Извадок од: „Сè што чуваме“ на Кери Лонсдејл

 

Имав осум години кога го запознав Џејмс. Од Њујорк се преселил во Лос Гатос и беше новиот сосед на Ник, два блока подалеку од ранчот каде што пораснав со моите родители Катерина и Хју Тирни. Едно прекрасно летно утро Ник и Кристен дојдоа кај нас заедно со Џејмс за да се запознаеме. Деталите од тој ден ги паметам појасно од што било друго што ми се случило на таа возраст, почнувајќи од начинот на кој Џејмс го круниса своето мавтање со насмевка, притоа откривајќи дека е толку нервозен што се запознава со мене колку што е нестрплив да запознае нови пријатели. Имаше подолга коса од другите момчиња од училиштето, а јас не можев да престанам да гледам во неговите густи, костенливи кадрици што се виткаа околу неговите ушни ресици под работ на капчето од „Њујорк џетс“. Со прстите поминуваше низ косата како да сака да ги израмни нескротливите кадрици.

Како и повеќето саботи во нашето соседство, воздухот силно мирисаше на свежо косена трева. Прскалките за вода неуморно вртеа, а нивниот шум се слушаше во заднината. Можев да го слушнам нежниот шум секојпат кога тато ќе го исклучеше моторот на машината за косење. И како многу летни саботи, јас имав поставено тезга на која продавав лимонада за да соберам пари. Штедев за да купам торбичка со магичен прав за помнење од продавницата за играчки во центарот на градот. Продавачот ми имаше кажано дека ако секоја вечер пред спиење малку се попрскувам по главата со овој прав, нема да заборавам каде сум ги оставила чевлите или кога треба да исполнам некоја од домашните обврски. Откако го слушнав тоа, едноставно морав да имам една таква торбичка.

Но токму ова конкретно саботно утро беше поразлично од другите, но не заради тоа што Ник и Кристен требаше да дојдат со својот нов пријател. Роби, едно дете отспротива, и неговиот братучед Френки ме видоа како ја поставувам тезгата. Роби беше силеџија, но кога двајцата беа заедно тоа значеше дека ќе има влечење за коса и навреди, скршени играчки и многу лути солзи.

Само што успеаја од мене да изнудат една чаша со лимонада, нудејќи ми светкави монети од дваесет и пет центи што ги посакував повеќе отколку што посакував да ме остават на мира, пристигнаа Кристен и Ник.

„Здраво Ејми“, рече Кристен. Покажа кон новото момче што стоеше покрај Ник. „Ова е Џејмс.“

Му сипав лимонада на Роби и му се насмевнав на Џејмс. „Здраво.“

Се насмевна и кратко ми мавна со раката.

„Опа, видете кој дошол“, почна Роби со подбуцнувањето. „Никаквиот Ник и Дада Панталонка. А ова ти е новата девојка?“ Со брадата покажа кон Џејмс.

Џејмс се стаписа. Ник направи еден заканувачки чекор кон Роби. „Магла, глупчо.“

„Ух!“, застенка Френки. Чашата му се лизна од раката. Со двете раце се фати за вратот и се заниша. „Таа ме отру. Умирам.“

„Престани да се будалиш!“, викнав засрамена и панично го погледнав Џејмс. Тој налутено го погледна Френки.

„Чекај јас да пробам.“ Роби набрзина ја испи целата лимонада, а чашата му одлета од раката. „Леле, не! Има отров.“ Летна напред преку масата. Пластичните чаши се стркалаа по земјата. „Таа нè уби, Френки.“

„Не, не е точно!“ Го турнав Роби. Тој не сакаше да се помрдне. „Исправи се!“

„Мрдни се!“ Кристен го повлече Роби за рака.

„Збогум, суров свету.“ Роби се истркала на неговата страна, влечејќи ја Кристен. Таа лошо падна на тротоарот и силно заплака. Додека се обидуваше да стане, Френки повторно ја турна на земја.

Ник замавна со тупаница кон Френки, но за неколку сантиметри го утна неговиот нос. „Губи се!“ Ококорениот Френки со трчање ја премина улицата и побегна во гаражата на Роби.

Масата под Роби се искрши. Ме зграпчи за кошулата и додека ме влечеше надолу превиткувајќи се, падна врз мене. Почувствував страшна болка во ребрата и во грбот. Џејмс го повлече Роби и штом се исправи, тој веднаш почна да удира со тупаници. Го удри Џејмс по устата и му ја расцепи едната усна. Џејмс зафрчи и со левата тупаница го погоди Роби во десното око. Роби почна да плаче и побегна дома.

Џејмс ми помогна да се исправам. Додека го тресев правот од алиштата, тој внимателно ме гледаше.

