„Литература.мк“ и „Арс Ламина“ и оваа година ќе бидат дел од Саемот на книгата, чиешто 30. јубилејно издание ќе се одржи во ВИП Арената во СЦ „Борис Трајковски“ од 3 до 9 мај.
„Литература.мк“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе се претстават со многу нови наслови, промоции на нови книги и специјални гости, попусти до 70%, како и многу изненадувања. Како и досега, на штандот ќе можат да се најдат огромен број наслови од белетристиката, литературата за деца, како и стручната литература. Посебно место е издвоено за литературата за деца, која, благодарение на „Либи“ како импринт на „Арс Ламина“, е во постојан подем последните неколку години. Од детските изданија, оваа и кон крајот на минатата година се родија многу нови наслови, од кои ги издвојуваме „Аги и Ема“ на Игор Коларов, „Сакам дома“ на Јасминка Петровиќ, серијалот „Исидора Мун“, „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ од Оливера Ќорвезироска, „Мистериозното јајце“ од Оливер Коларевски, „Мали огласи“ од Дејан Алексиќ, најновата сликовница „Ѕвездено дете“ од Ване Костуранов и многу други.
Специјален гостин на „Арс Ламина“ во текот на саемските денови ќе биде најпродаваниот автор за деца во Србија – Урош Петровиќ, кој, покрај промоцијата на серијалот на македонски „Загадочни приказни“, ќе одржи и неколку едукативни работилници со деца.
Во петок, на 4 мај во 18 часот, гостува авторот Владимир Плавевски со промоција на неговата нова книга „Динга Стоп: Скопски приказни од Ново маало“, збирка во која, како што кажува самиот наслов, се зборува за носталгичните и емотивни реминисценции за едно одамна минато време и за едно невино детство изгубено во маалскиот амбиент.
По Плавевски, на 4 мај гостува и авторот на добропознатиот готвач „Гответе насмеани“ – Давор Панчевски, уште попознат како Dave’s Kitchen, каде што следува потпишување од 19 часот.
Во сабота, на 5 мај, во 13 часот ќе се одржи промоција на прирачникот „Како се оди во Париз“, од домашната авторка Јана Мишо позната по нејзините два романи „Анаис од Монмартр“ и „Скоро парижанка“. По промоцијата на Јана, следува и потпишување на сликовницата „Ѕвездено дете“ од Ване Костуранов во 17 часот.
Покрај овие настани, паралелно на 5 мај во МКЦ, ќе се одржи промоција на книгата што сите ја чекавме со нетрпение, „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“, како дел од фестивалот „Прво па женско“.
Гости на саемот оваа година ќе бидат и писателката за деца Билјана Црвенковска и стрип-авторот Здравко Гиров, по повод промоција на нивната нова книга за деца „ТКЦП: Канџа во мракот“, на 7 мај со почеток во 17 часот.
Од новите наслови што ќе бидат промовирани во рамките на саемските денови, ја издвојуваме и промоцијата на книгата „Загадочни приказни“ од авторот Урош Петровиќ на 7 мај во 18:30 часот. Покрај промоција на книгата, Петровиќ ќе одржи и две работилници за деца во рамките на саемот.
Во вторник, на 8 мај, на штандот на „Литература.мк“ на Саемот на книгата ќе биде промовирана и новата збирка поезија „Реми“ (хаику) од Гето Руди и Теа К. со почеток во 18 часот.
Програмата со активности на годинашниот саем ќе биде збогатена и со креативни работилници за деца на тема „Кралот Светкошорц“, „Исидора Мун“, како и неколку работилници во организација на едукативниот центар „Арс Ламина“. Покрај големиот број наслови, промоции и работилници, на 4 мај на штандот на „Литература.мк“ ќе се одржи и средба со претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија со почеток во 11 часот, по повод издавањето на првиот „Мал водич низ македонскиот знаковен јазик“, што е прво воведно претставување на дел од македонскиот знаковен јазик со интересен креативен пристап, наменет за сите генерации.