„Астрорум“ e место за разговори, каде што меѓународно успешни личности ги споделуваат своите размисли за литературата, уметноста и културата. Тие се одржуваат во инспиративниот амбиент на ексклузивната книжарница „Литература.мк“ во центарот на Скопје на познатата улица „Македонија“, а нив ги води еминентниот новинар и публицист Бранка Костиќ-Марковиќ.
Во ова издание на „Астрорум“ гостува македонскиот ликовен уметник и графички дизајнер Ване Костуранов. Тој е роден 1979 година во Струмица и е самоук сликар кој досега има одржано 11 самостојни, а учествувано во повеќе групни изложби. Уште како дете повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики, отколку со зборови. Активно се занимава со сликарство околу петнаесетина години и е препознатлив по неговите разнобојни куќи претставени на различни начини, кои се воедно и најчестиот мотив кој се провлекува низ неговото творештво. Ване Костуранов од неодамна почна да ја подготвува и својата прва сликовница која ќе излезе во издание на Арс Ламина.