„Поинаквоста“ во литературата е добредојдена, но во животот – не

Нејзиното име е едно од асоцијациите за македонската литература, глобално. Книгите преведени на различни јазици се веќе сместени на полиците на светските библиотеки и книжарници. Зад себе остава исполнета година, а за 2018 сака освестување од јуришот кон бездната. Да се читаат вистински, вечни книги и да ја вратиме актуелноста на етиката. Лидија Димковска.

Оваа година ја завршувате со кандидатскиот статус на „Но-Уи“ за наградата „Балканика“. Крајот на годината како да е резервиран за вас?

За мене лично 2017 година беше година исполнета со многу лични и семејни радости, како и со книжевни објави и настапи ширум светот, а крајот на годината освен номинацијата на романот „Но-Уи“ за меѓународната книжевна награда „Балканика“ го обележа и објавувањето на мојата поетска збирка „Црно на бело“ во препев на словенечки јазик, нови договори за преводи на „Но-Уи“, „Резервен живот“ и „Црно на бело“ на повеќе јазици, учество, и научно и поетско, на меѓународната книжевна конференција посветена на сведоштвото и поезијата во Белград, Србија, интервју за пост-југословенското писмо во контекстот на мојата генерација писатели на британското радио Би-би-си итн.

Во „НоУи“ преку главниот лик Недељка ги спротиставувате фашизмот и антифашизмот. Во вашите јавни настапи отворено зборувате за вашите политички согледувања на домашната и глобалната сцена. Дали ја преземате улогата на одговорен уметник, совест на добата во која создава?

Апсолутно. Во глобални, но и локални рамки сè повеќе уметници стануваат совест на времето во кое живееме, не само или според делата што ги создаваат туку и според нивниот јавен став во однос на неправдите и неправилностите што се случуваат во светот. Секако, има и многу конформистички уметници како и т.н. неутрални, небаре живеат во вселената, а не во нашиот до срж конкретен свет полн со војни, мртви, раселени, со неолибералистички робови, со сиромаштија, непочитување на човековите права итн., итн. Има и миленици на недемократските системи, некои од нив се подготвени и физички да се справат со своите неистомисленици за да им служат на недемократските системи. Има на пример и уметници кои до таа мера го релативизираат и оправдуваат злото што за нив доброто, слободата, човековите права и демократијата се погрешна категорија, па самите се сметаат за жртви на доброто. Апсурдно, нели? Ама и вистинито – пред кусо време прочитав токму таков роман од македонски автор – со автобиографска фашистичка перспектива и став.

Во Македонија дипломиравте, но творевте во Романија, Словенија, Македонија и на различните книжевни собири, на еден таков ја создадовте „Но-Уи“. Дали и колку тоа Ве направи „поинаква“ во ракописот?

По природа и по убедување сум космополит, тоа е мојата животна, творечка и човечка филозофија. Секоја земја што ќе ја посетам станува „моја“, речиси секој човек што ќе го запознам од друга средина ми отвора нов свет. Живеам во/на повеќе јазици и секој нов го сметам за ексклузивен подарок од животот. Несомнено дека сето тоа влијае врз моето пишување и дека ме ослободува од географските граници, од кичестиот патриотизам, од ограниченоста на националните симболи. Никогаш не сум била против кратење на човековите права во име на граници, јазици, нации, мнозинства. Чувствувам болка кога гледам како некои македонски интелектуалци се повикуваат на нашите најголеми космополити Миладиновци, Конески, Рацин и др. не за ширење туку за стеснување на културниот, јазичниот и интелектуалниот простор на малцинствата во Македонија. Тоа, за жал, не е својствено само за Македонија, го има на овој или оној начин и во далеку поразвиените општества. „Поинаквоста“ односно „другоста“ за мене е богатство и придобивка, но, за жал, во времето и во светот во кој живееме е повеќе несреќа одошто среќа. Во литературата „поинаквоста“ е обично добредојдена, но во животот – не.

 

Што ве прави еден од најпреведуваните македонски автори? Наградите, добриот агент, преводот или самата книга?

Веројатно сето тоа што го наведовте, но без книгата како таква останатите елементи во тој издавачко-промотивен синџир се ирелевантни. Сепак, сметам дека веднаш по добрата книга се на ред преведувачите кои им вдахнуваат живот на моите книги на други јазици. Како авторка која пишува на македонски јазик, живее во Словенија, а светот го чувствува како дом, не можам ни да си го замислам животот на моите книги без моите преведувач(к)и.

Вие по професија сте писателка, во време кога компјутерџиите и адвокатите имаат најплатена работа, дали денес има услови литературата да е професија, а не хоби?

