Не сакам да бегам од врската човек-природа-животни

Таа сака да пишува, за егзистенција тоа се новинарски текстови, а за душа е нејзината поезија и проза. Но, пишува и за деца и за возрасни, секогаш држејќи се до себе и до ставот дека време е да станеме луѓе, наместо да „еволуираме“ во крволочни диви животни кои меѓусебно почнуваат да се јадат. Нејзиниот последен роман за деца „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“ е повод за разговор со Јасмина Кантарџиева-Димков.

Јасмина, „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“, за што зборува книгата и кому му е намената?

„Кучешки приказни од Тафталиџе 1“ е наменета за сите деца кои знаат да читаат, за сите баби и дедовци кои сакаат да им читаат на внуците кои сè уште не знаат да читаат, но и за родителите кои се уште „заговараат“ да им читаат книги за деца на своите деца, при тоа забавувајќи се и самите во читањето.

Како „стара“ тафталиџанка одлучив приказната за кучињата да ја сместам во познатото маало Тафталиџе 1, чувствувајќи се најсигурна на тој познат терен, каде што сум родена и каде што сум растела, зашто со децата нема лажги. Во приказната се зборува за дружбата на десетина четвороножни пријатели од маалото кои, без разлика на своето „потекло“, се подготвени да се жртвуваат еден за друг, за заемната љубов, за другарството и за добрососедските односи. Во тоа маало, тие живеат мирно и сложно сè додека не се појават „натрапниците“, узурпаторите, лажговците, крадците и користољупците. Во случајот со конкретната приказна, тие „натрапници“ се мачките. Симболично гледано, сепак тоа би можеле да бидат и карактери на луѓе претставени во денешно време, „узурпатори“ на кое било наше маало или кој било наш град. Потоа, тука е и соседот Страхил, од кучињата наречен Страшило, кој дополнително им го загрозува животот само затоа што не сака кучиња, иако нема ниту една реална причина за таква омраза кон овие домашни и улични животни. Во ликот, пак, на Страшилото, денес ќе препознаеме повеќе „соседи“ од нашите маала.

Зошто одбравте приказна за животни? Од што се водевте додека ја пишувавте книгата?

Затоа што ги сакам животните, а од „мали нозе“ сум растела со кучиња. Отсекогаш сум имала барем едно домашно милениче дома, конкретно куче, за кое сум се грижела и од кое сум научила не само многу убави нешта за животните туку и за различни нешта за луѓето. Ако детето го воспитуваме од мало дека кучињата се страшни, секако дека ќе му всадиме страв од нив и очекувано е да ги гледа како непријатели. И обратно. Најпосле, не мораме да бидеме сите „кучкари“ или љубители на домашни миленичиња, но добро е од мали нозе да стекнеме етика и морал на однесување кон оние со кои го делиме општествениот простор. Добро е да научиме како треба да се однесуваме со луѓето, животните и растенијата, кои нè опкружуваат. Ама, моралот е категорија што се учи во првите пет години од животот. Од родителите и од најблиското наше опкружување. „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“ ја пишував во еден здив, многу брзо и многу лесно. Сите кучешки ликови во приказната се реални, дури и имињата речиси на сите кучиња и личности, односно на децата, им се непроменети. Германскиот овчар Дикси, на пример, живее со мене и со моето семејство, а со нас живее и Кени, кој го вдомивме од улица, во приказната претставен преку ликот на уличното куче Буч. Кучката Иза, ликот од приказната, од расата акита ину, исто така е кучка која живееше со нас и, како во приказната, таа беше постојано болна. За жал, не издржа доволно долго на овој свет и нè напушти. Другите кучиња, пак, се домашните миленици на другарите на син ми, Лука, но и улични кучиња некои од минатото, некои од сегашноста. И сите споменати ликови ги имаат истите карактери како што се опишани во книгата.

Дали почувствувавте дека темата одгледување животни, емпатија кон нив, а не суровост, на каква сведочиме денес, е неопходна тема за „четиво“?

Тоа може да биде современа и корисна тема за роман, расказ или поезија, но суровоста кон животните на која сведочиме денес е воедно и слика што ја прикажува патологијата и за’рѓаноста на целото општество. Лудилото на масовното труење на уличните кучиња е слика на општествениот стадиум на примитивизам надграден со некултура, нечувствителност, па и своевидно лудило на поединците-трујачи. А сликарот, на пример, може да наслика „живописна“ слика и најпластично да ни покаже – „еве ова се случува кај нас“, но ако сликата ја видат само љубителите на уметноста, да не речам истомислениците, сме направиле еден чекор напред, но не и скок. Сме се согласиле дека не бива вака. Како да се стигне до „неистомислениците“? И десет слики или „четива“ на иста тема можат да бидат премалку за да се случи некаква промена на ниво на граѓанска свесност, но и само една слика или само едно „четиво“ можат да променат многу нешта ако може да се допре пошироко, подлабоко. Како да се стигне дури и до оние што се „ежат“ од зборот книга, па камоли да им прочитаат нешто на своите деца или да ги воспитаат на читање книги? Зашто децата не се раѓаат ниту невоспитани, ниту некултурни, ниту како мразачи на животни. Тие „наследности“ ги стекнуваат од родителите, а во поново време, неретко и од воспитувачите и од наставниците. Неодамна прочитав еден податок кој навистина заслужува внимание. Имено, Уметнички совет на Норвешка откупува 1.000 копии од сè што се смета за квалитетно издание од домашните автори, за да го дистрибуира до библиотеките низ целата земја. Оваа бројка за детски книги е уште повисока и изнесува 1.550 примероци. На такво пошироко и подлабоко допирање помислив пред да се разбудам во градот Скопје.

