По повод патрониот празник на ПОУ „Златан Сремeц“ – Скопје, кое одбележува 46 години постоење, здружението „Проект Среќа“, во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“, денеска донира книги и сликовници. Изданијата ќе го збогатат книжевниот фонд во библиотеката на посебното основно училиште за деца со пречки во психофизичкиот развој.
Под мотото „Среќа е…“ денеска беше организирана и приредба во која учениците се претставија со музички точки и рецитал. На настанот гостуваше и познатиот актер Сашко Коцев, кој ја насмеа публиката и во свој стил им пренесе честитки за патрониот празник на вработените во училиштето и на учениците.

Актерот Сашко Коцев ја насмеа публиката и во свој стил го честитита патрониот празник
Холот на училиштето, пригодно украсен со балони и препознатливата насмеана фигура „смајли“, беше исполнет со многубројни гости, соработници, поединци, фирми и организации. Директорката на училиштето им врачи благодарници на тие што му помагаат на училиштето, а меѓу нив и Здружение за хумано-општествен развој „Проект Среќа“, чијашто претседателка, позната пејачка Кристина Арнаудова, изјави:
– Децата од ПОУ „Златан Сремeц“ ги запознавме за време на нашиот проект „И јас сум Дедо Мраз“, кога ги израдувавме со новогодишни подароци. Толку многу ги засакавме овие деца, што си рековме дека еден ден мораме да се вратиме и да направиме нешто само за нив. Така решивме за нивниот патрон празник да им организираме забавен настан. Ангажиравме озвучување, го поканивме Сашко Коцев да ги насмее и да ги забавува, а нашите пријатели од „Арс Ламина“ на училишната библиотека ѝ подарија 50 нивни изданија, за радост на сите деца! Всушност, и мотото на „Проект Среќа“ е дека секое дете заслужува да биде среќно!

Основачката на „Проект Среќа“, позната пејачка Кристина Арнаудова изјави дека секое „дете заслужува да биде среќно“.
Здружението подари дополнителни 50 изданија за училиштето. Во продолжение, придружувана од учениците од „Златан Сремeц“, Арнаудова ја испеаја песната „Среќен роденден“.
Здружението „Проект Среќа“ – Скопје е оформено пред една година од Кристина Арнаудова, како основач и претседател, и група граѓани, ентузијасти, филантропи, активни во хуманитарната работа. Станува збор за граѓани со влијателен глас во општеството во кое живеат, со цел да придонесат за позитивни промени за подобро општество, работејќи на проекти што влијаат на квалитетот на животот на луѓето во сите сегменти од него, а најмногу на лицата кои се во загрозените групи на социјално-ранливи категории.