Секако, но зависи од тоа каква литература пишувате, каде живеете, на кој јазик творите и уште од многу други фактори. Авторите на бестселерите живеат подобро и од адвокатите и компјутерџиите, ама тоа се обично автори на книги – еднодневици, лесни за читање, уште полесни за заборавање. За да биде призната литературата како професија треба да има и системски решенија за тоа, што во светот веќе и ги има. Секако, треба да се прави разлика меѓу она што државата треба да го направи на системски план за статусот на авторите/авторките (осигурување, стаж, надоместок за боледување итн.) и она што авторите не смеат да ѝ дозволат на државата да го прави со/за нив: да ги „купи“ со на пр. доживотни месечни парични „плати“ за ова или она, да смета на нив како на конформистичка позиција, да ги злоупотребува за дневно-политички цели.

Во 2018 година посакувам сите заедно и секој поединечно да размисли подлабоко и да преземе одговорност за секој свој потег и кон самиот себе и кон секој друг. Посакувам во секој поединечен живот и во нашиот заеднички свет во кој сите сме современици, да се случуваат само убави и исправни нешта. Етиката никогаш не ни била попотребна, а естетиката, навидум убава и привлечна, е празна без етика вели Лидија Димковска

А како и каде живее литературата денес, во Македонија, а каде и како во Словенија?

На слични места: дома, во книжарници, библиотеки, на читања, фестивали итн. Сепак, постои една разлика: во Македонија читател се станува случајно, а се останува или не – намерно, а во Словенија читател се станува организирано, со т.н. „читачко описменување“ кое започнува од мали нозе, во градинките, и трае речиси цел живот: преку разни форми, награди и пристапи се поттикнува читањето кај децата, но и кај возрасните и нивната животна поврзаност со книгата. Проектот „Читачка значка“ (да се прочита одреден број книги и да се добие за тоа „читачка значка“) постои уште од 1961 г. и како проект од национален интерес е вклучен во сите основни и средни училишта и јавни библиотеки, а целта е да се поттикнат учениците да читаат што повеќе. Секоја година во проектот учествуваат повеќе од 140.000 ученици! Речиси нема населено место без библиотека во која не стигнуваат најновите изданија што можат да се нарачаат преку Интернет, а потоа само да се подигнат. А старите и болни лица ги добиваат книгите доставени на нивната адреса. Најчитаните автори, односно оние чии книги во текот на годината најчесто биле позајмувани, добиваат паричен надоместок за тоа. Просто кажано – првата поврзаност помеѓу книгата и читателот ја прави нераскинлива токму државата, без разлика на моменталната политичка ориентација, без разлика на тоа кој е на власт. На сите им е јасна логиката: еднаш читател – секогаш читател. Од 140.000 ученици –читатели не може, а да не остане голем процент читатели и по завршувањето на образованието. Навиката за читање е веќе вкоренета во битието на човекот, а тоа е и целта на проектот. Една таква стратегија би ја подобрила состојбата во Македонија и патот помеѓу книгата и авторот би станал многу поедноставен и попријатен. Би станал дел од животот. Имам впечаток дека интересот за книжевноста во Македонија, освен на промоциите, постои пред сѐ на социјалните мрежи. Најмногу таму се чини дека книжевноста е сѐ уште жива, читана, коментирана. А кога одам од книжарница во книжарница во Скопје, која од која поосамена, ми се чини дека книгите одамна не се придвижиле од своите места на полиците. Чмаат во празно, впрочем, како и нивните потенцијални читатели, толку уморни од животот што заборавиле дека книжевноста и боли, но и лекува.

Според вас, поради кои причини денес треба да читаме, и што најмногу?

Заради нас самите. И пред сè квалитетна литература, книги на кои одново би им се вратиле, недопрени од раката на тривијалноста, на духовната беда и на конзумеризмот. Тоа обично не се книгите во бомбастичните излози на корпоративните книжарници, тоа обично не се најпродаваните книги, тоа обично не се книгите што глобализмот ги препечатува како на фабричка лента. Да се читаат вистински, вечни книги, книги – класици и книги кои се потенцијални класици. Книги кои ќе ги читаат и децата на нашите деца. Културата на читање започнува во детството и ако е нешто што е секојдневие и навика во нашиот живот не можат да го отргнат од нас ни најпаметните телефони и современи технологии.

Во декември е актуелно прашањето за желбите, посакувањата, амбициите, за новите 365 дена. Што сакате да се случи во 2018 (лично, колективно)?

Имам впечаток дека со секоја измината година се случува сè поголем пад на вредностите, на моралната свест, на грижата, добрината, чесноста, искреноста, одговорноста итн. и тоа на сите полиња на нашето постоење. Кога ли човекот/човештвото ќе се освести дека јури во бездна? Во 2018 година посакувам сите заедно и секој поединечно да размисли подлабоко и да преземе одговорност за секој свој потег и кон самиот себе и кон секој друг. Посакувам во секој поединечен живот и во нашиот заеднички свет во кој сите сме современици, да се случуваат само убави и исправни нешта. Етиката никогаш не ни била попотребна, а естетиката, навидум убава и привлечна, е празна без етика.

 

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s