Промовирана збирката хаику-поезија „Реми“ од авторите Гето Руди и Теа К.

Во рамките на 30. издание на Саемот на книга, на штандот на книжарницата „Литература.мк“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ вчера беше промовирана новата збирка хаику-поезија „Реми“ од авторите Гето Руди и Теа К. Изданието беше претставено со мал перформанс – партија шах, во која меѓу два потега со фигурите авторите читаа по една хаику-песна. Промоцијата заврши со реми, како што е и насловот на книгата што може да се чита и однапред и одназад. „Реми“ е дел од идеја што настанала пред седум години за три заеднички поетски книги со по 77 хаику-песни, како завршена целина. Авторите Гето Руди и Теа К. најпрвин ја објавија збирката „Партија шах“, чиешто име е добар вовед во тој умствено-креативен поетски „двобој“.

– Шахот е умствена игра, па оттаму и поврзаноста на насловите на првата и втората книга со хаику-поезија со шахот, бидејќи хаикуто е специфична форма на поезија што бара одредена умствена прецизност, креативност и знаење. Секако, и третата книга ќе ја следи таа идеја. Исто така, сосем случајно, двајцата имаме напишано и по една хаику-песна во врска со шахот, па тоа само ја надополни почетната идеја и тие песни станаа дел од првата книга, така што и во „Реми“ се провлекува по една песна од секој автор поврзана со таа тематика и тоа веќе станува препознатлив печат на книгите – изјавија Гето Руди и Теа К.

 


Иако станува збор за ист вид поезија, авторите се сосем различни во поглед на своето хаику-творештво и на различен и посебен начин „заробуваат“ мигови или цела вечност во кратката, а моќна форма „пет-седум-пет“ на хаику-поезијата. Специфично е што самата хаику-поезија дава одредени рамки со формата „пет-седум-пет“, а истовремено нуди и слобода на креативност за да се преточи мислата токму во тие рамки, едноставно авторот си игра со својата почетна инспирација, идеја, со себеси, со песната, умствено креира, реди и прередува, а тоа на крајот се пренесува многу помоќно, затоа што е кратка форма во којашто треба да се каже сè. Тоа што „Реми“ е сочинета од двајца автори само ја надополнува таа специфичност, зашто се работи за два начина на изразување преку оваа кратка и строга, а многу креативна и слободна поетска форма.

 


Авторите Гето Руди и Теа К. пишуваат хаику-поезија десетина години и имаат учествувано на разни хаику-читања. Исто така, имаат објавувано и своја хаику-поезија во хаику-списанието „Мравка“, нивни хаику-песни се дел и од антологијата „Нов македонски хаику-бран“ (2011), а присутни се и на хаику.мк. Со своја хаику-поезија имаат земено учество и на 47. и 49. Струшки вечери на поезијата („Ноќи без интерпункција“). Освен заедничките две книги со хаику-поезија, заедничко на двајцата автори им е и тоа што објавуваат под псевдоним, зашто сметаат дека „книгите се важни заради книгите“, имињата на авторите се во втор план, како и тоа дека и двајцата се магистри по комуникации. Едниот од авторите е дипломиран професор по македонски јазик и литература и лектор, а другиот дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност.


Неколку часови претходно на саемскиот простор на „Литература.мк“, специјалниот гостин на „Арс Ламина“ – најпродаваниот автор за деца во Србија, Урош Петровиќ, одржа работилница за најмладите. Во рамките на Саемот на книгата 2018, тој го претстави и серијалот „Загадочни приказни“ на македонски јазик. Досега се објавени две книги на македонски, а наскоро се очекува и третата.
На 30. јубилејно издание на Саемот на книгата, што од 3 до 9 мај се одржи во ВИП Арената во СЦ „Борис Трајковски“, книжарницата „Литература.мк“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ се претставија со речиси 400 нови наслови, специјални гости, попусти до 70 отсто на повеќе од 1.000 книги од белетристиката, книжевноста за деца, како и стручната литература.


Покрај „Реми“, на штандот за време на саемот беа промовирани: збирката раскази „Динга стоп: Скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски, прирачникот за патување „Како се оди во Париз“ од авторката Јана Мишо, „ТКЦП: Канџа во мракот“ од Билјана Црвенковска и стрип-авторот Здравко Гиров, македонските верзии на „Загадочни приказни“ од Урош Петровиќ. Премиерно на штандот на „Литература.мк“ се појави и светскиот книжевен хит „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“.
Беше остварена средба со авторите: Давор Панчевски („Dave’s Kitchen: Гответе насмеани“),Ване Костуранов („Ѕвездено дете“) и со претставници од Националниот сојуз на глуви и наглуви лица на Македонија по повод „Мал водич низ македонскиот знаковен јазик“.
Програмата со активности на годинашниот саем беше збогатена и со креативни работилници за деца на тема „Кралот Светкошорц“, „Исидора Мун“, „Сечи и лепи“, како и интерактивен квиз со гостинот Урош Петровиќ и неговите „Загадочни приказни“.

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s