Владимир Плавевски: Скопје е мојата судбина до крајот на животот

Свилен Куси од Ново маало стана етаблиран оториноларинголог, кој, не можејќи да избега од чувството за припадност кон тој микросвет, својот книжевен и фотографски опус му го посвети на Скопје. И така повеќе од четириесет години, посветено ги штити од избледување спомените што исчезнуваат со менувањето на генерациите. Неговата нова книга „Динга стоп“ е уште еден придонес кон тоа. Владимир Плавевски.

Вашата нова книга „Динга стоп“ е надоврзување во низата романи за Скопје, „Земјотрес 5:17“, „Последниот сплавар на Вардар“ и „Цена од Ново маало“. Расказите како да се неопходност за да не се заборават епизодите од животот на Свилен Куси?

Секако. Најновата книга раскази насловена со таинствено име „Динга стоп“ е продолжување на континуитетот на т.н. скопски раскази што ги објавувам подолг временски период. Морам да ги кажам редоследно – „Играч на фанта“ објавен 1999 година, „Амкање“ од 2001 година, „Ловец на самовили“ од 2004 година и „Поплава“ објавена во 2006 година. Овие книги раскази се моја литературна екстериоризација на мојата свесна и потсвесна копнеж за моето исчезнато детство во просторот и времето. Просторот е Ново маало во Скопје, а времето е некаде во педесеттите години од минатиот век. И во моите романи – „Цена од Ново маало“, „Јадица“, па дури и „Комита“ носат одблесоци од Ново маало како сценографски амбиент на главните дејства. За повеќето од овој тип раскази имам добивано награди на конкурсите за краток расказ. На почетокот наидував на отпор од нашиот литературен естаблишмент за структурирањето на расказите, композицијата и пристапот на раскажување најчесто во прво лице, како и невообичаеноста на дијалозите на нелитературен македонски јазик, на маалски жаргон, што е мешавина од македонски јазик, србизми, турцизми и архаизми. Но, кога почнаа да ме преведуваат во странство, токму овој тип дијалози, т.е. локализми, преведувачите и странските читатели го сметаа за дополнително богатство на нашиот, македонски јазик. Најголем комплимент за моите раскази добив од Бранко Гапо, кој на еден собир во ДПМ јавно изјави дека моето Ново маало е антипод на „Мостот на Дрина“ од Андриќ.

Секоe маалско дете, тогаш, па и возрасните имаа маалски имиња, не прекари, кои беа сосема различни од вистинските имиња и презимиња. Имињата ги добивавме според нашите физички и карактерни особености. Мене ме вика Свилен Куси. Свилен ме нарекуваа оти не се тепав, а учењето ми беше приоритет, а Куси оти бев мал по раст и при строење во училиштето, ако не бев последен во редот, сигурно бев претпоследен. И ден-денес, кога ќе сретнам пријатели од Ново маало, сè уште ме викаат – Куси.

Како се игра играта „Динга стоп“ и зошто ја одбравте за наслов на книга?

Играта „Динга стоп“ е неверојатно глупава маалска игра што се играше тогаш, во педесеттите години во Ново Маало, а и во другите скопски маала со варијации во деталите. Не успеав да дознам како настанала. Профилот на играта е следен – маалскиот главуч меѓу копиљаците (децата) одредуваше двајца играчи – дингач и дингиран. Тоа значеше дека кога било во текот на денот ако дингачот го сретне дингираниот и му каже – динга стоп!, тогаш дингираниот мораше да остане вкочанет во положбата во која се затекнал. Тоа можеше да трае кратко, неколку минути, но и со часови. Маалците кои поминуваа покрај вкочанетиот се смееја, му дофрлаа и со него правеа разни глупост – предизвикување, пцуење, му кажуваа скаредности итн. Тоа траеше додека дингачот не се смилува и му каже – динга крај! Вкочанетиот спасоносно се помрднуваше и живнуваше. Постоеше и уште поглупава варијанта – да се каже Динга претрес! И тогаш дингираниот се вкочануваше, а дингачот го претресуваше и му запленуваше сè што има во џебовите. Дингираниот можеше да не се вкочани, но тогаш следеше пизмење од сите во маалото, никој со него не контактираше со денови, а згора му следуваше обврзен добар ќотек од маалскиот главуч. И, сега што? Морате да играте!

