По бестселерот „Фајронт во Сараево“, д-р Неле со нов роман – „Солунска 28“
Новиот роман „Солунска 28“ на Неле Карајлиќ е приказна за една белградска куќа изградена на крајот на 19 век, што ја споделува судбината на Белград и сите случувања во 20 век.
„Таа е сведок на највозбудливиот век во историјата на нашиот главен град“, вели Карајлиќ за својот роман и продолжува, „Луѓето ме прашуваат зошто книгата се вика ’Солунска 28‘. Кога дојдов во Белград, немав поим дека мојот прадедо ја направил таа куќа. Кога отидов и ја видов, кога ги слушнав приказните од моите предци, одлучив да ја ставам на хартија, бидејќи историјата на куќата што почнува на крајот на 19 век заслужува таков третман“, објаснува Неле.
„По ’Фајронт во Сараево‘, Карајлиќ овој пат ги води читателите во Белград на почетокот на 20 век, каде што се одвива приказната што досега никој не ја раскажал, а без која отсега никој не ќе може да си ја замисли историјата на градот на Сава и на Дунав“, соопшти издавачката куќа „Лагуна“.
Спојувајќи ги најдобрите состојки на јужноамериканскиот реализам и сараевскиот нов надреализам, Карајлиќ раскажува историја за една куќа во дорќолската улица и нè води од друга страна на огледалото, во простор што се наоѓа на тромеѓа на животот, смртта и вечноста, се истакнува во соопштението.
Романот „Солунска 28“ од 17 мај ќе биде во продажба во книжарниците во Србија.