се концентрираме на нас.“

„Ќе зборувам со неа.“

„Не.“ Ден го меша чајот со гримаса на лицето. „Јас ќе го сторам тоа. Ти веќе имаше доволно стрес.“

„Добро утро.“

Се тргаме и двајцата. Ана вообичаено останува на кревет додека не заминеме на работа. Се прашувам колку слушнала од муабетот. Ја наведнувам главата, допуштајќи ù на косата да ми падне врз вцрвенетото лице, проучувајќи ја масата како да е најинтересното нешто кое сум го видела.

Ден го турка назад столот, го закопчува најгорното копче на кошулата и го затегнува јазолот на вратоврската. „Се гледаме подоцна.“

„Грејс, може ли да го позајмам твојот лаптоп? Прашува Ана. „Сакам да испратам уште неколку биографии и да погледнам неколку станови за најмување. Не сакам да останам предолго.“

„Слободно, и повеќе од добредојдена си да останеш толку долго колку што сакаш.“ Ментално му се извинувам на Ден додека ги собирам трошките од лебот и вината во испружената рака.

По работата имаме состанок за вработените, но мене ми е тешко да го фокусирам преокупираниот ум. Не сакам Ана да се исели, но јас и Ден мора да поминеме квалитетно време заедно. Се прашувам дали треба да организирам некој викенд надвор од градот. Сè уште не го воскреснавме нашиот сексуален живот. Свесна сум дека Ана може да ја слушне штицата од нашиот кревет кога крцка, како и пискливите пружини на креветот.

Мускулите во вратот ми се стегнати додека возам кон дома. Дождот удира во мојата шофершајбна и моите бришачи бришат со двојна брзина, но сè уште е тешко да се види. Возам внимателно. Барички се формираат странично од патот и големи капки дожд отскокнуваат од хаубата. Ја држам раката пред грејниот вентилатор. Воздухот сè уште не се стоплил и се смрзнувам. Не можам да дочекам да стапнам во топлата бања и да ја истружам бојата за сликање од моите нокти, да ги измијам светките од косата. Се одлучувам за кинески чај; може да се испружиме на софата со лаптопот и да ги разгледаме хотелите во околината. Ана можеби ќе биде задоволна да помине неколку денови сама; ќе може да се грижи за Шепичка.

Заслепувачка бела светлина ми ги пресекува мислите и јас мижуркам гледајќи низ шофершајбната. Едвај можам да го видам патот. Му блиндирам на спротивниот возач. Намали ги фаровите, идиоту. Во мојот ретровизор гледам како автомобилот застанува нагло. Се свртува во спротивна насока. Го исклучувам радиото. Се сконцентрирам на кривулестиот пат пред мене. Некој мотор турира. Предните фарови му трепкаат. Автомобилот ме пристигнал. Се наоѓа толку близу што речиси ми го допира браникот.

Дланките ми се влажни од пот. Ги поместувам рацете од воланот, и една по една ги бришам од фармерките. Моето стапало ја притиска педалот за гас. Се провнувам низ патеките на селото кои ги познавам толку добро, но автомобилот останува зад мене. Се слуша свирка. Блиндирање. И јас сум исплашена. Навистина исплашена. Не сакам да возам брзо. Не сакам воопшто да возам во ноќта, особено не на вакво лошо време. Брзината со која возам доаѓа до осумдесет. Премногу брзо за овие мокри патишта со остри кривини и дупки, но не можам да се принудам да забавам. Квичиме на кривините, гумите се лизгаат. Се сеќавам на еден филм кој го видов еднаш со сериски убиец кој брка возач, и се наведнувам нанапред како со тоа да можам да го забрзам автомобилот. Кога доаѓам до патеката ја заглавувам ногата на сопирачката, нагло свртувам на десно и застанувам со чкрипење. Автомобилот ми се лизга странично додека гумите шкрипејќи застануваат. Другиот автомобил не се свртува, но застанува на врвот од патеката, моторот брмчи. Портокаловиот сјај на фаровите ја осветлува хаубата. Црвена е и знам со сигурност дека ова е личноста која ме следи.

Мојата лева рака го стега воланот. Десната рака се потпира на рачката од вратата. Ајде, ајде, ајде. Можам да излезам од автомобилот. Да прашам што изведува. Прстите ми се згрчуваат и во долниот дел од грбот чувствувам болка таму каде што се извртувам во седиштето. Има некакво отчукување. Внатрешната светлина го исполнува црвениот автомобил додека се отвора вратата. Нејасна фигура се движи, но со дождот кој се намалува не можам да видам добро. Знам дека треба да си одам дома, но јас сум закована во место. Змијата и скротувачот.

Свирка. Автобус нагло застанува зад автомобилот, возачот на автобусот свири нетрпеливо. Вратата од автомобилот се затвора. Внатрешното светло се исклучува, и додека се оддалечува автомобилот чувствувам дека избегнав нешто – но не знам што. За миг го потпирам челото на воланот. Потоа ги бодрам треперливите нозе да се поместат, ги притискам нозете на педалите и забрзувам кон колибата.

