Прирачникот „Како се оди во Париз“ од авторката Јана Мишо, позната по своите два романа „Анаис од Монмартр“ и „Скоро парижанка“, ќе биде промовиран денеска (5 мај) во 13 часот во рамките на Саемот на книгата 2018. Водичот ќе биде преставен во париски амбиент на штандот на книжарницата „Литература.мк“ и издавачката куќа „Арс Ламина“. Покрај тоа, со секој купен роман од Мишо читателите ќе добијат шанса да освојат два авиобилета за Париз.

Јана Мишо му потпиша книга на Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на отворањето на Саемот на книгата 2018
Инспирација за прирачникот и дневник за патување е блог-постот на Мишо, со истиот наслов – „Како се оди во Париз“, а низ него се провлекуваат моменти од добропознатите романи на Мишо – „Скоро парижанка“ и „Анаис од Монмартр“.
– Во објавата сакав да споделам нешта што сум ги научила по пат и работи што секогаш ги правам за да уживам до максимум. Со креативните уредници од „Арс Ламина“ се сетивме дека сето тоа одлично може да се вклопи во планер и дневник за патување. Просторот за водење дневник на патувањето е поделен во поглавја, затоа што го замисливме како лична книга на секој што ќе запишува. Особено се радувам на мапата на спомени, каде што можат да се означуваат посебни моменти со бројки, па вообичаените простори за списоци за пакување, купување, лепење фотографии и билети и плус цитати од „Скоро парижанка“ и „Анаис од Монмартр“, за да го заокружат доживувањето. Сите совети во Прирачникот се практични и важни, а мене омилен ми е „читај книга со Париз“. Открив дека кога ќе прочиташ книга за француската метропола пред да заминеш таму, тоа неверојатно го подобрува искуството. Одушевувачки е кога ќе застанеш на местото за кое претходно пишувал некој. Тоа, но и советот – да не купуваат ајфони од Пигал! – вели Јана Мишо.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние и авторката Јана Мишо на штанот на „Литература.мк“ на Саемот на книгата 2018
Прирачникот „Како се оди во Париз“ е наменет за сите што сакаат да собираат спомени, да запишуваат, да водат дневници, споменари, да лепат фотографии, да чуваат билети, сметки, исечоци, сите љубители книги, на уметност и сите што сакаат уште ова да го стават во куфер.
Низ сите страници се провлекуваат цитати со локации, луѓе и доживувања од романите „Скоро парижанка“ и „Анаис од Монмартр“. Ако прирачникот го имаат читатели на двете книги, ќе можат да се најдат баш на местото за кое прочитале.
– За „Скоро парижанка“ и „Анаис од Монмартр“ добивам фантастичен фидбек, многу почесто отколку што очекував. Ми пишуваат прекрасни луѓе на „Инстаграм“, на „Фејсбук“, ми се обраќаат по град дека книгите ги расположуваат и им го разубавуваат денот и ми е драго и бескрајно сум благодарна, зашто тоа беше и причината што ги напишав такви какви што се – да си го разубавам денот – вели авторката.

Со секој купен роман од Мишо читателите ќе добијат шанса да освојат два авиобилета за Париз
По промоцијата на Јана Мишо, во 17 часот следува средба и дружење со Ване Костуранов, сликар, илустратор и автор на неодамна промовираната сликовница „Ѕвездено дете“.
Македонското издание на светскиот книжевен хит „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“, чијашто официјална промоција ќе биде на 6 мај (недела) во МКЦ во рамките на фестивалот „Прво па женско“, премиерно се најде и на саемската постановка на „Литература.мк“.

Низ сите страници се провлекуваат цитати со локации, луѓе и доживувања од романите на Јана Мишо – „Скоро парижанка“ и „Анаис од Монмартр“