Срцето е вистинскиот медиум на детето

Драмски писател, романописец, теоретичар, но и автор на литература за деца се назнаките што следуваат до името и презимето на Томислав Османли. Неговите дела ја означуваат македонската литература на 20 и 21 век. А меѓу нив со сигурност ќе се вброи и пиесата „Новиот цар“, како прв детски драмски текст со религиозна тема, издаден под „Либи“, дел од издавачката куќа „Арс Ламина“.

„Новиот цар“ е пиеса за раѓањето на Исус Христос. Како писател, зошто се одлучивте за оваа тема на драмски текст за деца?

Се одлучив од две причини: едната сентиментална, другата рационална. Сентименталната мотивација ме врати во детството, кон приказните на мојата баба за сиромашни вдовици со гладни дечиња и божиќните чуда и пресврти што се случуваат во нивните животи, во фините божиќни ритуали што се изведуваа во моето семејство, картонскиот „спилион“, сцената со претстава на светото семејство и Христовото доаѓање на свет поставен на видно место во домот, во посетите на роднините и пријателите, коледарските денови, во семејни обреди со бадникарски лепчиња и василичарски пити, колачи и, воопшто, традициите и духот на едно друго, поинакво време…

Рационалналната мотивација да го напишам „Новиот цар“, пак, исходуваше од сознанието дека, за разлика од кај нас, во светот во кој новогодишните и божиќните празници (таму, по обратен редослед!) се проследуваат со многубројни инсценации на божиќни теми – музички и сценски, но и комбинирани настапи – меѓу кои темата на Христовото раѓање зазема клучно место. Јас ѝ припаѓам на генерацијата чиишто детски години во официјалните празнувања ги исполнуваа приказните и проектите врзани за ликот на Дедо Мраз и инсценациите на Гримовите бајки, со Снежана веројатно поради присуството на седумте џуџиња како дел од божиќните декорации присутни во западниот свет. Во пригодните наративи врзани за убавите зимски празници, „во мое време“ се одеше до границата на бајките. Потаму беше територијата на религиозните приказни, а на нив во тоа време не се гледаше со добро око. Од друга страна, нашите традиции, фолклорните, но особено оние граѓанските, како да речеме во Битола, каде што сум роден, се врзуваа и за т.н. вертепски приказни или за „спилионските теми“ и престави, поточно за темите на Рождеството. И веднаш да кажам: тука не станува збор за фундаментално религиозен, туку имено за цивилен, за граѓански однос кон традициите. Станува збор за обновување на еден од најубавите наративи, за можеби најубавата од митските теми на раѓањето на едно од т.н. „знаменити бебиња“, идни херои од кои се очекуваат значајни постигања по кои светот нема да остане ист. Како што е познато, подвигот на новородениот Исус е подвигот на проповедањето на светот на добрината и на човечноста. Независно што некогашните деца растени на тие поуки, подоцна, сѐ до денешни дни, ни приближно не успеаја да создадат таков свет… Дотолку поактуелна отстранува приказната за доаѓањето на свет на малиот цар на добрината роден скромно, во една туѓа штала прикрепена до една пештера во малото место Витлеем во Израел… и нејзините благородни поуки што се уште поважечки во современиот отуѓен, потрошувачки и егоизиран свет.

Во ера на суперхерои со кои се идентификуваат децата, каква е моќта на приказните за хероите на добрината и човекољубивоста, како оваа за Исус,„Приказна за раѓањето на Царот на царевите“?

Па, голема, што одново нѐ упатува на традициите на Запад. Таму кaде што во меѓувоениот период на почетокот од 20 век, од една страна се создадени и современите суперхерои и каде што од почетоците на индустриското, потоа и на постиндустриското граѓанско општество божиќните приказни и сценските прикази не престануваат да се читаат и да се поставуваат, обновувани било во изворни или, пак, во преработени наративи. Во својата книга „Стрип, запис со човечки лик“ во однос на суперхероите уште одамна сум укажал дека зад матрицата на современите суперхерои се кријат древните, митски суперјунаци. Да го споменам тука само Херакле со својот антички суперхеројски лик, сила и подвизи. Тој е Супермен на архаичната и на античката доба. Тука се и Прометеј, Персеј, Тезеј и дузина титани и суперхерои не само на хеленската туку и на медитеранската антика. Нивните подвизи се исто така етички мотивирани и наложени од повисоки цели или, пак, авторитети. Целта на сите овие наративи за јунаците од прастари до денешни времиња останува иста: да се истакне нивното клучно значење и одбраната на загрозените морални вредности. Тој мотив е присутен од повестите за митолошките јунаци на антиката и трае сѐ до современите мулти/медиумски суперхерои. Сите тие јунаци од митските или од модерните фабулации се разликуваат само во надворешните својства. На новите суперхерои им е додадена само поимагинативна костимографија и, воопшто, спектакуларен имиџ и карактеристичната, претерана марвеловска стриповна динамика. Тие имаат променлив двоен идентитет, па се јавуваат еднаш како обични луѓе со обични имиња (Кларк Кент, Питер Паркер…), а другпат како костимирани суперјунаци со блескави имиња (Супермен, Спајдермен, Бетмен, Дердевил…) и, почнувајќи од постарите суперхерои, на пример Капетан Америка и фантастичната четворка, преку Спајдермен, до суперхеројската обработка на Тор, главниот бог од нордиската митологика, дејствуваат исклучиво во урбаните амбиенти, најчесто на американските мегалополиси… Во антиката двојниот идентитети на суперхероите е содржан во нивната единствена полубожествена (читај: суперхеројска) природа, но проследена со променлива природа и ќуд. Местата на нивното херојско дејство се мистичните шуми, таинствените острови, бујните реки, полињата на античкиот свет… Во ликот на духовните херои, меѓутоа (како Гилгамеш од асирскиот еп, Арџуна во Махабхарата) еден од кои е новозаветниот Исус, етичките мотивации остануваат исти. Тој е суперхерој (се сеќавате ли на мјузиклот „Исус Христос суперстар“?) на внатрешната, етичка акција, најавен како едно особено новороденче со иднина на моќен цар претскажана уште при неговото доаѓање на овој свет, и препознаен од скромните луѓе, трите крала од далечните кралства, но едновремено најавен и од небесни феномени како појавата на т.н. Витлеемска ѕвезда. Сјајот и акцијата на овој филантропски суперхерој, за разлика од суровите суперјунаци на стариот свет, се топли и внатрешни.

