Промовиран новиот серијал „ТКЦП“ и перформанс на авторот Урош Петровиќ на штандот на „Литература.мк“


Во рамките на Саемот на книгата 2018 на штандот на издавачката куќа „Арс Ламина“ и книжарницата „Литература.мк“ вчера (7 мај) беа промовирани: новиот серијал за деца ТКЦП од Билјана Црвенковска и Здравко Гиров, како и македонската верзија на „Загадочни приказни“ од Урош Петровиќ.
Писателката за деца Билјана Црвенковска и стрип-авторот Здравко Гиров го претставија романот „Канџа во мракот“ – прв од новиот серијал за најмладите ТКЦП. Станува збор за книжевен хибрид помеѓу роман и графички роман, кој е интерактивен затоа што „бара“ и учество на детето со боење, доцртување, дополнување и допишување.

– Серијалот се подготвуваше речиси две години, пред сѐ зашто мораше да се развие целиот концепт за ликовите, па потоа да се направи костур за приказните и на крајот да се прејде кон конкретно пишување на првата приказна. Инаку, оригиналната идеја е моја, но ликовите ги развивавме заедно со Срна и Димитриј, децата на мојот партнер Кире. Тие помогнаа околу карактеристиките на секој лик, а Срна ги смисли нивните имиња. Следниот чекор беше Здравко да ги нацрта ликовите во различни пози и ситуации, а потоа следуваше долг и мачен период на идеи и концепти и пишување и допишување, за да се „роди“ на крајот првата приказна – „ТКЦП: Канџа во мракот“, односно епизодата во која е главен малиот херој Лео – изјави Билјана Црвенковска на промоцијата.

Станува збор за нов забавен серијал за деца, кој ќе вбројува илустрирани изданија, романи и книги со активности. Приказната се движи околу Лео и неговата дружина со херои ТКЦП. Тие се борат против своите најголеми непријатели – Смрдливците… Во првата книга од серијалот именувана како „Канџа во мракот“ се појавува таинствен „смрдливец“ во сенка. Во разрешување на мистеријата можат да се вклучат самите читатели со добојување, доцртување, допишување и дополнување на авантура додека читаат. Подгответе се за многу возбуда, акција и смеење.
– ТКЦП е кратенка за „Тајниот клуб Црно прасе“ во кој, покрај Лео, членуваат и Рокси, Ава, Симон, Тина и Тони. Тие се деца-суперхерои, кои, покрај тоа што имаат одредени супермоќи, сите имаат и по некој проблем или недостаток што им попречува да вршат нешто во секојдневниот живот. Пораката е едноставна: секој може да биде силен во нешто, без разлика што е слаб во нешто друго. Никој не е совршен и секој од нас може да биде суперхерој. Покрај трите споменати романи, ќе има уште три, значи вкупно шест, колку што има и главни ликови. Исто така, ќе има повеќе боенки, книги со активности, решаванки, тефтери и други интересни работи – објаснува писателката.

Ова не е прва соработка на Црвенковска и Гиров. Претходно заедно имаат работено на уште две книги: на англиската верзија на првиот роман на Црвенковска – „Што сонуваше Дедо Мраз“, како и „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“, која е прва книга од серијалот „Приказни од Зеленпарк“. Втората книга од овој серијал би требало да излезе кон крајот на годината. Во следниве неколку месеци ќе излезат уште два романа од оваа серија, епизодата во која главен лик е Рокси – „ТКЦП: Замокот на Илјада мачки“ и епизодата во која главен лик е Тина – „Мисијата ’Црно прасе‘“.

По нивната промоција, на штандот на „Литература.мк“ специјалниот гостин на „Арс Ламина“ беше најпродаваниот автор за деца во Србија – Урош Петровиќ, кој со квиз-перформанс го промовира серијалот „Загадочни приказни“ на македонски јазик. Во продажба веќе се првата и втората книга од серијалот, а наскоро се очекува и третата.
– „Загадочни приказни“ е книга за деца кои сакаат предизвици и загатки! Тие што сакаат приказни, ќе уживаат во нив, но секоја поставува не е баш лесна задача – решавање на логичка загатка врзана за случките од една необична траперска населба. Неретко ќе биде потребна помош од постарите, бидејќи оваа книга, најблаго кажано, не ги потценува децата – вели Петровиќ.

Авторот на „Загадочни приказни“ е задолжен за тестирањата на МЕНСА во Србија и е еден од најуспешните решавачи на Ај-Кју X-тестот во светот. Тој денеска во 12 часот ќе одржи и работилница за деца во саемскиот простор.
Во 18 часот на штандот на книжарницата „Литература.мк“ ќе биде промовирана новата збирка хаику-поезија „Реми“ од авторите Гето Руди и Теа К. Книгата „Реми“ е дел од идеја што се роди пред седум години за три заеднички поетски книги со по 77 хаику-песни, како завршена целина.


Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.