Како Доктор Дулитл стана Доктор Офболи?

Во советската детска литература прераскажувањето и изменетите верзии на странските класици го привлекуваа интересот на општеството многу повеќе од преводите – до тој степен што некои ликови од класиците беа целосно русизирани.

Многубројни ремек-дела на западната детска литература пристигнаа во Русија во форми што многу се разликуваа од оригиналите: Вини Пу, Мери Попинс, Алиса во Земјата на Чудата, Нилс и дивите гуски. Книгите на Ненси Карлсон, па дури и Робинсон Крусо, ја дочекаа ваквата судбина. Во некои случаи, најуспешните прераскажани верзии станаа исто толку популарни колку и оригиналните. Ајде да ги погледнеме најинтересните примери.

Рускиот Доктор Офболи наспроти американскиот Доктор Дулитл

Доктор Дулитл и неговиот колега Доктор Офболи

Сè почна со Корнеј Чуковски и неговиот Доктор Офболи, чиешто име значи „Оф, боли“. Доктор Офболи е блиску поврзан со Доктор Дулитл на Хју Лофтинг, но Чуковски тврди дека нему сосем независно од делото на Лофтинг му дошла идеја да напише приказна за љубезен лекар. Во една кратка статија со наслов, „Како ја напишав приказната Доктор Офболи“, Чуковски напиша, „тоа ми текна уште одамна пред Октомвриската револуција, бидејќи го сретнав вистинскиот Доктор Офболи, кој живееше во Вилнус. Неговото име беше д-р Шабад. Тој беше најљубезната личност што сум ја сретнал во животот. Децата на сиромашните ги лекуваше бесплатно. Децата не само што сами доаѓаа кај него туку ги носеа и своите болни миленичиња. Така што, помислив, колку би било прекрасно да напишам приказна за таков љубезен лекар“.

Меѓутоа, Лофтинг прв ја напиша својата замисла на хартија, а Чуковски ја адаптираше приказната на британскиот писател. „Кога ја преработував неговата симпатична приказна за руските деца, го крстив протагонистот доктор Офболи и додадов десетици елементи од вистинскиот живот во мојата адаптација, што ги немаше во оригиналот“, напиша Чуковски во една статија насловена, „Сеќавањата на еден стар раскажувач“.

Адаптацијата беше пуштена во печат на руски јазик во 1924 година, и тоа само една година пред да се појави првата песна на Чуковски за доктор Офболи. Со ова почна циклусот на конфронтација помеѓу љубезниот лекар и негативецот Бармали. Приказната оддалеку на некои места потсетува на приказната на Лофтинг, но Чуковски ја пренесе на свој оригинален начин, а советските деца беа целосно освоени од тоа дело.

Буратино наспроти Пинокио

Пинокио и неговиот брат Буратино

Следната приказна во овој хронолошки преглед е Златниот клуч или Авантурите на Буратино, една од најпопуларните приказни во СССР. Само во советско време беше објавувана 182 пати, со вкупен тираж од околу 14,5 милиони примероци. Беше објавена во 1936 година во „Пионерскаја правда“, главниот весник за сите советски деца.

Сè почна со искрен обид за превод. Меѓутоа, писателот Алексеј Толстој – далечен роднина на Лав Толстој, кој ја прифати револуцијата и го доби прекарот Црвениот Гроф – им дозволи на јунаците од Авантурите на Пинокио да процветаат под неговото перо. Во 1935 година, Толстој му напиша на Максим Горки: „Работам на Пинокио. Отпрвин, само сакав да ја запишам приказната на Колоди на руски јазик, но потоа ја напуштив таквата идеја затоа што беше премногу досадна и сувопарна. Пишувам на истата тема, но на свој начин“.

Толстој не само што го промени името на Пинокио во Буратино; неговиот лик не копнееше да стане вистинско момче – наместо тоа, тој остана весела кукла и носот не му се издолжуваше како на неговиот италијански колега.

