Нурнувањето во себе е најдалечното патување

И кога зборува и кога ја читате, таа е џагорлив извор на добрина и мудрост. Авантурата со себе и напластените животни искуства ги претвори во вредна литература. Неодамна за романот „Манастир Фуентерабија“ ѝ беше врачена и наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело за 2017 година од Друштвото на писатели на Македонија. Јагода Михајловска-Георгиева.

Со вашиот најнов роман „Манастир Фуентерабија“, нè носите на брегот на Шпанија, каде што пролетта е куса, но е волшебно раскошна. Градите „манастир“ на осамени ликови кои ѝ се опираат на љубовта, еднакво како и на пролетта, која можат да ја пропуштат ако не се таму. Зошто требаше толку далеку да нè однесете за да дојдеме до основата – љубовта?

Далеку?! Јас, пак, би рекла, ене донде! Да не се изморивте додека да стигнете до љубовта? Понекогаш така и се случува. А таа можеби стрпливо нè чека зад првиот агол, понекогаш е до нас, со нас, живееме заедно без да ја видиме, папсувајќи од потрагата по неа. Како што велите, „ако не сме таму“ би ја пропуштиле, небаре не сме забележале дека пролетта процутила и… и веќе е лето. За препознавањата и за можните разминувања ви зборувам, иако верувам дека вистинската љубов кога-тогаш не би нè одминала ако сме доволно Будни. Да, Будност со голема буква, според мене едно од најважните нешта. И сеедно е каде ќе нè начека љубовта, за неа не постојат меридијани и паралели, единствено нашите приватни. На моите книжевни ликови им ја понудив Фуентерабија, така ми дојде, па, јас сум креаторот, ми се може. По сè изгледа, тоа баскиско гратче крај океанот им беше тамам, ним, на ликовите.

На уникатен начин, во романот нè запознавате со малку ликови, кои се мошне вешто водени низ него и се сосема доволни. Кои се Летачот, Нара, Гарсија, Небесна, Ирмак, Карлос?

Тие се секој од нас по малку… или по многу, зависи од тоа што ќе види во нив од себеси, или попрецизно, што ќе си дозволи, ќе се охрабри да здогледа. Гледање во себеси е читањето литературни дела, впрочем како и пишувањето. Сите ликови од „Манастир Фуентерабија“, колку и да се нивните животни патишта уникатни, а имињата нетипични за нашата средина, не се разликуваат од кого било. Сè што му е својствено на човечкото битие е универзално, болките, страдањата, радостите, љубовта, стравовите, гревовите, простувањата… сè.

Романот изобилува со кованици, стари и нови зборови, како да се впуштивме во морфолошка и синтаксичка авантура?

Некои читатели дури и ми велат дека сум им дарила пресоздадени зборови, мои сопствени креации, збогатувајќи им го речникот. Не! Пишувајќи, воопшто не бев фокусирана на изборот на зборовите, тие си течеа, извирајќи, не од мене, туку од напластеното богатство на македонски јазик. За жал, не сме доволно свесни колку ни е раскошен. Го запоставуваме, итајќи да сме во тренд со белосветската јазична глобализација, неретко и го потценуваме, наместо да го негуваме како нешто најскапоцено што поседуваме.

 

Каква е асоцијацијата со далечните места на кои нè носите? Овде е Фуентерабија, претходно до Бомбај, до хималајските височини. Колку од нив се ваша фикција, а колку реални искуства?

Можеби вам ви изгледаат далечни, мене ми се од блиски поблиски, особено откако повторно ќе ги пропатувам, пишувајќи за нив. Ниедно од нив не е Макондо на Маркес, тие постојат и се дел од моите реални искуства, но се разбира преобликувани низ писателската фикција. Бомбај и Индиго Бомбај не се истиот град, ниту, пак, Хималаите и Фуентерабија. Се радувам кога на читателите им ги приближувам, носејќи ги таму. Се случувало некои од нив по читањето на моите романи да отпатуваат за да ги доживеат лично. Има дури и неколкумина што отишле да планинарат на Хималаите поттикнати од „Каменот од Твојот ден“. Така, јас си имам сопатници, а тие си имаат водич. За мерак, и за нив и за мене!

Со секој роман поттикнувате нурнување во себе, дури и „вманастирување“, каков пат минувате вие додека ги пишувате?

Нурнувањето во себе е најдалечното патување, неспоредливо со оние ширум нашава планета. Бара храброст, силни одлуки, духовно-ментална кондиција, отсуство на страв од „летање и од пливање“, подготовки, упорност… Најнеизвесен и највозбудлив, но и најскапоцен е тој пат. Голема авантура е вманастирувањето во себеси. Токму таков е патот што и јас го минувам додека пишувам, тежок и восхитувачки истовремено. Колку повеќе читатели – сопатници имам, толку подобро за нив. И за мене, се разбира.

Јагода во нејзиното работно катче во Маврово, каде се „вманастирува“ и ја создава нејзината книжевност

За вашето творештво досега ги имате добиено и „Рациновото признание за „Каменот од Твојот ден“, Роман на годината на „Утрински весник“ за „Индиго Бомбај“, а сега и „Стале Попов“ на ДПМ. Што значат наградите за делата – романите, а што значат за вас?

Умно формулирано прашање! Наградите, во име на делата, извикуваат, еј, постоиме, не нè одминувај, обрни внимание на нас, прочитај нè, провери дали сме заслужиле да бидеме наградени и зошто! Значи, го поттикнуваат интересот кај читателската публика. А, за мене? Хмммм, постојано се спрепнувам пред ваквото прашање. Можеби одговорот е: колку повеќе читатели, толку повеќе огледала во кои меѓусебно, тие и јас се (с)огледуваме, споделувајќи ги искуствата и сознанијата од местата и „местата“ до кои сме стигнале, патувајќи низ животот.

Целиот работен век го поминавте во новинарството. Денес сте пензионерка и ги уривате стереотипите. Водите активен живот, професионално сте писателка, а со конкретна акција ги поддржувате и продавачите на уличен печат „Лице в лице“. Што ве движи?

Љубовта кон себеси ме движи… и кон другите, вклучително кон Природата како едно, според мене, самостојно битие. Кога сакаме некого, сакаме да му угодуваме и да го поддржуваме, нели? Та, така ги сакам и ги поддржувам и уличните продавачи на „Лице в лице“. Одвојувам половина од мојата заработка од секој купен примерок на „Манастир Фуентерабија“ за Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари. Оттаму се регрутираат, по навршени шеснаесет години, прекрасните, ненаметливи и љубезни колпортери.

А, што се однесува до стереотипите, тие се само ментални матрици во нашите сопствени глави. Душа си дале за уривање!

Разговараше: Ана Зафирова

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.