10 предлог книги за подарок овие празници

Книгата е најубав новогодишен подарок. Во продолжение ви предлагаме 10 книги за подарок овие празници.


  1. „Анаис од Монмартр“ од Јана Мишо

Со куфер во едната рака и транспортер за мачки во другата, Анаис Мишел доаѓа во Париз со амбиција да ја пронајде личноста што еднаш ја напушти – себеси.

Но, нештата не се такви какви што ги остави некогаш.

Нова маќеа, заборавен пријател и нескротлив страв од тоа „што ако не постои професија што може да ме направи среќна“, водат до серија неочекувани настани, вино, кафе и комплициран однос со еден… дечко.

Сериозно, колку може да е тешко да се пронајдеш во град како Париз?

Би се изненадиле.

2. „Светот на рамена“ од Џенифер Нивен

Сите мислат дека знаат сè за Либи Страут, но никој никогаш не се обидел да погледне подлабоко во неа и вистински да ја запознае. По ненадејната смрт на нејзината мајка, Либи се затвора дома, но сега таа е подготвена: за средното училиште, за новите пријатели, за љубовта и за СЕКОЈА МОЖНОСТ ШТО И ЈА НУДИ ЖИВОТОТ.

Сакам да бидам девојката која може да стори сè.

Исто така, сите мислат дека знаат сè за Џек Маселин. Да, тој е секси и фраер во секоја смисла на зборот. Но, зад неговата самодоверба, тој крие тајна што мора да ја чува во себе по секоја цена.
Биди шармантен. Биди проклето пресмешен. Не зближувај се со никого.

Тогаш Џек ја запознава Либи. И нивните светови се менуваат.

Бидејќи понекогаш, кога ќе запознаете некого, целиот свет доаѓа во фокус.

Џенифер Нивен ни дава уште една потресна и возбудлива љубовна приказна за пронаоѓањето токму на онаа личност што ве гледа и ве сака такви какви што сте.

3. „Бебето на Бриџит Џонс“ од Хелен Филдинг

Бриџит Џонс, нашиот омилен лик и светски феномен, е повторно со нас, но овој пат како трудница во романот „Бебето на Бриџит Џонс.“

Бриџит Џонс се наоѓа пред нејзината најважна животна улога. Во години е кога сите отстрана и велат дека биолошкиот часовник отчукува и мора да роди дете.

По низа смешни ситуации својствени само на неа, таа останува бремена – но не баш како што си замислувала цел живот. Во текот на бременоста се соочува со безброј сплетки, неверојатни моменти и хаос при прегледите на ултразвук и вежбите за подготовка за породување, но никогаш не ја напушта желбата за печени компири со ренданo сирење. А сепак, клучното и најнепријатно прашање што станува белег целата бременост е – кој е таткото?

Бриџит не би била Бриџит ако не нè насмее до солзи со сето она што и се случува, сета романтика, радост и очај, каде што секогаш на крајот нештата завршуваат на убав начин што предизвикува пријатни и позитивни чувства.

„Суштината на ликот на Бриџит Џонс е во јазот помеѓу она што би требало да бидеме и она што навистина сме. Сега, во текот на бременоста полна со изненадувања, Бриџит ја открива разликата помеѓу тоа каков живот очекуваме и каков е животот во реалноста кога стануваме свесни дека ќе имаме бебе“, Хелен Филдинг.

4. „Отчукувања“ од Хавиер Руескас и Франсеск Миралјес

Добрата страна?! Добра е и има нов мобилен, па конечно може да зборува со сите преку HeartBits.

17:05

Лошата страна?! Не се сеќава на трите дена што и претходат на несреќата. Што ли се случило за време на тие денови? Кој ли е тој Феникс кој не престанува да и пишува пораки? И зошто секогаш кога Елија ќе помисли на она што можела да го заборави… чувствува дека и недостига воздух.

17:06

5. „Гордост и предрасуда“ од Џејн Остин

Приказната го следи животот на главниот карактер Елизабет Бенет, која се соочува со прашањето на манирите, воспитанието, моралот, етиката, образованието и бракот во англиското општество на крајот на 19 век.

„Гордост и предрасуда“ е сè уште интересна за модерните читатели и се наоѓа на врвот на листите за најчитани книги.

6. „Најубавите љубовни писма на сите времиња“

Ова е другото лице на историјата. Тука освојувачите со оружје, со збор или хармонизирани ноти, независно, се плен на потребата за двојно скротување, за нежност, попрецизно – за љубов, односно, да бидеме доследни докрај – за љубовниот копнеж исцеден во интимно интонирани писма што му се противставуваат на времето во јуриш.

