Никој не е поважен од Другиот

Ќе кажеме дека сака да плете, но за разлика од другите вешти плетачки, само таа умее да сплете (и сошие) раскази, романи, есеи… Оливера Ќорвезироска е писателка, есеистка, уредничка, лекторка и книжевен критичар. Автор е на романот „Заклученото тело на Лу“, збирките раскази „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“…, а повод за овој разговор се неодамнешните реизданија на нејзините романи за деца „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“.

Вашите два детски романи „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“, по две децении доживуваат свои реизданија, па во приказните за Мирна и нејзиниот брат Војдан ќе уживаат и денешните генерации. Како се случи да настанат новите, розово-сини „Мирна“ и „Војдан“?

„Кифличката Мирна“ е објавена 1993, „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ 2001, значи пред дваесет и една година во просек. Ја сакам мaтематиката на залудните пресметки. Одамна ги немаше моите романи во книжарниците, беа продадени, мислев дека се и заборавени. Но, ете, имало некој што ги помни, покрај авторот и… ликовите. „Арс Ламина“ пројави интерес за преобјавување и за нови нијанси на „розовото“ и на „синото“ во моето творештво и тоа ме обои во голема (и шарена) радост.

Мирна и Војдан се вашите деца, кои се израснати во успешни млади луѓе. Како тие денеска ги доживуваат овие романи?

Сентиментално и забавно. Кога беа мали се расправаа чиј роман е подебел, сега низ смеа се расправаат чиј е поубав.

Авторката со Мирна и Војдан, јунаците од нејзините романи, но и од нејзиниот живот

„Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ се вашите единствени романи за деца, а веќе подолго време пишувате за возрасни. Која е разликата во творењето за деца и за возрасни?

Имам напишано само три книги за деца и многу повеќе за возрасни. Освен романиве, морам да ја спомнам и сликовницата „Дедо Миле“ од 2000 година со прекрасните илустрации на еден од нашите најдобри карикатуристи – Глигор Костовски-Гишо. Разликата во пишувањето за деца и за возрасни првенствено ја препознавам во дисциплината, во строгоста.

Дали повторно би создавале литература за деца? Што би ви било поттик или предизвик?

Не знам. Одамна не сум била толку строга со своето пишување како што сметам дека е нужно во литературата за деца. Палавоста, беснеењето во секоја смисла, само навидум, на прв поглед, се одлика на литературата за деца; всушност, тие се иманентни единствено во литературата за возрасни. Кога пишувате за деца, зад сета таа смеа и забава стои крајна творечка сериозност. Кога пишувате за возрасни, можеби не е сосем обратното, но зад сета таа сериозност стои крајна творечка игра. Сложена и комплицирана, ама сепак игра…

Во една ваша изјава велите дека и најдобрата литература на светот има потреба од достојна јазична и техничка поддршка. Оливера Ќорвезироска несомнено за многу нешта има „строги“ или дефинирани критериуми, но во што се согласуваат лекторката Оливера и писателката Оливера, а во што не?

Надвор од првичниот контекст, ова звучи малку збунувачки и неодредено. Надолго и нашироко реагирав на изгледот и на целосната „опрема“ на книгите изминатите години во смисла на конкретни производи, резултати на нешто важно во културата, во општеството. Јазикот во отпечатените книги е небрежен, целата „опрема“, белинките, маргините… се под општите графички стандарди, фонтовите – непримерени и раскарани со нашата азбука и ортографија. Но, тоа е една сосем друга тема. Се радувам што сè почесто гледам убави изданија во секоја смисла. Долго се занимавам и со литература и со јазик и сметам дека е сосем нормално да имам дефинирани критериуми. Не знам дали и колку тие се строги, но јазикот и литературата мора да се многу поблиски отколку што се во моментов. Никој не е поважен од Другиот: ниту јазикот од литературата; ниту, пак, литературата од јазикот. Не можам да сфатам како талентирани писатели сметаат дека јазикот е работа на лекторот и воопшто не внимаваат. Лекторите го одржуваат јазикот, писателите го освежуваат. Порано сметав дека лекторската работа ме оддалечува од книжевната; сега сум сосем сигурна дека сето време ме приближувала.

 Дали работите на нова книга во моментов?

Да. Ја завршувам својата најнова книга раскази за Скопје, мојата 33-годишна наративна мапа на градов во кој живеам токму толку години.

 

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s