Интервју со Вики Андонова, авторката на „Природно убави со Биодевојка“

Правењето на природни средства за нега во сопствените домови не значи само можност за заштеда и забава туку значи и правење на козметички производи што се и богати со активни состојки што се од огромно значење за здравјето и за убавината на кожата и косата. Органската козметика веќе 12 години е секојдневие на блогерката Вики Андонова, која денеска (22 мај) во 18 часот во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ (Public Room) ќе ја промовира својата книга „Природно убави со Биодевојка“ во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата е своевиден водич за нега, но и „козметички готвач“, содржи 175 природни, органски рецепти за нега на лице, тело и коса, што можете да ги подготвите во домашни услови. Рецептите се едноставни, практични, функционални и економични. Поголемиот дел од нив се подготвуваат со состојки што веќе ги имате во вашата кујна.

Како се роди идејата советите од вашиот блог да бидат објавени во книгата „Природно убави со Биодевојка“?

Откако го отворив својот блог „Биодевојка“ и активно почнав да пишувам за органската козметика, наспроти комерцијалната, и да давам природни рецепти за нега на кожата и косата, дојдов до идеја сето тоа да го преточам во една книга. Најпрвин сакав да направам еден вид книга со рецепти, нешто како „козметички готвач“. Но, се ставив на местото на читателите и се прашав каков вид книга лично би купила и би сакала да прочитам доколку првпат зачекорувам во светот на природна и органска нега на кожата и косата? Оттаму и идејата оваа книга да биде мал водич не само за оние што првпат се запознаваат со органската козметика и природниот начин на нега туку и за оние што веќе ваквиот начин на нега го прифатиле како животен стил. Оваа книга не се чита само еднаш и толку, туку ве тера постојано да се навраќате, секогаш кога ви е потребно да се консултирате за некоја одредена работа. Доволно е да ја отворите и да се потсетите.

Што да очекуваме од „Природно убави со Биодевојка“. Што содржи книгата?

Освен 175-те рецепти што се наменети за различен тип кожа коса или, пак, за одредена проблематика, книгата содржи и теоретски дел, најпрвин за разликите помеѓу комерцијалната, природната и органската козметика. Имам јасно означено кои состојки е пожелно да се избегнуваат во еден козметички производ и зошто, односно какво е нивното дејство врз кожата и косата. Исто така, теоретскиот дел опфаќа и совети за правилна нега на кожата и косата, совети за правилна заштита од сонцето и водич при изборот на производите за нега на кожата и косата. Можам да кажам дека оваа книга претставува мал комплетен водич како за почетници, така и за оние што веќе се негуваат во согласност со мојата филозофија. Јазикот на кој е напишана е лесно разбирлив за сите читатели.

Кои се главните совети што ги давате на своите читатели?

Мој најголем совет до сите читатели е да го направат првиот чекор кон органското, доколку длабоко во себе почувствуваат дека се подготвени за такво нешто. Не зашто е модерно да се негуваат на органски начин или затоа што сосетката преминала на органско, туку зашто станале свесни што досега нанесувале на кожата и косата и дека е време нешто да променат за свое сопствено добро. Секако, во книгата давам разни совети најнапред за правилен избор на козметика, разјаснувајќи ги сите разни видови производи, начин на употреба и, секако, ефект врз кожата. Потоа се концентрирам на одредени проблематики, како нечиста кожа склона кон акни и митесери, хиперпигментација, целулит или сува кожа, каде што не само што давам рецепти за нега туку и ги нагласувам и можните причини за појавата на проблематиката и, секако, совет како да се избегне.

Кои се најважните чекори во изборот и примена на органската козметика?

Во книгата имам дадено еден вид пирамида во која имам истакнато пет основни чекори што се од особена важност за здрава и убава кожа. Како прв чекор и најважно нешто за здравјето и убавината на кожата е правилното чистење, каде што спаѓаат отстранување шминка и миење на кожата со правилен и соодветен производ. Исто така, тука спаѓа и тоникот за лице кој ја регулира pH-вредноста на кожата и ја подготвува за понатамошните чекори.

Втор чекор е негата на кожата со дневен или ноќен производ за таа намена. Како трет чекор ја одвојувам дополнителната нега, односно маски за нега на лицето на кожата. Во книгата имам дадено многу рецепти за маски за секој тип кожа, начин на употреба и дејство врз кожата. Четвртиот чекор ја опфаќа ексфолијацијата, што може да биде хемиска или механичка како начин на отстранување на мртвите клетки од горниот слој на кожата. Како за на крај доаѓа заштитата од сонцето. Ова го оставив како петти чекор, не зашто го сметам за помалку важен од другите, туку затоа што производите што содржат заштитни филтри треба да се користат само кога имаме потреба од тоа.