„Германскиот овчар Дикси, живее со мене и со моето семејство, а со нас живее и Кени, кој го вдомивме од улица, во приказната претставен преку ликот на уличното куче Буч“ – ни ги открива ликовите од книгата Јасмина.

Многу сум им благодарна на издавачката куќа „Арс Ламина“, кои овозможија да се отпечати оваа книга, и на уредничката Билјана Црвенковска, која најтрпеливо ја прочита книгата и која, всушност, ми го овозможи влезот како автор во оваа издавачка куќа. Искрено, со поголеми професионалци досега не сум соработувала во издавачката дејност. А и промоцијата беше одлично организирана, па сметам дека, благодарение на нив, книгата си го наоѓа својот пат до поголем број деца.

Ловот на Буч и Леа од страна на шинтерите, убодот од змија на Дикси, лошотилакот на Страхил или Страшило, убиството на Бели се сцени за кои дел од децата не се ни свесни. Дали сметате дека децата треба да ја знаат реалноста онаква каква што е?

Децата ја доживуваат реалноста онаква каква што навистина е, без разлика дали ние се служиме со лаги или, пак, им зборуваме вистина, за да им ја претставиме. Задачата на нас, возрасните, е да им помогнеме да ја разберат вистината, адаптирајќи ја на нивниот поим за перцепција и на нивната емоционална зрелост. Сè друго е само „лажги со опашки“. Опашки што ќе им ги „вградиме“ и кои ќе им пречат понатаму во животот.

Книгата и визуелно ги претставува ликовите, преку илустрациите на Ивица Спасовски. Па, така, дијалозите меѓу животните кои се многу живи, речиси реални и сцените добиваат комплетен изглед. Како одеше соработката?

Ивица е исклучителен илустратор, но и многу мил и пријатен човек. Не го познавав лично, но уредничката, Билјана Црвенковска, ми покажа само една негова илустрација за книгата и веднаш се согласивме дека „тоа е тоа“ што ни треба. Среќна сум за нашата соработка, а верувам дека нема да биде прва и последна. Ќерката на мојата сестра, Лиза, која има 11 години, дополнително направи илустрации за книгата, водејќи се според тоа како таа ја доживеала приказната. Нејзините илустрации се објавени на последните странички од книгата и имаат цел да ги поттикнат и другите деца да ја насликаат својата приказна. Интерактивен момент што многу ми се допаѓа.

Речиси еден месец книгата живее меѓу децата. Кои детски коментари особено ве восхитија?

Коментарите на некои деца од некои други маала. Ми рекоа дека си ги препознале и нивните домашни или улични миленици во опишаните кучешки ликови, што говори дека сите кучиња се слични и ги имаат истите карактеристики – безусловната љубов кон човекот кој ги сака или барем ги почитува, и неверојатното чувство за пријателство и пожртвуваност. Но, и коментарите од типот дека Страшилото на крајот си го добил заслуженото, односно затворот. За радост е дека некои деца се сосема свесни дека не можеме да се однесуваме неодговорно и злобно во околината, без да не стигне казна.

Изгледа дека не можам да побегнам од врската човек-природа-животни, а и не сакам – вели Јасмина за присуството на животните во нејзините дела

Ова е ваша трета книга за деца, но впечатокот е дека ве открива најмногу, како љубител на животни, „кучкарка“, како скопјанка која добро го познава маалскиот живот и неговата хиерархија, како правдољубец. Како вие ја доживувате?

Во првата книга за деца, „Штрковите не носат деца“, заедно со децата кои живеат на Планетата на неродените, живеат и сите животни какви што ги познаваме на Земјата, но со сите свои најубави особини, „нерасипани“ од луѓето. Така, главниот лик во таа приказна, на пример, во своето креветче заспива во друштво со едно вистинско мече кое се вика Жолтко. Тоа вистинско, а не кадифено мече, исто така чека да се роди на Земјата, во мигот кога ќе биде „повикано“ од неговите родители. Сите тие неродени деца на таа планета си имаат свои големи пријатели во различни шумски животни, што нам, тука на Земјата, ни изгледаат страшни за дружење. „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“ поконкретно раскажува за љубовта дете-куче, но секако раскажува и за омразата човек-природа. Во следната книга за деца, пак, која е на пат да биде објавена, се зборува за љубовта меѓу луѓето, односно децата и еднорозите. Изгледа дека не можам да побегнам од врската човек-природа-животни, а и не сакам. Никогаш понеопходно не било да ја прегрнеме природата и сите живи суштества на овој свет, а и време е да сфатиме дека токму човекот е најстрашното и најнеблагодарното животно на оваа планета. Време е да станеме луѓе, наместо да „еволуираме“ во крволочни диви животни кои и меѓусебно почнуваат да се јадат.

И што е следно? Вашиот фокус е кон новинарството или кон литературата?

Отсекогаш бил и ќе биде кон литературата. За жал, од литература кај нас не се живее. Во новинарството најдов најприфатлив супститут на омилената професија, за да се чувствувам задоволна. Барем во она новинарство со кое се занимавам, целосно ослободено од политиката, а насочено кон животот и кон уметностите. Ја довршив мојата нова книга за деца, „24 часа во Еднорозија“, онаа приказна за која ви споменав предмалку, за љубовта меѓу децата и еднорозите, поточно тоа е приказна за безусловната, чиста љубов што некако попатно сме ја загубиле во себе и која повторно треба да ја најдеме. Ако тоа книже успеа да разбуди љубов во детските срца кон другите луѓе, животните и воопшто кон природата, вложениот труд и страст кон зборовите напишани со многу чесни емоции, за мене, дури тогаш стануваат задоволство.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.