Со рози, порака од Алаѓозовски и стихови на шпанскиот амбасадор одбележан Светскиот ден на книгата во Скопје

Денеска, кога го прославуваме Светскиот ден на книгата и на авторското право, се поклонуваме пред медиумот кој векови наназад овозможува пренесување на универзалните знаења и искуства на човештвото за идните генерации и пред исклучителното значење што книгата го има за цивилизацискиот напредок и она што сме денес. Книгата е врската меѓу минатото и иднината. Таа е мост меѓу генерациите и културите. Таа е посредник меѓу создавањето и споделувањето на мудроста и знаењето.
Со овие зборови министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, денеска од НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје, ја испрати годинашната македонска порака по повод Светскиот ден на книгата. Пред многубројните гости од областа на литературата, библиотекарството и дипломатијата, како и љубители на пишаниот збор од сите генерации, Алаѓозовски истакна дека особено му е драго што тој ја пренесува пораката, со оглед на тоа што и самиот тој доаѓа од оваа областа, од катедрата за општа и компаративна книжевност. Во своето излагање рече:
„Книгите се сведок на времето, на човечките капацитети и напори да создаваат реални и имагинарни светови и да им пренесуваат на луѓето пораки за богатството на животот, меѓусебното разбирање и толеранција. Книгата е мисионер на светлината на знаењето, симбол на цивилизациската надеж, стремеж за напредок и дијалог што треба да го негуваме и браниме како суштина на човековото постоење“.

Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, денеска од НУБ „Свети Климент Охридски“ ја испрати годинашната македонска порака по повод Светскиот ден на книгата

Во македонската порака министерот истакна дека „на овој ден, човештвото ја слави слободата, но и борбата за слобода и еманципација во исто време. Во таа вечна борба, книгата е еден од најважните столбови на слободата, човековото себепознавање и слободно изразување и комуницирање… Книгите го отвораат патот кон заедничка почит и разбирање меѓу народите, независно од границите и различностите. Книгите во сите форми го олицетворуваат човечкиот гениј, му даваат реално богатство на човечкото искуство, вербализирајќи ја потрагата по смислата на човековото постоење и потребата за слободно себеизразување, која е заедничка на сите луѓе во сите општества“.

Амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Емилио Лоренцо Сера, му посвети песна на министерот Алаѓозовски

Помеѓу полиците на Универзитетската библиотека, каде што имаше изложено дела од водечките македонски издавачи, се чувствуваше мирис на розите, а амбиентот беше збогатен и со традиционална шпанска музика. На присутните им се обрати и амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Емилио Лоренцо Сера, кој во оваа прилика му посвети песна на министерот Алаѓозовски. Поздравна реч имаше и в.д. директорката на библиотеката, Сенка Наумовска.

Помеѓу полиците на Универзитетската библиотека се чувствуваше мирис на розите, а амбиентот беше збогатен и со традиционална шпанска музика. На присутните им се обрати и амбасадорот на кралството Шпанија во земјава, Емилио Лоренцо Сера, кој во оваа пригода му посвети песна на министерот Алаѓозовски.
Прославата беше збогатена со мини-саем на издавачките куќи во соработка со Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). Студентите од Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Дарко Багески одржаа мини-концерт, а впечатлива сценска изведба имаа студентите од Факултетот за драмски уметности „Dame la Libertad“, по кореографија на проф. Невзати Кренaре-Кери. Студентите од Групата за шпански јазик при Катедрата за романски јазици од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, под менторство на Сања Михајловиќ-Костадиновска и Давид Соса Мајор, пак, одржаа рецитал на поемата „Везилка“ од Блаже Конески, на македонски и на шпански јазик.

Впечатлива сценска изведба имаа студентите од Факултетот за драмски уметности „Dame la Libertad“

На свеченоста беше прочитана и светската порака што годинава ја испрати генералниот директор на УНЕСКО, Одре Азуле.
„На 23 април 1616 година си заминаа двајца великани на светската литература, двајца предводници чиешто дело ќе направи револуција во начинот на пишување и на замислата за книжевното творештво: Сервантес и Шекспир. Токму ова совпаѓање е причината за изборот на овој датум за одбележување на Светскиот ден на книгата во Скопје. Со славење на книгата ние ги славиме: пишувањето, читањето, преведувањето, издавањето со кои човекот се издигнува и се реализира; ние всушност фундаментално ја славиме слободата што ги овозможува нив. Кај книгата се испреплетуваат едни од најважните човекови слободи: слобода на изразувањето и на објавувањето. Овие слободи се фрагилни слободи. Тие се соочени со многу предизвици, од преиспитување на авторското право и на културната разновидност преку закани за физички напади врз авторите, новинарите и издавачите во многу земји, па сè до нивно газење при нападите на училишта и уништувањето ракописи и на книги. Наша должност е да ги штитиме овие слободи насекаде низ светот, да го промовираме читањето и пишувањето, да се бориме против неписменоста и сиромаштијата и да ги зајакнеме фундаментите за мир, но и да ги заштитиме и да ги истакнеме занаетите поврзани со книгата и со нејзините креатори“, се вели во пораката на генералниот директор на УНЕСКО.

Прославата беше збогатена со музички настап на студентите од Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Дарко Багески.

По повод Светскиот ден на книгата и на авторското право, НУБ „Св. Климент Охридски“ подари книги на здружението за самохрани мајки „Една може“, на Центарот за социјализација на возрасни лица при Општина Центар и на Казнено-поправната установа Затвор – Скопје. Светскиот ден на книгата и на авторското право со посебни настани го одбележуваат НУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, Тетовската библиотека, библиотеките „Гоце Делчев“ во „Григор Прличев“ од Охрид, Центарот за култура во Крива Паланка, како и библиотеката при Домот на културата „Крсте Мисирков“ во Свети Николе и Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино.

Изданија од „Арс Ламина“ беа изложени на прославата во Универзитетската библиотека

Прославата беше збогатена со мини саем на издавачките куќи во соработка со Македонската асоцијација на издавачи (МАИ)




Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.