Прочитајте ги похотливите воздишки, развигорените чувства и срцевите изблици на луѓето кои им да е важност на историските отсечки од нивното време, поаѓајќи од скокотливиот Волтер, мистериозниот Бетовен, па правдољубивата Мери Волстонкрафт и актерката Жулиет Друе, но и други громки имиња.

Amor vincit omnia!

7. „И така ви велам…“ од Џон Клиз

Автобиографијата на Џон Клиз, „И така, ви велам…“, е сето она што се очекува од нејзиниот автор – луцидна, промислена, провокативна и пред сè – забавна историја за тоа како едно високо, срамежливо момче од Вестон-супер-Мер стана своевидна легенда.

Во овој интензивен и реномиран мемоар, Клиз ги води читателите на една голема турнеја низ неговиот подем во светот на шоу-бизнисот поаѓајќи од скромните почетоци во сонливиот роден град и раните комични денови на универзитетот Кембриџ (во друштво на идниот партнер во славните „Монти Пајтон“, Греам Чепмен) до основањето на прочуената комична група што ќе му донесе светска слава.

Низ изненадувачки приказни и смешни дигресии со кратки попатни поетички паузи за тоа што е смешно, според една своја издржана дефиниција, и зошто е така, Клиз ја раскажува личната метаморфоза од млад комичар во мајстор на изведбата.

8. „Фајронт во Сараево“ од д-р Неле Карајлиќ

„Фајронт во Сараево“ раскажува приказна што почнува во една кафеана во Младеновац и, патувајќи кон Првото коронарно одделение на Ургентниот центар во Белград, суптилно се пренесува четириесетина години наназад, во предвоено Сараево, каде што границите на универзумот не ги надминуваат границите на Кошево, а носител на успехот и смислата на животот е фудбалскиот клуб „Жељо“.

Д-р Неле Карајлиќ, ѕвездата на „Забрането пушење“ и на „Топ-листа на надреалистите“, се открива како еден од најскапоцените инсајдери на митските југословенски приказни. Тој патува во спомените испреплетени со сегашноста и пред читателите се открива како сонувач, жртва, визионер и вечен извор на идеи. Влијанието на „Забрането пушење“ во тогашниот југословенски и постјугословенски контекст е огромно и во оваа приказна добиваме една поинаква перспектива на историјата на рокенролот.

Пред нас се простира топла, емотивна и неодолива приказна за едно детско растење, созревање и стареење во земја натопена со крв, болка и нетрпеливост. На искрен, емотивен и духовит начин, оваа книга зборува за тоа како почна и како заврши сè.

9. „Баудолино“ од Умберто Еко

Вистинската лекција по историја има една порака: не постои апсолутна вистина. Па така, Умберто Еко во романот „Баудолино“ нарацијата му ја предава на еден италијански селанец, кој со својот талент за јазици и вештина за лажење успева да стане посвоен син на императорот Фридрих Барбароса. Повикувајќи се на човековата потреба од приказни – митови, бајки, истории, хроники, семејни традиции, религии, науки – „Баудолино“ ги допира речиси сите средновековни теми: крстоносните војни, трубадурите, легендата за Светиот Грал, улогата и влијанието на Евреите во овој период и вечната борба за моќ помеѓу папата и императорот, истовремено понудувајќи една посмодерна рефлексија на таканаречената сегашност. Возбудлив и игрив, „Баудолино“ заведува со својот свет на лавиринти, дигресии, прекажаности, полувистини, фантазии и фантастики, тајни истории и детективски драми, еден свет во кој веќе не се знае што е историја, а што мит…

10. „Креативни цртежи за забава и релаксација“ – боенка за возрасни

Боењето го буди уметникот во секого, без разлика на возраста.

Постои слобода во изборот на боички, фломастери и моливи, во нивното подредување и во чувството на наплив на воодушевување едка безбојното почнува да се преточува во бојадисано.

За оние што отсекогаш ушивале да цртаат и бојат, “Креативни цртежи за забава и релаксација”, овозможува оттргнување од вашето секојдневие и нурнување во една шематска игра што ви е позната и што лесно ве врзува.

Забавувајте се, опуштете се, истражувајте….

„Секое дете е уметник. Проблемот е како да остане уметник кога ќе порасне.“ – Пабло Пикасо


Повеќе избор на Литература.мк

Advertisements