Почина Арон Апелфелд, израелскиот писател кој го преживеа холокаустот

Познатиот израелски писател Арон Апелфелд, добитник на националната награда на Израел за книжевност почина вчера на 86 години.

Роден е во Буковина, тогашна Романија, денес Украина, во асимилирано еврејско семејство, што себеси се сметало за европско, наведуваат израелските медиуми, иако баба му и дедо му биле религиозни Евреи. Веднаш пред холокаустот, кога Германците влегле во регионот, тој е депортиран заедно со неговиот татко во нацистичкиот концентрационен логор, откако е убиена неговата мајка. Апелфелд како 12-годишно момче побегнал од воениот логор и следните недели ги минал талкајќи по шумите, барајќи скривалиште, додека на крајот не почнал да работи како готвач за припадниците на Црвената армија во Бугарија, наведува израелскиот сајт „24 њуз“.

По три војни и по неколку патувања низ Европа и краткиот престој во Италија, во 1946 година се населил во Палестина, која тогаш била под мандат на Велика Британија. Години потоа се сретнал со својот татко, наоѓајќи го неговото име на листата на Еврејската агенција. Апелфелд студирал хебрејска книжевност и литература на јидиш на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим и по завршувањето на студиите почнал да објавува поезија и кратки приказни. Многумина го сметале за најистакнат жив писател на хебрејски јазик, иако јазикот го научил како тинејџер.

 

Неговата прва книга „Дим“ е објавена во 1962 година, а потоа објавил безмалку 50 книги што се преведени на повеќе од дваесет јазици. Холокаустот е централен мотив во неговите дела, иако во интервју за весникот „Харец“ во 2015 година изјавил: „Јас не сум писател на холокаустот“, не сакајќи да биде дефиниран по тоа.

Најпознатите романи на Апелфелд се „Цили“ (1983) за младата девојка скитница, „Банденхајм 1939“ приказна за асимилираните Евреи кои ја напуштаат Полска на почетокот на холокаустот и „Лаиш“ (1994) за сирачето кое доаѓа во „ветената земја“.

Добитник е на многу книжевни награди, вклучувајќи ја наградата „Бренер“ во 1975 година и „Бјалик“ во 1979 година. Националната награда на Израел за книжевност ја добил во 1983 година. Тој е и почесен доктор на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, Универзитетот во Тел Авив и американскиот „Брендајс“, а бил и почесен член на Американската академија на науки и уметности.

Големиот американски писател Филип Рот, кој исто така има еврејско потекло, го опишал Апелфелд како „раселен писател со раселена фикција, кој од раселувањето и дезориентацијата направил единствена тема“.

Претседателот на Израел, Рувен Ривлин, по повод смртта на Апелфелд на својот профил на „Твитер“ напиша дека тој и неговата сопруга Нехама „се жалосни поради заминувањето на саканиот писател“.

Најновата книга на Апелфелд, „Недоумица“, е објавена во септември минатата година. Многу негови дела се засновани на неговиот живот, бидејќи сеќавањата ги трансформирал во фикција, како што изјави за британскиот „Индепендент“ во 2012 година.

„Не пишувам сеќавања, јас користам делови од сопственото искуство“, вели тој. Живеејќи во Ерусалим, пишувал во кафулињата и таа навика ја практикувал до крајот на животот.

„Само во кафулињата во Ерусалим ја чувствувам слободата на имагинацијата. Тоа е мојата почетна точка, тоа е местото од каде што поаѓам и каде што се враќам“, напишал тој.

Белешките на Апелфелд, вклучувајќи ги оние и на салфетите и ливчињата, книгите и ракописите се чуваат на Универзитетот во Бен Хурион во Негева, каде што предавал во текот на поголем дел од својата кариера.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s