„Ден!“

Мирисот на печено говедско месо ме поздравува кога ја отворам влезната врата. Во дневната соба се запалени свеќите и масата е поставена за двајца. На малата масичка стои голема ваза со мали розови рози.

„Доцниш?“ Ана брза кон мене, бришејќи ги рацете од мојата престилка.

„Имав состанок со вработените. Каде е Ден?“ Зборувам задишано.

„Тој излезе. Само сме јас и ти.“

„Ти рече ли каде оди?“

„Не. Само ’не ме чекај‘. Во ред ли си? Изгледаш бледо.“

Ја отворам устата за да ù кажам што се случило, но размислувам колку само смешно звучи: Имаше друг автомобил на патот и се исплашив. Мислам дека ме следат. Прекумерна фантазија, би рекла баба.

„Ми треба пијалак.“ Има шише шираз на масата. Не ми е омилено, но ќе заврши работа. Ја вртам тапата, истурам малку во чашата за вино и го пијам во една голтка. Алкохолот ми го гори грлото и ми се свртува во главата.

„Грејс, во ред ли си?“

„Добро.“ Налевам уште една чаша. „Погледни низ прозорецот, Ана.“

„Што барам?“ Таа поминува до прозорецот и ги разделува завесите.

„Автомобил.“

Таа гледа лево и десно. „Таму е само твојот автомобил.“ Таа зачекорува назад и завесите ù паѓаат од рацете, привлекувајќи се една кон друга како со магнети. Сè уште една мала линија светлина поминува низ нив и јас го притискам грбот до ѕидот, исплашена дека некој можеби гледа.

„Што се случува, Грејс?“

„Не е важно. Ќе одам да се пресоблечам.“ Застанувам пред влезната врата на патот кон скалите, осигурувајќи се дека е заклучена, но се искачувам само три скали кога се спуштам долу одново, ја протресувам рачката на вратата и го ставам синџирот. Безбедна си – безбедна си – безбедна си.

Немам испуштени повици или пораки од Ден кога го проверувам мобилниот – толку од нашиот разговор за комуникација. Проголтувам дел од таблетата, ја свлекувам униформата, ја ставам во кошницата за алишта за перење и влегувам под тушот. Ја мијам ладната пот и ужасот кои ме преплавија во текот на патувањето. Додека сум сува и облечена, обземена сум со познато топло чувство на лековите и стравот некако исчезнал.

Го земам виното кое го нуди Ана. Чувствувам некаква замагленост, но петок е. Секој пие во петок, нели?

„Имаше убав ден?“ Прашувам.

„Продуктивен. Аплицирав на неколку работни места. Има и некои убави станови за најмување. Иако ќе ми треба обемен депозит и киријата за првиот месец.“

„Јас би можела да ти позајмам малку.“

„Не биди будалеста. Навикната сум да се грижам за себе. Сега, имам едно изненадување за тебе. Мала благодарност за сето она што го стори за мене.“ Ана ми подава еден плик.

„Што е тоа?“

„Отвори го.“

Поминувам со прстот под печатот и го отворам. Внатре има ваучер, подарок за еден ден во спа-центар.

„За утре е. Се надевам дека не си зафатена? Ден вели дека ќе биде на фудбал.“

„Немам никакви планови. Ова сигурно те чинело многу?“

„Всушност не. Беше понуда од „Групон“. Практично бесплатно.“

„Благодарам.“ Навистина сум задоволна. Ја читам гласно листата со третмани кои ни се на понуда додека Ана ја сервира храната. „Чоколаден третман, козметички третман на лицето со портокал…“ Ми излегува вода на устата. „Сите звучат толку добро што можеш да ги изедеш.“

„Пробај го ова наместо тоа.“ Печеното говедско месо е розово, крцкави компири во гускина маст, и кога завршувам мислам дека нема да можам да јадам десерт, но тогаш гледам тирамису прелеан со крем и попрскан со чоколада. Исто толку вкусен како и што изгледа добро.

„Ден не знае што пропушта.“ Фармерките одеднаш ми се тесни и залегнувам наназад во столчето, го откопчувам најгорното копче.

„Не. Тој е морон.“ Има горчина во гласот на Ана која претходно ја немам слушнато. „Грејс, не знам како да го срочам ова, па само ќе ти кажам.“

Јас седнувам исправено.

„Го слушнав Ден како зборува на телефонот пред да излезе. Договарајќи се да се види со некого.“

Јас замрзнувам, но се освестувам брзо. Не брзај веднаш со најлошиот заклучок, Грејс. Гледам право во Ана. „Веројатно бил Хари.“

„Дали секогаш го нарекува Хари, ’душо‘?“

Собата наеднаш станува поладна и јас се завиткувам со својот џемпер. „Сигурна ли си дека го слушна тоа?“

„Мислам. Не сакав да ти кажам, но си помислив, што би направила Чарли?“

Бренди и крем играат валцер во стомакот и чувствувам мачнина. Зошто се прејадувам секогаш?

