Извадок од „Љубопитникот“ од Ханс Ерих Носак

Имено денеска, кога зазори денот, се исправив од солено-слатката вода, за да видам каде сум. Или од каква и да е друга причина. Љубопитноста ме натера да се исправам. Зад себе го слушнав шумолењето на морето и почувствував како солениот мирис пријатно го гали мојот кршлив грб. Тогаш се свртев околу себе и видов дека пенестиот раб на мојот свет се наоѓа далеку зад мене, многу подалеку отколку што некогаш би се понадевал, така што не можев да се обидувам да се вратам. Но, тоа не беше она што го видов; тоа можеби и онака го знаев, а не ни сакав да биде поинаку. Морето! Се наоѓаше право пред мене, рамно и ох толку бескрајно. Еднаш живеев во него, а моите и сега сè уште живеат таму и мислат дека тоа мора да биде така и дека не постои никаква друга можност. Јас сето тоа сега го знаев и гледав малку од високо на нив. Ми изгледаше како и морето да е само едно суштество покрај другите суштества, покрај ништото, покрај светлината, што пливаше високо над мене и покрај мене. Едно многу големо суштество, можеби најголемото, и, во секој случај, многу поголемо од мене, но не и единственото, како што отсекогаш си мислевме. И се чудев на тоа. Но, многу ме изненади нешто сосема друго. Не го сфатив веднаш. Не им верував на сопствените сетила. Затоа, повторно набрзина се нурнав во смрдливиот вир, за да си ги приберам мислите. Но, љубопитноста веднаш повторно ме натера да се исправам за да проверам дали сум се измамил. Зашто колку само лесно можеш да се измамиш кога си мртов; си мислиш дека нешто било така, но во реалноста е сосема поинаку.

И тогаш видов сосема јасно. Една трага од влечење во песокот. Почнуваше непосредно зад мене на местото каде што вечерта се имав лизгано во вирот. Оттаму водеше до еден друг вир, во кој секако вчера сум лежел, без да можам да го препознам. А оттаму повторно кон едно задлабочување уште поназад. Права линија. Но, таму веќе се губеше. А и не можев да видам толку далеку, или, пак, морето ја избришало трагата. И одеднаш знаев дека тоа беше мојата сопствена трага и дека имав правец. Сосема јасен. Правец далеку од морето. Не беше дека морето се оддалечило од мене; а можеби го правеше и тоа. Не, оваа трага во песокот доаѓаше од мене. Имав изодено пат. Сосема мал дел од патот. Мал само во споредба со сè друго, и колку бавно! Не е ни чудо што јас, кој порано без мака беше навикнат најбрзо да ги поминува најдалечните можни растојанија во морето, не бев обрнал веднаш внимание на една ваква небитност. Сигурно од вир до вир не беа повеќе од две или три телесни должини. Дури и да биле четири или пет, сеедно. Но, јас самиот сум ги поминал. Од вир до вир, да. Тоа можеби и понатаму ќе биде само од вир до вир. Сосема сеедно! Сосема сеедно! Тоа е мојот сопствен правец. Оној што сум го имал отсекогаш, само што не сум знаел.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.