Мартинки: конци, плетки и црвено-бели сплетки

Книга за деца по повод впишувањето на обичајот мартинки во УНЕСКО

Објавувањето на обичајот „Мартинки“ како дел од светското нематеријално културно наследство и неговото впишување во Репрезентативната листа на УНЕСКО е повод за ново издание за деца од издавачката куќа Арс Ламина. Станува збор за малата книга „МАРТИНКИ: конци, плетки и црвено-бели сплетки“, дел до изданијата на Либи, наменети за најмладата публика, кое е достапно на три јазика – македонски, албански и англиски.

Подготвено во пресрет на месецот март, изданието „МАРТИНКИ: конци, плетки и црвено-бели сплетки“, во соработка со центарот за научно истражување и промоција на културата ХАЕМУС, го актуелизира и популаризира овој стар обичај. Во оваа книга за деца, најмладите читатели ќе ја откријат приказната за мартинките, нивното потекло, значење и употреба, а ќе научат и како сами да направат мартинка. Со интересни информации, како и со практични совети и лесни упатства, оваа книга ќе го разбуди интересот за овој обичај во јавноста.

„Со ова издание сакаме на најмладите да им го приближиме овој обичај како дел од нашето културно наследство, на еден забавен и детски начин, да им посочиме идеи како и самите да ги изработуваат и со тоа да помогнеме за одржување на традицијата“, вели Бранка Бугариска, директор на издаваштво во Арс Ламина.

„Мартинките се дел од културниот идентитет на македонскиот народ, но и дел и од традицијата на неколку други народи од Балканот, што е заедничка нишка која го поврзува овој дел од Европа. ХАЕМУС ги почитува мартинките, верувањата и обичаите поврзани со нив и ги негува во духот на традицијата, во сите облици и начини кои би придонеле за нивната поширока промоција“, вели Василка Димитровска, директор на ХАЕМУС.

Издавањето на оваа книга е во рамките на традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2018“ во организација на ХАЕМУС, која ќе се одвива следната недела (од 26.02 до 4.03) во ТЦ Рамстор во Скопје. Ќе бидат изложени рачно изработени мартинки од Македонија, Бугарија и Романија.

Постановката ќе биде збогатена и со едукативни панели, продажна галерија со ракотворби и креативни работилници за деца, а Арс Ламина, покрај издавањето на публикацијата „Мартинки“ ќе се вклучи и со креативни работилници преку едукативниот центар Арс Ламина и книжарниците Литература.мк.

Advertisements