Тој е еден од најреномираните македонски музички изведувачи од поновата генерација, прекрасен соговорник и пример за млада личност со зрели погледи на животот.
Годинава му е јубилејна и исполнета со неверојатна динамика на концертни претставувања. Името му е Дино Имери, а биографијата веќе видно исполнета. Од неа издвојуваме дека во неговата десетгодишна професионална пијанистичка кариера забележува бројни солистички и камерни концерти, дома и во странство. Голем дел од успесите се должат на семејното музичко опкружување и врвното образование кое го добива од руските клавирски педагози Људмила и Борис Романови. Матурира со највисоки оценки. Потоа, магистрира со почеста Cum Laude на само 22 годишна возраст, и тоа кај својот колега, истакнатиот македонски пијанист со светска кариера, Симон Трпчески.
Добитник е на неколку престижни награди и признанија, а вброен е и во листата на 10-те најдобри европски пијанисти објавена на Третиот европски пијанистички натпревар во Нормандија. Минатата, 2017 година дебитираше во главната концертна програма на Македонската филхармонија, имајќи ја честа да ја отвори првата сезоната на овој оркестар во новата концертна сала.