Извадок од „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски

„Динга стоп“ ја играме според правилата на Тарцан Матурантот, нашиот маалски чауш. Тарцан мораме да го именуваме „Матурант“ по негово барање. Двапати го повторуваше третиот клас на поправен испит по математика. Престрогиот професор Раде со прекар Косинус го туркаше Тарцан две години на поправен испит и ако го турнеше и оваа година, Тарцан ќе беше испишан од гимназија. Дента кога беше парадата на плоштадот за Денот на младоста, професорот Раде Косинус беше „ќебиран“. Ќебе му паднало врз глава кога завртел зад слаткарницата „Пилот“ во Маџар маало, бил истепан и најден во дупка кај осмолетката „Браќа Миладиновци“. Дали од претепување или од падот во дупката, три дена беше во кома. Полицијата не го пронајде непознатиот напаѓач, иако имало многу народ во слаткарницата и околу неа. Тарцан во болницата го посети професорот Раде, дарувајќи му шише боза, го положи третиот клас и дотурка до титулата „матурант“.

Тарцан слепо си го слушаме. Секоја петочна вечер пред Румба кафеана одекнува неговиот продорен устен свиреж и ние, неговите верни послушници, сите од прво до осмо одделение, како пупунци се групираме околу него. Тарцан Матурантот седнува на белиот камен пред куќата на баба Велика, ја чешла својата тарзан-фризура со која посебно се гордее и грицка семки. Семките великодушно ги дели со нас, безначајните маалски копиљаци. Почестениот со понеколку семчиња понизно му кажува „Е, фала ти бе Матурант!“ Кога сите заеднички ќе ги изгрицкаме семките Тарцан ја подава дланката пред себе. Секој од нас мора да му даде по пет пари.

„Зашто да ти дадам пари?… За семки?“ го прашав наивно кога првпат ми ги зема моите тешко здобиени пари од татко.

„За дингарина, учкур ниеден!“ ми одврати луто и ми ѕврѕна чврга од која цела вечер ми ѕунеше главата, а цела недела носев и џумка.

Тие што не можат да платат пет динари цела недела мораат да играат „динга стоп“. Кои ќе бидат меѓусебните противници во „динга стоп“ одредува Тарцан. Тогаш седум дена не се капам по дивите плажи на Вардар, туку мадро се кријам дома, читам лектири или бездарно се ашкам низ дворот. Проблем настанува кога домашните ќе ме испратат да купам нешто. Пред да излезам, уште низ цепутките од портата разгледувам кој е во чикмакот[1]. Ако чикмакот е празен или мојот противник го нема меѓу децата, крадешкум излегувам низ портата, се движам гребејќи ги раскапаните, нерамни ѕидови, спасоносно го досегнувам аголот на сокакот и внимателно разгледувам одлево и оддесно низ сокакот. Ако го нема мојот дингач, повторно криешкум, залепен до ѕидовите и криејќи се по портите, напредувам кон гранапот. И мојот противник дингач се однесува како мене – внимава да не го забележам. Ако го видам дингачот веднаш на цел глас крескам „динга стоп!“ Дингачот мора да застане и не се помрднува додека не му кажам „динга крај“. Парализата на дингирањето може да трае од минута до бескрај. Пред две години Тарцан беше дингиран од Цуцла Крлежот цел ден. Издржа цел ден и цела ноќ без да се помрдне, без да пие вода и да јаде. Цуцла Крлежот пред сите го плукаше в лице, му плескаше шлаканици, го клоцаше, го пцуеше, дури и го измоча. Тарцан ги издржа сите омаловажувања вкочанет небаре е кип од народен херој поставен среде Ново маало. Оттогаш Тарцан за нас прерасна во докажан новомаалски херој. Утредента пред сите нас го претепа Цуцла Крлежот, кој дотогаш го уважувавме за маалски чауш. Цуцла Крлежот потем се лекуваше на хируршкото одделение во Воената болница. Татко му беше курир во Удба, па во маалото ни дојдоа опасните удбаши да истражат кој го претепал Цуцла Крлежот. Маалците солидарно тврдеа дека Цуцла Крлежот самиот паднал в дупка. Го собраа Тарцан од дома и го одвлекоа во станицата под Калето и по два дена го ослободија острижен до гола кожа. Збеснат што му ја уништиле тарзан-фризурата, Тарцан појде кај Цуцла Крлежот да му шепне нешто на уво. Утредента Цуцла Крлежот написмено дал изјава оти паднал во дупка, а Тарцан го спасувал. Со ова Тарцан прерасна во докажан маалски чауш и ние го слушаме без поговор. Двајца непослушници, не сакајќи, бапнале в дупка. За Тарцан излезе поговорка дека ако тој тепа, тогаш на тепаниот не му гине болница поради пад во дупка.

 

[1] Ќор-сокак. (арх.)

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.