Додека Стивен Спилберг го промовира филмот „Ready player one“, за „Ентертејмент викли“ изјави дека со децении сонува за адаптација на уште една книга на Стивен Кинг.
Станува збор за книгата „Талисман“, за којашто Спилберг ги поседува правата уште од 1982 година.
„Уште на почетокот на осумдесеттите, студиото ’Јуниверзал‘ ми ја купи оваа книга и ми остави одврзани раце за адаптација. ’Талисман‘ е приказна што сакам да ја раскажам веќе 35 години. Се надевам дека во следните неколку години ќе успеам во тоа“, вели Спилберг и додава дека веројатно би бил само продуцент, затоа што има густ распоред на проекти и нема шанси да го режира филмот.
Спилберг уште пред десет години се обиде да ја екранизира оваа приказна како мини-серија во шест епизоди на каналот ТНТ, но се откажа на крајот.
„Талисман“ е книга на Стивен Кинг и Питер Строба, која го следи животот на Џек Сојер во потрага по талисманот што би го спасил животот на неговата мајка, која е на смртна постела. Иако почнува во САД, авантурата продолжува во паралелната реалност наречена „Територии“ во која секоја личност од нашиот свет има свој двојник. Оваа книга доби свој продолжеток во романот „Црна куќа“, објавен во 2001 година. Ако „Талисман“ е фантазија и авантура, „Црна куќа“ е хорор.
Извор:
http://www.indiewire.com/2018/04/steven-spielberg-stephen-king-the-talisman-1201949426/