Бројни ѕвездени дечиња присуствуваа на средба и дружбата со Ване Костуранов, сликар, илустратор и автор на неодамна промовираната сликовница „Ѕвездено дете“ на 5 мај на штандот на „Литература.мк“ во рамки на 30. издание на Саемот на книгата. Тој потпиша примероци од книгата во издание „Арс Ламина“.
Приказната во сликовницата се раскажува околу Ѕвездан – дете кое живее меѓу ѕвездите. А кога живееш меѓу ѕвездите, животот ти е исполнет со нив. Ѕвездан е вистински мајстор за ѕвезди: ги поправа кога ќе престанат да светат, пловејќи меѓу нив со своето бротче. Исплашен од помислата некоја ѕвезда да не падне, Ѕвездан доаѓа до едно големо откритие… што понатаму ќе го доведе до нешто сосема, сосема неочекувано… „Ѕвездено дете“ е нежна, ѕвездена приказна за желбите, стравовите, осаменоста и љубовта.
Авторот на книгата, Ване Костуранов е роден во 1979 година во Струмица. Уште од мал повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики, отколку со зборови. Неговата најголема желба – никогаш да не порасне, реши сам да си ја оствари, употребувајќи ги сликарството и илустрацијата како жива ограда од светот на возрасните. Својот светоглед го има споделено на повеќе изложби во земјата и во странство, а „Ѕвездено дете“ е негова прва сликовница за деца и возрасни.