Манџафуко, љубезниот куклар во оригиналната приказна, е трансформиран во бездушниот тиранин Карабас Барабас во верзијата на Толстој. На крајот, куклите на Карабас Барабас бегаат од него, по серија авантури, и си наоѓаат свој театар каде што ќе можат да глумат по свои правила. Златниот клуч, главниот симбол на приказната, ја отклучува вратата од ова посебно место.

Советските деца се вљубија во Златниот клуч, кој се одликува со помалку филозофија, а повеќе акција и посреќен крај за разлика од неговиот западен колега. Возрасните луѓе исто така ги ценеа алузиите во руската верзија, палиндромите и други игри со зборови, како и нејзините препознатливи прототипи.

Девојчињата од Советскиот Сојуз мечтаеја да се облекуваат како куклата Малвина за новогодишните забави – во верзијата на Колоди, таа е самовила со сина коса. Самиот Буратино станува бренд и го зајми своето име на популарна минерална вода.

Оваа успешна приказна има исто така доживеано филмски адаптации, фан фикција и колачиња Златен клуч, колку да наведеме неколку примери.

Старецот Хотабуч наспроти Духот

Старецот Хотабуч – ведриот дух

Да претвориме еден древен дух во советски граѓанин? Зошто да не? Лазар Лагин, поранешниот заменик на главниот уредник во водечкото сатирично списание во СССР, „Крокодил“, одлучи да се нафати на предизвикот. „Се обидов да замислам што би се случило ако духот биде спасен од заробеништвото од страна на некое советско момче, како што ги има милиони во нашата среќна социјалистичка држава“, рече авторот.

Духот на Лагин се приспособува на секојдневниот живот во советската држава, а во исто време се труди да му биде од корист на својот ослободител – идеолошки чистиот пионер Волка. Тој попатно посетува еден циркус, оди на фудбалски натпревар, плови со чамец и запаѓа во смешни ситуации.

Пропагандистичкиот острец кон приказната на Лагин спречи таа да не се префрли од многу сакано дело на советската книжевност во ризницата на руска детска литература, но во своето време тоа дело донесе многу насмевки на децата ширум државата.

Во предговорот, Лагин ги упатува своите читатели во една од приказните од Илјада и една ноќ и Аладин и волшебната ламба, заборавајќи да го спомене романот на Антсеј, Шишето од месинг, со кој делото на Лагин има очигледни поклопувања, од аспект на заплет и конкретни сцени и детали. Старецот Хотабуч првпат беше објавена во 1938 година во „Пионерскаја правда“, а подоцна беше испечатена како посебно издание. Лагин темелно ја преработи и таа беше адаптирана за филм во 1955 година, со што се зголеми популарноста на Хотабуч.

Волшебникот од смарагдниот град наспроти Волшебникот од Оз

Волшебникот од смарагдниот град

Според официјалната верзија, учителот Александар Волков зеде еден примерок од приказна на Баум за да го подобри својот англиски јазик. Тој се шармира од книгата и почна да ја раскажува на своите деца, пред да се нафати да ја преведе. Преводот прерасна во прераскажување, што Волков реши да го испрати лично на Самуил Маршак, главниот уредник на најголемата издавачка куќа за детска литература во државата.

Кога филмот-добитник на „Оскар“, Волшебникот од Оз, се појави во Соединетите Американски Држави во 1939 година, руската верзија на книгата беше објавена во СССР по првпат. На насловната страница од првото издание стои скромниот запис, „базирано врз приказната на Л. Ф. Баум“, а книгата е идентична со оригиналот на многу начини. Меѓутоа, името на Дороти во руската верзија е Ели, нејзиното куче Тотошка може да зборува и има нови сцени што не се појавуваат во оригиналот. Последователните верзии беа сè помалку и помалку слични со оригиналот и беа објавувани без референција за изворот.

Волшебникот од смарагдниот град постигна толку зашеметувачки успех што Волков почна да добива купишта барања од читатели да продолжи со серијалот. Тој издржа 25 години, а потоа напиша уште пет дела што, со исклучок на ретки детали, воопшто не се поклопуваа со приказните на Баум.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.