Во пресрет на 46. Мајски оперски вечери, во чиишто рамки ќе настапи во главната улога во операта „Турандот“ на Џакомо Пучини, во „Астрорум“ ни гостуваше нашата оперска примадона, Весна Гиновска-Илкова и ни сподели дел од својата професионална и приватна животна приказна.
Сопранот Весна Гиновска-Илкова е водечки драмски сопран во земјава. За неа се вели дека има софистицирано пијано, беспрекорна вокална техника, огромна музикалност, харизма и силно сценско присуство. Нејзиното деби на сцената на Македонската опера и балет во 1996 година во улогата на Михаела во „Кармен“ доби одлични оценки, а критичарите особено ја истакнаа нејзината извонредна техника легато. Гиновска-Илкова дебитира на меѓународната сцена 2001 година во Софиската националната опера, со комплексната улога на Елизабета во операта „Дон Карло“ од Џузепе Верди. По овој успешен настап, таа на бугарската сцена се претставува и како Тоска и повторно ја освојува и публиката и критиката. Оттаму, започнува нејзината меѓународна кариера, којашто заедно со домашната, трае веќе две децении и ги вбројува главните улоги во најголемите музичко-сценски предизвици како оперите „Аида“, „Отело“, „Турандот“, „Мадам Батерфлај“, „Симон Боканегра“, „Атила“, „Моќта на судбината“, „Бал под маски“, „Лидија од Македонија“ и други.
Во македонскиот печат е нарекувана „мајстор на патосот и драмата“, а редовно е истакнувана и нејзината емотивност со која влегува во остварување на секоја нова ролја. Весна Гиновска-Илкова, покрај настапите на оперската сцена е редовно присутна и на концертниот подиум. Освен интензивната изведувачка кариера, таа има сигнификантна педагошка дејност и од нејзината класа по оперско пеење на ФМУ во Скопје веќе излегуваат врвни млади пејачи. За досегашниот изведувачки опус, добитничка е на голем број значајни награди и признанија.