Детето задлабочено во читање е една од највеличествените глетки на светот

Тој е меѓу водечките поети од помладата генерација во Србија, кому наградите какo „Бранкова награда“, „Бранко Миљковиќ“, „Меша Селимовиќ“, „Доситеево перо“ или, пак, меѓународната награда „Ана Франк“ не му беа предвидени додека пишувал и се забавувал со детето во него. Како тајни состојки во творештвото за деца ги има: играта, хуморот, авантурата, тајната, мистеријата и онаа негова вештина за создавање на неодоливи парчиња книжевност, како и ова интервју. Дејан Алексиќ е соговорник за блогот „Литература“.

Мали огласи (и уште по нешто)“ излезе и на македонски јазик, во препев на Владимир Мартиновски, во луксузно издание, со нови илустрации од македонската илустраторка Александра Филипоска. Каква беше вашата реакција кога првпат ја зедовте книгата во раце?

Таа книга навистина имаше среќа. Првин Владимир Мартиновски направи одличен препев. Преведувањето песни за деца, каде што често има и јазични игри, а ритамот и мелодијата играат важна улога, е мошне тешка работа. Потоа, книгата е ликовно обликувана со одличните илустрации на Александра Филипоска. Особено ги ценам илустраторите кои ги обмислуваат работите, кои прават повеќе од едно обично преведување на текстот во ликовен јазик. И најнакрај, „Арс Ламина“ ја докажа својата професионалност и тоа колку сериозно ја сфаќаат издавачката работа, особено кога е во прашање литературата за деца. Книгата изгледа раскошно, но не ја преминува границата на добриот вкус. Сето ова направи да се чувствувам мошне восхитено во мигот кога првпат ја зедов в раце и тоа чувство не ме напушта.

Како се случи да одберете да пишувате за деца во ваков формат: мали огласи, жалби и тужби?

Јас сум автор кој сака да експериментира со различни форми. Имав желба да се впуштам во пародиска игра со искажување содржина во форми што секојдневно нè опкружуваат, пред сè во медиумите: огласи, вести, реклами… а тука се и оние крути и стерилни административни обрасци: жалби, тужби… Се обидов тие форми да ги изместам од нивниот матичен простор и да ги преселам во книжевноста за деца. Така, со малку писателска имагинација, вештина и со употреба на логика што им е својствена на децата, би рекол дека добив мошне духовити песни. Понекогаш се откачени до таа мера, што децата, а и возрасните, не веруваат што слушнале или прочитале, затоа што тие песни често се засновани на нонсенс или на некој духовит парадокс.

Целиот тим на „Мали огласи“ – Оливера Ќорвезировска – промотор на изданието, Дејан Алексиќ – автор, Владимир Мартиновски – автор на препевот од српски јазик, Александра Филипоска – илустрации и Билјана Црвенковска – уредник на изданието

Како се создава една детска песна? Дали имате „тајни состојки“ што ги користите?

Хуморот е една од основните состојки, но не е лесно да се постигне добар хумористичен ефект. Понекогаш тоа е досетка, трик, а понекогаш хумористичната ситуација доаѓа како производ на воспоставување на одредени односи меѓу актерите или меѓу мотивите во песната. На овие наши простори е создавана една традиционална линија на поезијата за деца, а јас на некој начин се обидувам да ја продолжам: тоа е поезијата на „алогична“ игра, поезија во која искуствените облици на кои сме навикнати, се извртуваат така да се дојде до сосема нови увидувања и вистини.

Која е разликата меѓу творење за деца и творење за возрасни? Што е потешко?

Душко Радовиќ велеше дека да се пишува за деца е исто како да се пишува за возрасни, само малку потешко. Тоа неговото „исто“ и „потешко“, иако звучи како убава фраза, всушност зборува за суштината на таа разлика со јазикот на детето. Да се пишува за возрасни значи да се бара смислата, а да се пишува за деца значи да се чува смислата што веќе сме ја нашле.

А како знаете дека она што го пишувате ќе функционира кај децата? Дали го имате тоа прецизно чувство уште кога го создавате или треба да се преиспитува?

Важно ми е она што го пишувам за деца најпрвин да му биде забавно на детето во мене. Тоа е една од причините и зошто пишувам за деца – така имам континуиран и убав дијалог со детето кое сум го зачувал во себе. Ако тоа што го пишувам ми е интересно и духовито мене, ќе им биде и на децата. Секако, многу од тоа отфрлам, многу сум строг и самокритичен во тоа што го работам. Не дозволувам самозалажување. Понекогаш не успевам да реализирам некоја идеја што ми изгледала одлична, но исто така се случува да почнам песна со некој мошне обичен стих, навидум лош, а тој неамбициозен почеток да донесе некоја одлична песна.

Колку „Фејсбук“ и социјалните медиуми, или технологијата воопшто, ги сменија читачките навики и афинитети на децата? Каква треба да биде литературата за деца денес, за да ги привлече малите читатели?

Читањето бара малку труд, а носи голема корист. Да се убедат децата во тоа бара голема вештина. Децата денес растат со компјутери, мобилни телефони, телевизија со петстотини канали, и покрај сето тоа е тешко да се направи книгата да биде интересна. Затоа мораме многу систематски да работиме на промовирање на книгата и на читањето. Дел од одговорноста паѓа врз семејството, исто така и врз училиштето, врз издавачите, секако и врз писателите, но без искрена и вистинска сеопштествена акција, без сериозна културна политика и стратегија што не е само мртви зборови на хартија – мошне е тешко да се постигне добар резултат. Секако, и литературата треба да ги следи потребите на најмладите читатели, но без да го изгуби уметничкиот квалитет. Треба да се појде од тоа дека во секое детство се потребни универзални работи: игра, хумор, поглед на светот, авантура, тајна, мистериозност, восхит… Тоа секогаш постои во добрата книжевност, без разлика дали е пишувана пред сто години или се создава денес. Тоа е она што е константа. Се менува и се модернизира само книжевниот израз.

Вашите книги се книги на децата и на родителите на денешницата. А кои се вашите омилени книги? Со што растевте?

Растев со добра домашна и странска литература. Отсекогаш особено ме интересираа поеми, песни со долг здив, каде што се сретнуваат прикажувањето, авантурата и убавината на поетскиот јазик. Од „Куќичката на ежот“ на Ќопиќ, па сè до поемите на Александар Вучо, Стеван Раичковиќ или Арсен Диклиќ, ја впивав и ја учев магијата на јазикот и сигурен сум дека тоа изврши пресудно влијание на мене како творец. Кога го открив „Малиот принц“, да речеме, рано ја почувствував онаа златна меланхолија што во толку чист облик може да ја подари само добрата книжевност. Воопшто, уште во најрани години ја открив посебноста на култот кон читањето и сигурноста што можеме да ја почувствуваме додека седиме сами во некое ќоше со книга во скутот. Детето задлабочено во читање е една од највеличествените глетки на светот.

Со што сакате да растат вашите деца? Какво детство им посакувате?

Ја знаеме онаа позната изрека дека детето е татко на човекот. Навистина е така. На моето детство гледам како на сопствена прататковина, место од кое и денес можам да ја повикам најсилната верба во смислата. Би сакал и моите деца, кога ќе бидат возрасни луѓе, да гледаат на своето детство како на некој недопрен простор на надеж и убавина, како на извор на сила против тешкотиите со кои е исполнет животот. Затоа се обидувам детството да им биде мисија на откривање на себеси, затоа што ако во детството не станат сопственици на своите соништа, нема да станат ни подоцна во животот.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.