Неговата креативност не може да се „вкалупи“, таа е развивана и хранета на различни начини. И затоа неговото „Мистериозно јајце“ е интересна појава што ја освежува домашната литература за деца. Оливер Коларевски е илустратор и автор, кој тврди дека книжевноста не е загрозена од гејмификацијата, туку соодветните видеоигри ја збогатуваат детската креативност и фантазија.
Неодамна од печат излезе вашата прва книга „Мистериозно јајце“. Како вие ја доживувате оваа книга и приказната во неа? Која порака ја пренесува?
Книгата е една едноставна, интересна и лесна приказна за секојдневниот живот на неколку другарчиња и за нивнaта бесконечна имагинација. Тоа е како еден мал, краток цртан филм.
Пораката е дека нашата имагинација и креативност се бескрајни, дека само малку треба тие да се поттикнат за да почнат да се раѓаат најразлични фантастични идеи.
Оливер и неговата екипа, Лука, Дени и Ана, се дел од оваа приказна, што е ваше комплетно авторство. Зборовите ги надополнувавте со илустрацијата или обратно? Како одеше тој процес на пишување, односно илустрирање на книгата?
Кај мене, приказната и илустрацијата секогаш постојат заедно и меѓусебно се надополнуваат. Кога ги замислувам работите што ги цртам во глaвата буквално ми се одвива еден цел цртан филм, со звук, движење, кадри, а јас сè што треба да направам е само да го ставам тој цртан филм на пауза и да си изберам кои кадри ќе ги пренесам во реалноста. Тоа се случува кога илустрирам свои, сопствени идеи, а и кога илустрирам по дадени текстови. Процесот на илустрирање е многу силно емотивно искуство за мене, тоа е како да доживуваш и да гледаш најразлични, интересни и често магични филмови или цртани филмови.
Во приказната се случува неочекуван пресврт, навидум обичното јајце се крши и изненадува со богатство од чоколада, лижавчиња, гумени бонбони, па дури и чоколадни јајца, а сите јунаци од бајката излегуваат со шарено јајце со играчка. Дали среќниот крај е она што го очекуваат децата, особено вака примамливо спакуван?
Децата едноставно не знаеја дека продавницата за слатки и бонбони добила такви јајца, па поради тоа што јајцата се мошне реално изработени, а и шарени, јајцето што го наоѓаат мислат дека е вистинско и токму ова ја поттикнува нивната имагинација и тие почнуваат да си замислуваат најразлични магични нешта. Сè додека јајцето не се искрши децата веруваа дека во него има нешто живо, што значи не можеа да очекуваат дека тоа е јајце полно со бонбони, ниту, пак, дека во него има играчка.
Љубител сте на видеоигри, можеби и еден од најголемите колекционери на „Нинтендо“ и конзоли. Дали книжевноста за деца денес е загрозена од развојот на гејмерскиот свет?
За ова може многу долго да зборуваме, ептен ја погодивме темата сега!
Уште од мал за мене видеоигрите имаа неверојатно позитивен ефект врз развојот на мојата креативност. Јас не сум колекционер само на игри „Нинтендо“, за мене компанијата што ги произведува игрите или, пак, платформата на која тие се наоѓаат воопшто не е важна, најважно е искуството што го нудат видеоигрите. А прекрасни и инспиративни игри има на сите платформи, не само на конзолите „Нинтендо“, затоа јас едноставно одам таму каде што има видеоигри што ме привлекуваат.
Видеоигрите од најмала возраст, па и сè до денес, ме инспирираат да создавам, да креирам убави нешта. Видеоигрите не се тие што ја загрозуваат детската литература, туку пристапот на родителите и самите деца кон игрите и типот на игрите што, за жал, кај нас многу деца ги играат претставуваат проблем. Барем на наши простори многу е мал бројот на деца кои ги играат видеоигрите што навистина можат да ја збогатат нивната фантазија, да ја поттикнат нивната креативност, да ја развијат нивната страст и жед за убава, добра приказна. Игрите за мене отсекогаш претставуваат инспирација за она што го создавам јас, игрите што ги играм се најчесто прекрасни, шарени авантури со интересни, богати ликови, најразлични фантастични светови, а често тие имаат и интересни, а по некогаш и многу емотивни приказни.
Многу е важно интересот на децата кон видеоигрите да се канализира во нешто позитивно, нешто што ќе ја збогати нивната креативност. Важно е родителите да зборуваат со нивните деца за тоа што тие играат, што читаат и што гледаат и за тоа што тие сакаат да читаат, играат и гледаат. Многу е едноставно да му се даде на детето видеоигра што можеби и воопшто не е соодветна за неговата возраст, а потоа да се негодува дека, ете, децата ги играат само тие насилни видеоигри… а што е со оние ненасилните видеоигри? Со оние што буквално го збогатуваат оној што ќе ги искуси? Можеби и во нив има одредено ниво на акција, борба и слично, но тоа е претставено на еден сосема поинаков начин. За жал, неинформираноста и незаинтересираноста на родителите, па и на самите деца доведува до играњето на несоодветни видеоигри, па дури и тоа да не се насилни игри што не ја збогатуваат детската креативност и фантазија.
Не, видеоигрите не ја загрозуваат книжевноста, но прекумерното играње и играњето на погрешни видеоигри што пренесуваат погрешни пораки негативно може да влијае брз развојот на детската креативност.
Еве еден интересен факт за „Мистериозното јајце“ и поврзаноста на видеоигрите со оваа приказна. Многу мислат дека Оливер во книгата сум го нарекол по мене, ама тоа воопшто не е точно. Една од моите најомилени игри е прекрасната и магична игра „Ни-Но-Куни“ за „Плејстејшн 3“, главниот лик во тоа ремек-дело се вика Оливер, па поради тоа и главниот лик во мојата приказна исто така го крстив Оливер. Тоа што и јас сум Оливер е само коинциденција!

Издавањето на книгата „Мистериозното јајце“ е поддржано од Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауречиќ – „Браво сине“ и Министерството за култура на Република Македонија, а издадено од Арс Ламина – публикации, како дел од едицијата „Либи“.
Ова е ваше прво комплетно дело. Каде во иднина ќе го насочувате креативниот потенцијал? Што е следниот проект?
Имам повеќе идеи за следни книги, на некои веќе работам со големо уживање. Искрено, не можам да кажам кога ќе бидат готови, само сè нека биде во ред и со време ќе си дојдат и тие дела.