„Имаш убаво лево кроше“, рече тато доаѓајќи зад мене. „Одредено време ова ќе ги држи Роби и неговиот подмолен братучед подалеку од нашата куќа.“

Ја погледнав катастрофата на тротоарот и се разочарав. Кристен го бришеше носот и шмркаше. Колената ù беа изгребани, а од едното ù течеше крв. „Жал ми е за тезгата со лимонада“, ми рече.

Ми затрепери брадата. „Сега никогаш нема да го купам магичниот прав за помнење.“

Џејмс ме погледна чудно.

„Кристен, влези внатре и госпоѓа Тирни ќе ти ги исчисти колената“, предложи тато.

„Сакам да одам дома“, рече Кристен и заплака нежно поминувајќи со прстите по изгребаните делови.

„Јас ќе ја однесам.“ Ник ја повлече Кристин за лакотот. „Ќе се видиме подоцна“, му рече на Џејмс.

Додека заминуваа, тато го погледна Џејмс. „Како се викаш, синко?“

„Џејмс, господине.“ Ги избриша дланките од кошулата и му ја подаде раката. „Џејмс Донато.“

Тато се поздрави. „Мило ми е Џејмс. Повели внатре да се измиеш.“

Џејмс набрзина ме погледна. „Да, господине.“

„Ејми, однеси го Џејмс во кујната. Ќе ù речам на мајка ти да донесе фластери.“

Додека мама ги донесе фластерите и антибиотскиот крем, усната на Џејмс престана да крвави. Му беше натечена. Седеше на столот до мене и едно пакетче со смрзнат грашок го држеше притиснато на усните.

Го бомбардирав со прашања. Сакав да знам сè за него. Да, ќе учи во моето училиште. Да, сака да игра фудбал. Не, никогаш претходно не удрил никого. Да, го боли раката.

Двапати крена пет прсти и еднаш еден прст за да ми покаже единаесет кога го прашав колку години има.

„Имаш ли сестра?“

Решително одмавна со главата.

„Брат?“

Прво крена два прста, па одмавна со главата и покажа еден.

Се насмеав. „Сигурно Роби те удрил многу силно штом не можеш да се сетиш колку браќа имаш.“

Се намршти. „Имам еден брат. А Роби удира како девојче.“

Уште посилно се насмеав и со двете дланки ја покрив устата за да го стивнам кикотењето, плашејќи се дека ќе помисли дека им се смеам нему и на неговата грешка, а не на изразот на лицето на Роби откако го удри Џејмс. Никогаш не сум го видела Роби толку брзо да трча и да бега дома.

Џејмс ја разгледуваше кујната. Во рерната се печеше питата со јаболка за вечерната игра јамб на мама и нејзините пријателки. Во кујната почна да се слуша звук на класична музика што доаѓаше од радиото што тато го имаше пуштено надвор. Џејмс се подисправи малку во столот. „Ми се допаѓа овде кај вас.“

„Би сакала да ја видам твојата куќа.“ Се надевав дека сака да ми биде пријател затоа што навистина ми се допадна. Имаше убава насмевка и беше многу храбар. Го удри Роби, нешто што одамна сакав да го направам, но ми беше страв. Роби беше многу поголем од мене.

„Твојата е поубава.“ Погледот повторно му застана на мене. „Што е тоа магичен прав за помнење? Звучи интересно.“

Образите ми се зацрвенија штом се сетив на неговиот израз на лицето кога претходно се жалев за правот. Потпрени така на работната маса, со поднаведната глава, му раскажав сè за правот, восхитувајќи се колку тенот на неговата подлактица беше потемен во споредба со мојот. Кога завршив, ги собрав рамената. „Сега не е важно. Тезгата за лимонада ми е уништена и никогаш нема да соберам доволно пари за магичниот прав.“

Џејмс посегна со раката преку масата и го дофати садот со шеќер. Со прстите зеде малку од кристалите и ја подигна раката над мојата глава.

Погледнав нагоре. „Што правиш?“

„Затвори ги очите.“

„Зошто?“

„Верувај ми. Замижи.“

Замижав и слушнав крцкање над главата. Нешто ми паѓаше по косата и ме скокоткаше. Носот ме зачеша, имав чувство како на образите да ми паѓаат капки дожд, но не беа водени. Трепнав и погледнав нагоре. Кристали шеќер паѓаа по моето лице.

„Што беше ова?“, прашав веднаш штом Џејмс заврши и ги исчисти рацете.

„Џејмсов волшебен прав за помнење.“ Благо се насмевна со крајот од усната што не му беше повреден.

„Сега никогаш нема да заборавиш како сме се запознале.“

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.