Извадок од: „П.С. Ми се допаѓаш“ од Кејси Вест

Извадок од: „П.С. Ми се допаѓаш“ од Кејси Вест

Веќе не морав ни да погледнам под клупата за да го најдам писменцето. Раката точно знаеше каде е. Веќе знаев и како стручно да го одвиткам бесшумно и да го ставам под единствениот бел лист за прибелешки на клупата. Не мислев ни дека Лорен е свесна што правам. Го задржав здивот и почнав да читам:

Четвртата песна и мене ми е омилена. Исто така, осмата од албумот „Блу“ е одлична. Во право беше, воопшто не е депресивна. (И не го велам тоа само затоа што откачената гитаристка во мојот замислен нов бенд вели дека таа песна ù е омилена.)

Инаку, не свирам гитара, така што нема да ти крадам од солото. Тоа значи дека е официјално, така? Сега треба само да смислиме име за бендот. Може нешто слатко од типот на Виножита и Рози. И потоа сите наши песни може да бидат бесни. Тоа би било супер контраст. Имам многу материјал за бесни песни во моментов – ужасен очув, далечна мајка и отсутен татко. Добра подлога, нели? Еве, уште веднаш ќе најдам пар добри стихови… Родителите (пауза за драматично гитарско соло за тебе) се (пауза за соло на тапани) срање. Хм… можеби не треба да сум јас тој што ќе ги пишува стиховите. Моите музички вештини не се на ниво на бенд. Што ми преостанува во тој случај? Можам да стојам во заднината и да шизам. Ах, исто така, ако г. Ортега ме фати дека ти го пишувам писменцево, се обврзувам дека ќе го пикнам в уста и ќе го голтнам. Се надевам дека можам да сметам на истата обврзаност од твоја страна.

 Се насмевнав. По исчекувањето на писменцево цел викенд и целово утро, бев загрижена дека ќе ме разочара. Но, не ме разочара. Беше симпатично и смешно, па и малку тажно. Посакував да можев да му помогнам некако во врска со тажните работи.

Зедов нов лист хартија, бидејќи сега, кога си кажувавме повеќе лични работи, не сакав некој да пронајде долги разговори под клупата. Ако ги најде некој, подобро да имаше помалку текст.

Веќе стигнавме до ниво да голтаме хартија еден за друг? Мислам дека ги движиш работите малку пребрзо за мене. И да, можеш да поработиш на пишувањето стихови. Какви се тие други музички вештини што ги споменуваш? Можеби тие ќе завршат работа.

И да, тоа е навистина сериозен материјал за песна. Би била одлична. Планот е да го искористиш твојот несреќен живот, така? Шегата настрана, жалам. Не знам колку можам да помогнам, но слободно зборувај со мене. Добар слушател сум. Посебно на писма, бидејќи немам друг избор.

Сакаш да чуеш друга несреќна приказна? Мојата најдобра другарка донесе момче кај мене дома, демек местенка, а тој побегна со врескање. Ете, толку е лудо моето семејство. Дали твоето семејство може да се пофали со такво достигнување? Се сомневам.

 Не бев сигурна дали шегувањето со неговата животна ситуација е вистински избор, но ми личеше на тип што цени добар хумор. А и добро ми дојде да ја испразнам фрустрацијата од викендов што ме притискаше во градите. Не можев да ù се жалам на Изабел затоа што таа ќе ми кажеше дека сè е во ред и дека никој не мисли дека моето семејство е лудо, иако бев убедена дека сите мислат така.

Го превиткав писменцето и внимателно го ставив на место. Сега требаше да почекам само дваесет и четири часа за одговор. Ова беше многу понепријатно од пишување СМС-пораки.

Не, тоа не беше вистина. Имаше нешто во тајноста и исчекувањето и можноста да бидете фатени на дело што го правеше сето ова многу повозбудливо од допишување по пораки.

***

Следниот ден бев исто толку возбудена кога го извлеков одговорот од под клупата.

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.