Дали ги имате пробано сите рецепти што ги споделувате во книгата?

Да, имам испробано речиси сѐ во оваа книга, најнапред за да го видам ефектот од рецептот врз кожата, а потоа и за да знам дали е потребно тој да биде подобрен или доусовршен. Со оглед на тоа што имам комбинирана кожа, некои рецепти ги испробував и на блиски другарки од Скопје и Рим со одредена проблематика, токму затоа што сакав да видам како дејствува врз кожата со проблематиката за која е наменет. Едно е да испробам рецепт кај себе што е наменет за сува кожа, на пример, а јас ја немам, а друго кај некој што навистина страда од таа проблематика. Меѓутоа, пред да им ги понудам, секако ги испробував врз себе.

Кога се случи вашиот премин кон органската козметика?

Мојата приказна почна пред околу 12 години кога се преселив во Рим. Во зоната каде што живеев, на околу 300 метри од мојот стан, имаше една продавничка на која пишуваше „Erboristeria“ (на македонски би било билна аптека). Имаше навистина преубав излог полн со најразлична козметика и шминка, што дотогаш ја немав видено, листови од разни билки и прекрасни суви и свежи цветови, со еден збор изгледаше божествено. Долго време само поминував покрај неа без да влезам внатре (научена да си купувам сè од парфимерии) сè додека еден ден не забележав еден натпис: „Утре, огромна презентација на најновите органски производи“. Од љубопитност отидов утредента, влегов внатре и… веќе не бев иста… Станав свесна што всушност нанесувам на себе. Почнав да истражувам за состојките и за нивното дејство врз кожата и косата и да навлегувам сѐ подлабоко во органската козметичка култура. Од ден на ден растеше мојот интерес и љубов за органската козметика, што решив да ѝ се посветам уште повеќе и на малку попрофесионално ниво. Најнапред читав разни искуства и трудови на голем број хемичари (претежно италијански) поврзани не само со декларациите ена органската козметика туку и формулите. Во моментов сум при крај со студиите по природна и органска козметика во Рим.

 Како го поминавте тој преоден период?

Мојот премин кон органската козметика беше драстичен: од силиконски шампони и кремови полни со течен парафин и други нафтени деривати, преминав на најчиста можна козметика. И каков беше резултатот? Стрес… или така ми изгледаше мене. Косата што претходно беше „навидум“ сјајна, блескава, мазна (а сето тоа беше всушност лажното дејство на силиконите што безмилосно беа залепени за секое влакно) одеднаш стана сува и тенка. Бев очајна и си помислив дека органската козметика ми ја влошила состојбата на косата, наместо да ми ја подобри, не знаејќи дека тоа секогаш била вистинската состојба на мојата коса измачена и задушена под силиконите што конечно почнала да се ослободува и да дише. Истиот случај беше и со кожата, која беше задушена од нафтените деривати во комбинација со силикони што цело време врз неа креирале тенок филм. На допир навидум изгледа исклучително мека и нежна, меѓутоа воопшто не е така. Ефектот е ист како кога ќе капнете восок од запалена свеќа на кожата и ја допрете, на допир е мазна и прекрасна, но кога ќе го отстраните восокот не е баш толку мазна.
Почнав да пребарувам на интернет искуства и да читам разни статии за филозофијата на органската козметика и всушност сфатив дека треба да бидам трпелива, дека моменталната состојба е само чекор напред кон поздрава кожа и коса, па решив да си дадам можност. Затоа мојот прв и најголем совет за сите оние што сакаат да преминат на органско е тој премин да биде постепен, а не драстичен (прво купете шампон за коса без силикони што не мора да биде органски, а потоа, откако ќе го потрошите, купете органски), зашто тоа многу ќе ви помогне да истраете во вашиот избор и да не се откажете по десет дена. Доколку како мене сакате драстично да ја прекинете вашата „љубов“ со синтетичките хемиски производи, мој совет е да стиснете заби и да издржите во вашата замисла без оглед на моменталните резултати. Веќе по два до три месеци (во зависност од тоа колку и какви производи сте користеле досега) ќе почнете да ги забележувате првите резултати што ќе ве охрабрат и ќе ве направат многу среќни, а верувајте ми кожата и косата ќе ви бидат многу благодарни.

Можете ли да ни откриете малку повеќе за себе. Во моментов живеете во Италија… Кога и со која намена се преселивте?

Да, во моментов сум повторно во Италија, во главниот град Рим, кој е љубовта на мојот живот, ако можам да се изразам така. Град што комплетно ме привлекува од секој аспект. Во моментов ги привршувам студиите по природна и органска козметика во едно приватно училиште. Изучувам формулации на козметички производи и меѓусебна комбинација на разни состојки.