Книгата ја насловив „Динга стоп“, зашто кога почнав да прашувам пријатели, особено помлади, ретко кој знаеше што е тоа – „Динга стоп“. Значи, таа глупава маалска игра стана ексклузивитет на мојата книга, како со насловот така и со расказите од тоа време.

Книгата изобилува со богатството од скопски термини, скицирани маалски пејзажи со маалска етика, игри од вашето детство… Од ваква дистанца, со испечатена книга, што недостига од Скопје во книгата?

Скопје не само што архи-тектонски се смени по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, не само што по земјотресот замина и старата архитектура на Скопје туку се сменија и исчезнаа старите навики, обичаи, адети, меѓучовечките катадневни контакти, соседски односи поблиски од роднинските, стилот на живеење, културата на секојдневното однесување. Кога ќе ја прочитате книгава ќе сфатите дека Скопје, тогаш, бил сосема друг град од ова Скопје денес.

Реминисценциите за Скопје се белег на вашето творештво. Кога градот физички се менува, а „вашиот град“ исчезнува, заедно со хероите на вашето време, дали литературата и фотографиите се единствениот медиум преку кој градот може верно им се предаде на своите деца, внуци, идни генерации?

Секако. Едно дефинитивно заминато време, втиснато во нашата свест и потсвест, како носталгичен подземен крт постојано рие во нас, сакајќи да избега од нас. Денес, тоа е можно само преку медиумскиот спас, литературата и филмот, што на свој оригинален начин го глорифицираат тој период со цел да го зачуваат за сегашните и за перспективните генерации.

Фотографијата денес е поинаква од онаа пред 40 години, кога вие сте почнале со неа. Исто така, огромна разлика има и во филмската и ТВ-продукција за која сте создавале сценарија пред години. Како стоиме со литературата и со читачките навики? А како со авторските потенцијали и со литературната продукција?

Фотографија доживеа револуционерен пресврт со преминот од аналогна во дигитална фотографија, што експлозивно се надградува со невозможни перформанси, капацитети и квалитети. Литературата е непроменета затоа што е апсолутно моноавторско дело. Денес само постои изместување на читањето на книгата – можете да ја читате, па и да ја купите, преку електронскиот пристап. Младите повеќе се ориентираат на овој тип читање оти читањето книга испечатена од хартија моментално им е застарен стил на однесување. Но, бидејќи добро ги познавам приликите во нашето издаваштво, кај нас постои експанзија на автори кои објавуваат, како од старите генерации, така и од помладата генерација. Литературната продукција е дури преобемна и редовните, класични читачи се оплакуваат оти не можат да ги следат сите новообјавени книги од наши реномирани автори. Сосема поинаков е проблемот колку се чита. Денес важи лаконското правило – кој има пари не чита, а кој нема пари – му останува само читањето.

Вие сте пензиониран оториноларинголог, со сериозна фотографска и книжевна биографија, што ја обележаа и многу награди. Што сакате да ве одредува во иднина?

Пензионирањето е сериозен личен психолошки проблем што треба секој пензионер самиот да го разреши, за свое добро здравје и свесност. Јас го разрешив тој проблем со редовно, да не кажам секојдневно пишување и фотографирање. Пишувам на компјутер, а фотографиите ги постирам по фотогрупи од буквално цел свет, што порано не беше можно. Секако, да бидам нескромен, добивам награди, литературни и фотографски, што ми се показател дека квалитетот не ми е непознаница. Веќе спечаленото искуството и стекнатото знаење низ изминатите години ми се огромна лична припомош.

Ако Ново маало беше вашиот некогашен центар на свет, денес со овој „минат труд“ што или кој е вашиот центар на свет?

Скопје и само Скопје. Можам да ви се доверам – кога бев на отслужување на воениот рок (тогаш обврзен од 12 месеци) во Белград, по еден месец во мене изрти носталгија по моето Скопје, што преминуваше дури и во физичка болка! Згора, сонував катаноќ како шетам по Скопје, како Ново маало се брани од некакви булдожери кои го касаат, како Вардар пресушил, како гробовите на дедо ми комитата Лазо и баба ми Цена леат солзи како дожд што стануваат океан пред мене, за да не заминам во пуста јабана… И кога дојдов во Скопје и видов дека е непроменет, цврсто стои на своето место сфатив дека Скопје е мојата судбина до крајот на животот.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.