Во пресрет на 30-от јубилеен Меѓународен саем на книгата, потсетуваме на разговорот во „Астрорум“на ексклузивните гости на „Арс Ламина“ од ланскиот саем, писателите Франсеск Миралјес и Хавиер Руескас од Шпанија, чијашто книга „Отчукувања“ (Pulsaciones) внесе свежина во литературата и предизвика огромен интерес особено кај младaта популација ширум светот, па оттука и кај македонската.
Авторите на популарниот „чет“-роман „Отчукувања“, ú гостуваа на Бранка Костиќ-Марковиќ во книжарницата Литература.мк. непосредно пред саемската промоција на нивната книга преведена на македонски јазик. Преку дијалозите пренесени во необичен формат („чет“-апликација), ова интересно четиво пренесува една приказна за вторите шанси во животот. Но, не само формата туку и спојот на овие два автора го прави овој проект навистина интересен – Руескас (Мадрид, 1987) е новинар, автор на книги за млади и воедно популарен блогер и „јутјубер“, a Миралјес (Барселона, 1968) искусен автор на повеќе романи, добитник на неколку книжевни награди, новинар, музичар – и вљубеник во Балканот.
Книгата замислува, отворајќи прашања од типот: „Што ако веќе си ја пронашол љубовта на својот живот… …и си ја заборавил?“ Така, по три дена во бессознание, девојката Елија се буди во малку изменет свет. Не се сеќава што ù се случило пред кобната несреќа. Меѓу блиските пријатели, на социјалната мрежа за допишување се појавува мистериозен соговорник. Слаткоречив и внимателен, но тајновит. Кој, ли, е овој Феникс што ù го привлекува вниманието и истовремено ја прави немирна…? „Отчукувања“ е една приказна за безусловната љубов, идеалистичка и недостижна за земските несреќи, а нам ни беше мотивација за еден убав разговор кој покренува и други интересни теми.