„Можеби сум слушнала погрешно. Телевизорот беше вклучен. Жал ми, не требаше да кажам ништо.“ Ана станува нагло и почнува да ги собира чиниите, тропајќи со приборот за јадење. Јас ги затворам очите стискајќи ги, и кога ги отворам, таа е веќе во кујната. Свеќата трепери, борејќи се да остане запалена во својот восочен базен кој полека исчезнува. Црни сенки ги демнат ѕидовите, странците од моите кошмари, чудовиштата под креветот. Морници ми поминуваат низ ’рбетот, ја гасам свеќата и го вклучувам светлото.

Ана става врела вода во еден сад. Меурчињата се пенат и размножуваат, надвор од контрола, слично како и моите мисли. Го отворам капакот на кантата за отпадоци и почнувам да ги чистам чиниите. Говедската маснотија и остатоци од грашок паѓаат на парче стуткана хартија. Препознавајќи го ракописот на Ден, ја вадам хартијата и ја тресам кората од компир која се залепила на неа

„Одам на пиво со Хенри. Се гледаме подоцна. Бакнежи.“

„Ана, ти ли го стави ова во кантата?“

Таа го чита. „Не.“

„Зошто Ден би ми напишал порака само за да ја фрли?“

„Можеби се плашел дека ќе провериш кај Хари? Дека ќе го фатиш во лагата? Или можеби само одлетала во кантата. Задната врата ми беше подотворена додека готвев; капакот од кантата за отпадоци беше отворена додека ги лупев компирите. Но, ја затворив вратата кога ми се причини дека гледам некоја фигура во градината.“

„Имаше некој во градината и ми кажуваш дури сега?“ Јас избувнувам, фрлајќи го приборот за јадење во садот. Меурчињата се распрснуваат по плочките. Доаѓам до задната врата, ја протресувам рачката за да се осигурам дека е заклучена и гледам низ стаклото во градината.

„Не бев сигурна дали ми се пристори. Беше толку темно.“

„Сепак. Сигурно ќе знаеше доколку видеше некого?“

„Или нешто. Не сум навикната на селото. Лесно се преплашувам. Можело да биде и некој јазовец кој се промолкнува под живата ограда.“

Јас ја спуштам ролетната на задната врата и ги навлекувам завесите на кујнските прозорци. Ја чистиме кујната во тишина, потоа се упатуваме горе на спиење. Си ја читам книгата и само што доаѓам до делот каде што господин Рочестер ја расплакува Џејн Ер, кога слушам чукање на влезната врата. Ја затворам книгата нагло и ја испитувам нејзината тежина како да можам да ја искористам како оружје. Се вратила. Фигурата која Ана ја видела претходно во градината. Требаше да ја повикам полицијата.

Тропање. Удирање по прозорецот. Глас. „Грејс?“

Ден е. Се сеќавам дека го ставив синџирот на вратата и се стрчувам долу за да му отворам.

„Зошто е ставен синџирот?“

„Каде беше?“ Ги прекрстувам рацете на градите.

„Надвор со Хари. Ти оставив порака. Зар не ја виде?“

„А го викаш Хари ’душо‘, нели?“

„Секако дека не. За што зборуваш?“ Ден ги свлекува патиките. „Во ред ли си? Очите ти се навистина крвави.“

„Уморна сум.“ Ништо веќе нема смисла. „Ана те слушнала на телефон како нарекуваш некого ’душо‘.“

„Навистина ли?“ Ден ги фрла патиките на простирката и тие удираат во влезната врата. Парчиња кал паѓаат на килимот.

„И претпоставувам дека очекуваш од мене да ја вклучам правосмукалката?“

„Не очекувам да сториш ништо друго освен да ми веруваш повеќе од една луда кучка која ја запозна пред само пет минути.

„Зборувај потивко.“

„Зошто? Во случај скапоцената Ана да нè слушне и да ги изврти зборовите? Можам да викам ако сакам. Ова е моја ебана куќа.“

„Наша ебана куќа. Па, каде беше?“

„Во клубот со Хари. Прашај ја Клои, ако не ми веруваш мене. Таа беше таму. Сè уште има девојки кои всушност сакаат да го поминат времето со своите дечковци.“

„Па, можеби нивните дечковци не одат наоколу нарекувајќи други девојки ’душо‘.“ Се повлекувам горе на катот и здрвено лежам на креветот, слушајќи ги придушените звуци на телевизорот кои се провлекуваа низ подот додека Ден гледа филм на ноќната програма, со чкрипење на гуми и истрели од пиштол. Поминува долго време пред да ме вовлече сонот. Моите соништа се исполнети со искинати пораки, црвени корси и фигура во црн капут која се крие во грмушките.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.