Кои поуки сакате да ги пренесете со ова свое дело?

Па, токму тоа: дека во старите приказни се содржат сѐ уште живи идеи и дека клучната меѓу нив е човекољубието, без оглед на различностите меѓу луѓето. Исус го почитуваат не само припадниците на христијанските туку и на муслиманските традиции, едните како бого-човек и како библиски најавен месија или спасител на човештвото, вторите како еден од корански забележаните свети пророци… За мене, кога ја прераскажувам приказната за раѓањето на малиот Исус поважни се токму моралните, човекољубивите поуки од оние верските. Идејата за добрината и за човечноста е клучна и во божиќниот наратив на „Новиот цар“.

Автор сте на многу прозни и драмски текстови, теориски расправи, добитник на многу награди, а со „Дваесет и првиот“ во 2010 година бевте номиниран и за „Балканика“. Што е предизвикот во литературата за деца?

Па, тоа што се работи за една од најтешките форми на литература. Предизвикот е токму тоа дека треба да се сообразите со начинот на раскажување близок до светот, до разбирањето и до интересирањето на детето, а притоа, одново, да бидете и, колку што е можно, поинвентивен и поинтересен. И во литературата за возрасни, колку тоа и да им е неомилено на современите автори, ние пренесуваме пораки. Секоја приказна ги содржи, зошто инаку приказните и би имале смисла. Се работи за тоа природниот тек на раскажувањето во прв план да ја става уверливоста и доследноста на приказната, а дури потоа таа да ги лачи своите значења. Во секоја, па и во детската литература. За разлика од порано, и децата не сакаат директно да им се „туторисува“ и да им се „патронизира“. Тие ќе умеат да ги примат дискретните пораки што исходуваат од интересно раскажаните приказни.

Како дедо на внуци, што им читате? Што сакате да им раскажувате?

За разлика од времето кога растеа моите деца, на кои им ги раскажував возбудливите приказни од старите митови и со тоа дискретно ги запознавав во ликовите, натприродните суштества, симболите и јунаците што ја означија европската култура во времето на нејзините мугри, сега, на моите внуци, покрај бајките, главно им раскажувам приказни за доживелиците на едно детенце – јас го крстив Бојан – кое упаѓа во различни ситуации, благодарејќи на своето невнимание или на својата палавост. И се разбира, откако ќе ги увиди грешките, потоа се обидува да не му се повторат. Тоа се педагошки приказни со урбани авантури, што сега им ги раскажувам на моите најмали внуци, Ана и Андреј. Мојата најголема внука Елена, приказните за Бојан што порано ги слушаше со широко отворени очи, сега веќе ги следи со симпатична иронична насмевка. И самата ги пресоздава зависно до ситуацијата што треба посредно да се коментира. J

И затоа што е период на зимски распуст, дали можете да ни препорачате некое дело што вие сте го читале во вашето детство?

Јас ги сакам класичните дела на литературата за деца и млади. „Низ пустина и прашума“ од полскиот писател X. Сјенкјевич, „Срце“ од Е. Де Амичис, која е и лектирна книга, авантуристичките романи на Џек Лондон, книгите за деца и романите од нашите автори Видое Подгорец, Оливера Николова и Глигор Поповски… старите филмови на Дизни, книгите и филмовите за малиот волшебник Хери Потер, стриповите за Корто Малтезе, почнувајќи со првиот од големата серија „Балада за соленото море“ (сега го читам/гледам „Под полноќното сонце“, новиот постпратовски стрип за Корто, според сценариото на Хуан Д. Каналес, цртан од Рубен Палјехеро, во кој како гостувачки лик се појавува токму спомнатиот писател Џек Лондон)…

Накусо, на децата би им препорачал една мултимедиумска литература што топло ќе го допре и срцето, не само динамично раздвиженото око на детето… Не се тоа ајпадот, лаптопот и ајфонот; срцето е вистинскиот медиум на детето.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.