Мајкл Балзари, повеќе познат како Фли, басистот на „Ред хот чили пеперс“, по пет години работа на своите мемоари, конечно ќе објави книгата.Книгата е именувана како „Acid for the children“ и ќе биде објавена на 25 септември во САД, а издавачката куќа во описот го наведува следното:
„Славниот музичар ќе го опише своето детство и растењето во предградието на Њујорк, младешката бунтовност на улиците на Лос Анџелес, комплексниот однос со Ентони Кидис, богатото искуство со недозволените супстанции и турбулентното креативно патување со ’Ред хот чили пеперс‘ низ кариерата што трае 30 години“.
Фановите на бендот со нетрпение ја очекуваат книгата, бидејќи е познато дека Фли, односно Мајкл Балзари, е една од поатрактивните појави на рокенрол-сцената.
На почетокот на оваа година тој зборуваше за борбата со зависностите со цел да го сврти вниманието на луѓето кои стануваат зависници не само на дрога туку и на лекови.
„Целиот живот сум опкружен со злоупотреба на опијатите. Сите возрасни луѓе во мојот живот на дневна база ’отупуваа‘, со цел да се изборат со проблемите што ги пресретнуваат“, вели Фли.
И фронтменот на „Ред хот“, Ентони Кидис, напиша мемоари, што се објавени во 2004 година „Scar tissue“. Две години подоцна, тој покајанички изјави дека книгата му отворила многу стари рани, но со време увидел дека тоа е добро за него и за опкружувањето.
Извор:
Red Hot Chili Peppers’ bassist Flea is publishing his memoir this fall