Каква е вашата професионална окупација. Дали сте било како инволвирани во козметичката индустрија? Каков е вашиот професионален бекграунд?

Во моментов гледам да научам колку што можам повеќе за козметиката и, секако, да го завршам она што го почнав. Во иднина, никогаш не се знае, би ми било многу мило да успеам да направам свој бренд на органска козметика достапна за сите. Пред три години сон ми беше да ја издадам оваа книга и постојано си ја замислував, иако на времето беше дел запишана во компјутерот, а дел во мојата глава. Меѓутоа, со труд, посветеност и работа успеав. Се надевам дека истово ќе се случи и со козметичката линија, што засега е само сон, меѓутоа никогаш не се знае што носи иднината. Кога имаме јасна идеја и зацртана цел во животот и кога нештата ги правиме со љубов и од душа, сметам дека успехот е неминовен.

Зошто се одлучивте да отворите специјализиран блог на оваа тема? Колку ги следите и ги применувате советите од блоговите со иста содржина?

Пред околу три години судбината сакаше да се вратам во Скопје по осум години живот во Рим. Кога се вратив бев толку загрижена што нема да можам да се негувам на органски начин, мислејќи дека во Македонија сè уште нема органска козметика, меѓутоа за моја огромна радост забележав дека се присутни неколку светски познати органски марки на козметика. Со оглед на тоа што органската култура сè уште не беше доволно позната и многумина ги мешаа термините помеѓу природно и органско, се решив да почнам да пишувам на оваа тематика и на некој начин да се оддолжам за сето она што мене ме научија за време на престојот во Рим. На почетокот сфатив дека многу компании го злоупотребуваат терминот „природно“ и терминот органски го користеа за брендови што воопшто не се. Сакав на некој начин да почнам да ги разјаснувам овие термини и да им кажам на читателите какви состојки треба да содржи еден козметички производ и какви состојки се дозволени во еден производ што може да биде сертифициран како органски. На почетокот одѕивот беше слаб, меѓутоа продолжив да пишувам. На мое огромно задоволство, од ден на ден растеше интересот, секој ден имав сѐ повеќе следбеници на блогот и на страницата на „Фејсбук“. Кога почнаа да пристигнуваат и првите критики од страна на некои комерцијални брендови, сфатив дека конечно почна да се буди свеста за природното и органското и да се прави разлика помеѓу комерцијалните производи и органските производи.

Каков е досегашниот фидбек за вашиот блог? Колку ви пишуваат читателите со свои впечатоци и коментари?

Денес можам гордо да кажам дека добивам навистина премногу пораки (верувајте ми, понекогаш по пет часа седам на компјутер за да им одговорам на сите), каде што ме прашуваат за совет, препорака на козметика или, пак, едноставно споделуваат искуства со мене. Верувајте ми, мојата радост нема крај и ветувам дека сум тука за секој што има потреба од совет или помош и ги охрабрувам сите читатели да продолжат да ми пишуваат не само во приватни пораки туку и јавно, за да можат и другите што го имаат истиот проблем да учествуваат, сите заедно да разговараме, да коментираме и да даваме свои мислења. Кога една информација ќе се рашири и за неа се дискутира, веќе станува култура.

Имате ли податоци во светски рамки колку и со какво темпо оди примената на ваков вид козметика?

Од истражувањата што ги имам правено можам да кажам дека земја број 1 што внимава и се залага кон органското е Германија. Мислам дека имаат огромна органска козметичка култура и на национално ниво самата земја инвестира и ги помага производителите на органска козметика. Затоа и ако видите, најпрвите козметички органски брендови се токму оттаму. Секако, тука е и Франција, која мошне се залага за органската култура, иако можам најмногу да зборувам за Италија, со оглед на тоа што таму живеев и таму настана мојата трансформација. Во Италија, секако, оди напред органската култура и сѐ поголем е бројот на производителите кои секојдневно се појавуваат на пазарот со сертифицирани органски производи. Верувајте ми, побарувачката е толку голема, што органската козметика почна да се продава по сите супермаркети, со цел да стане подостапна на обичните потрошувачи. Што се однесува до едукацијата за органска козметика, речиси сѐ она што го знам им го должам на голем број италијански хемичари кои редовно ги следам и ги читам нивни трудови. Мислам дека човек не може и не треба никогаш да се задоволи со она што го знае. Животот оди напред и секогаш е потребно да се биде во тек со најновите откритија во полето на козметиката. За голем број состојки се вршат нови истражувања и се откриваат нови работи и токму затоа со редовно читање и следење на одредени семинари и, секако, консултација со стручни лица од одредена област може и потребно е секогаш да се научат нови работи и да се надградува постојното знаење.

Разговараше: Ана Несторовска – Саздовска

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.